
Полувреме: Белгија напаѓа, Македонија успешно се брани во Гент
После првото полувреме во Гент, резултатот на натпреварот од квалификациите за СП 2026 меѓу фудбалските репрезентации на Белгија и Македонија е 0:0.
Препорачано
Како што и се очекуваше, веќе во првите пет минути Белгија имаше повеќе контрола на топката, напаѓаше веднаш во обид да постигна гол во раната фаза.
Во меѓувреме ја имавме првата контра, Атанасов од околу 25 метри шутираше, но не толку опасно, но беше прв наш обид кон голот на Куртоа.
Во шестата минута опасна акција на Белгија која заврши со симулација на Салемакерс во македонскиот шеснаесетник и доби жолт картон од турскиот судија Умут Мелер.
Белгијците воглавно напаѓаа преку крилото Доку, но нашите фудбалери успешно се бранеа на својата половина. Во 13 минута, играчот на Наполи Де Брујне се закани, но неговиот удар беше блокиран од македонската дефанзива.
Четири минути подоцна Белгија успеа да постигне гол, но истиот беше поништен поради офсајд. Сега се редеа шансите на домаќините кои во 20 минута се обидоа и преку Салемакерс кој се обиде со волеј по корнерот на Де Брујне, но топката заврши далеку над голот на Димитриевски.
Конечно повторно нешто се случуваше и на половината на Белгија, Барди се избори за прекршок. Комбинираше со Алиоски, во добра можност се најде Барди, но беше блокиран од белгиската одбрана.
Во 27 минута одново имавме среќа, Салемакерс се најде во идеална шанса да постигне гол, но Атанасов го блокираше неговиот удар. Ашковски доби жолт картон во 30 минута поради невнимателен прекршок врз Де Брујне.
Белгија константно напаѓаше, статистички имаше 10 удари кон нашиот гол, се заканија повторно преку Де Брујне чиј удар заврши лошо над голот.