Последни подготовки за полноправното членство во НАТО

Пренесување на искуствата и најдобрите практики за прилагодување на работните процеси на Постојаната мисија на Република Северна Македонија во НАТО и надлежните државни институции со обврските за претстојното полноправно членство е целта на работилницата која денеска ја организира Министерството за одбрана со претставници од делегација на Обединетото Кралство во НАТО.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј присуствуваа на работилницата, изрази задоволство што со британска поддршка ја организираат првата серија подоговки како домашниот систем на државата ќе функционира во соработка со нашата Постојана мисија во НАТО и на кој начин да го извлечеме максимумот од нашето членство во најмоќниот воено-политички сојуз на денешнината.

-Република Северна Македонија ги прави последните чекори пред членството во НАТО Алијансата, нашиот стратешки и државен приоритет број еден. Денеска ги правиме и последните чекори во подготовката. Нашата амбиција не е само да бидеме член во Алијансата, туку да бидеме добро подготвена членка која целосно ќе ги искористи предностите на НАТО членството- рече Шекеринска.

Таа оцени и дека вестите кои доаѓаат од Шпанија се позитивни, последна од членките на Алијансата која треба да го ратификува протоколот за членство.

-Очекуваме следните неколку недели овој процес на ратификација да се заврши и веќе на 11 февруари нашето Собрание да даде зелено светло за ратификацијата на нашиот протокол за членство во НАТО- рече Шекеринска.

Амбасадорката Рејчел Галовеј изјави дека Обединетото Кралство е особено гордо на силните безбедносни и билатерални врски со Северна Македонија, кои се зајакнуваат во изминатите години и ќе продолжи со поддршката на евроинтеграциските процеси на земјата.

– Ни претставува задоволство што во пресрет на исполнувањето на вашата цел за членство во НАТО нашата делегација од Брисел е тука и може да помогне подобро да се подготвите. Ги поддржуваме реформите што се преземаат и ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. Имаме тим на Криволак кој работи со припадници на Армијата, како и советник во Министерството за одбрана и ќе продолжиме и во иднина- изјави Галовеј.

Северна Македонија, посочи Галовеј, веќе има силна улога во НАТО и сега ќе го заземе полноправното место во структурите за носење одлуки.

– Ние тоа го видовме, кога знамето на Северна Македонија гордо се развиори на НАТО самитот во Лондон во декември минатата година- рече Галовеј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот