Помошта за граѓаните зависи од „пакетот инает“

Собрание на РС Македонија / Фото: СП. архива

Петтиот пакет закони наменети за реализирање на антикризните мерки останува „заглавен“ во собраниска процедура сè додека албанската опозициска коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива (АА/А) не даде зелено светло за понуденото решение за Законот за државјанства. Денеска се очекува средба меѓу лидерите на АА/А и премиерот Зоран Заев, а потоа „на брза“ лента да поминат економските закони.  Блокирани се четири предлог-закони, три од последниот пакет економски мерки и еден од претпоследниот- четвртиот. Поради ова, 35.000 граѓани не можат да ја добијат финансиската помош од државата.  Вкупно 7.500  амандмани службите треба да ги обработат и да ги достават до пратениците.

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, за „Слободен печат“ вели дека побарал да се повлечат амандмани барем за четвртиот пакет.

– Несфатливо ми е која било политичка партија да блокира закони со кои треба да им се помогне на најпогодените граѓани од пандемијата. Поради ваквиот однос во Собранието на АА/А, албанскиот електорат ќе ги казни на избори – вели Мисовски. 

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, за „Слободен печат“ вели дека не може да закаже седница од познатите причини, а штом ќе го известат службите дека се создадени услови, тој веднаш ќе закаже расправа по законите.

Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села за Радио „Слободна Европа“ вели дека амандманската расправа трае само три дена, а другите недебатирани амандмани се „фрлаат“ и процедурата продолжува за да стигне помошта до граѓаните.

– Можеби немаат пари,  па бараат изговор. Треба да им се извинат на граѓаните што си играат со нивната тешка состојба – рече Села.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ТВ Алфа даде предлог за деблокада.

– За нас е неприфатливо да се добие државјанство со тројца сведоци. Законот за државјанство не е добар и за СДСМ, бидејќи и Владата даде негативно мислење. Предлагам, ние да ги повлечеме амандманите од Законот за државјанство, тие од петиот пакет економски мерки за да стигнат на пленарна седница и да ги гласаме. Тој што ќе собере 61 глас – ќе биде донесен. Ако Зоран Заев вели дека е против Законот за државјанство, тогаш пратениците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието имаат повеќе од 61 глас. Ако сите партии говорат дека даваат поддршка на стопанството, и пратениците на Коалициите на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, АА/А, Левица, тогаш да го изгласаме петтиот пакет за да може помошта да стигне во стопанството. Така  ќе се одблокира Парламентот, но во исто време сите ние ќе се изјасниме што поддржуваме – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот