
Потрошил 1,7 милиони евра во обложувалница, сега ги тужи затоа што не го заштитиле „од себе“
Ли Гибсон од Лидс, Англија, ја тужел обложувалницата „Бетфер“, каде што потрошил милион и пол фунти (1,73 милиони евра), бидејќи тие не го спречиле во тоа, со објаснување дека требало да знаат дека е „проблематичен коцкар“.
Препорачано
Ли Гибсон (47), тајкун за недвижности, пред судот изјави дека поставил повеќе од 30.000 индивидуални облози преку берзата за обложување „Betfair“ помеѓу 2009 и 2019 година, објави британски „Телеграф“.
Како што вели самиот, на почетокот му било интересно и возбудливо, но неговите загуби станале неодржливи и во март 2019 година, неговата сметка била трајно суспендирана.
Потоа тој го тужеше „Бетфер“, тврдејќи дека требало да знаат дека е „проблематичен коцкар“ и дека обложувалницата имала должност да го запре порано. Случајот беше отфрлен од судија на Високиот суд минатата година, но неговото барање за отштета од околу 1 милион фунти (околу 1,15 милиони евра) треба да го разгледаат тројца судии на Апелациониот суд оваа недела.
Адвокатите велат дека случајот би можел да има огромни последици за индустријата за онлајн обложување, бидејќи ќе разјасни кои се должностите на компаниите за онлајн обложување кон коцкарите. Адвокатот на Гибсон, Јаш Кулкарни, рече дека обложувањето на г-дин Гибсон било насочено кон „несигурни фудбалски натпревари со наместен резултат, понекогаш и во суми до 20.000 фунти“.
Кулкарни рече дека судијата требало да утврди дека од „Бетфер“, „знаеле или требало да знаат“ дека Гибсон е „проблематичен коцкар“ и дека третирајќи го како ВИП личност со свој менаџер за односи, требале да преземат должност правилно да се грижат за него.
„Бетфер“ го отфрли Гибсон како клиент на крајот од 2019 година, но тој продолжи да ги тужи, тврдејќи дека тие „знаеле или требало да знаат“ за неговиот проблем и требало да го сопрат порано.
Тој бараше отштета за суми што ги изгубил коцкајќи во текот на шесте години пред да го поднесе барањето во 2021 година, во вкупен износ од околу 1 милион фунти.
На крајот од судењето минатата година, судијата Најџел Берд рече дека не е убеден дека „Бетфер“ требало да знае за неговиот проблем со коцкањето, со оглед на тоа што самиот се обидел да го скрие.
„Г-дин Гибсон постојано и често го уверуваше Бетфер дека е во можност да го финансира своето коцкање, вклучувајќи ги и своите загуби, и ниедна од информациите што тој му ги даде на Бетфер не прикажуваше поинаква слика“, рече судијата.
Адвокатите на Бетфер тврдат дека одлуката на судијата Берд била правилна и го повикуваат Апелациониот суд да ја потврди.