Политичка трговија: Партиите го „продаваат“ граѓанинот за директорско место

Локални избори 2021 во ОУ „Лирија“, Тетово / Фото: Слободен печат - Mарија Весова

Партиските елити продолжуваат да генерираат размислување за политичка трговија за лични интереси, нудејќи позиции, вработување на граѓаните во замена за обезбедување гласови, вели Самет Шабани од невладината организација „Хоризонт цивитас“, коментирајќи ги пазарењата во пресрет на вториот круг од локалните избори.

– Тесните партиски клики продолжуваат да генерираат менталитет на политичка трговија за лични интереси, нудејќи позиции, вработување на граѓаните во замена за обезбедување гласови. Граѓаните не треба да станат плен на вакви злоупотреби. Гласот е услуга на нашата колективна благосостојба и треба да се даде за колективно добро. Мора да го адаптираме нашиот менталитет на овој начин ако на крајот сакаме развој, а не стагнација во злоупотреба од нереализирани луѓе, кои се обидуваат да задоволат лични потреби на сметка на граѓанинот – изјави Шабани за „Слободен печат“.

Заеднички фронтови против еден или друг

Политичките партии чии кандидати не поминаа во вториот круг од локалните избори, освоените гласови во првиот круг ги ставаат на пазар како да ги имаат в џеб. Така, лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, како што дознава „Слободен печат“ од доброинформирани извори, во четвртокот се сретнал со генералниот секретар на Движењето Беса, Аријанит Хоџа, со кого е разговарано за можноста за поддршка на ДПА за кандидатот Билал Касами за Општина Тетово. Но, она што било пречка за да се постигне договор помеѓу овие две партии за заеднички фронт против Теута Арифи и ДУИ, била понудата на Беса.

Според нашиот извор, Касами му ја понудил на Тачи функцијата претседател на Советот на Општина Тетово, која според понудата би ја предводел синот на Тачи, Пајтим, кој на последните локални избори успеал да стане општински советник како носител на листата на ДПА во Тетово. Беса во замена за поддршката на Тачи понудила и некои директорски места на училишта. Тоа не беше доволно за Тачи. Во саботата се сретнал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со кого се согласиле ДПА да ги поддржи сите кандидати на ДУИ каде што се натпреваруваат во вториот круг од локалните избори, освен во Општина Студеничани каде што се натпреваруваат двете партии. Високи партиски извори од двете партии велат дека средбата Ахмети-Тачи траела два часа и дека покрај соработката во вториот круг од изборите, се разговарало и за подолгорочна соработка. Самиот Тачи најави дека неговата партија за време на владеењето на Арифи во новиот мандат ќе има некои важни директорски места во Тетово. Според партиски извори, се разговарало и за ректорската функција на Универзитетот во Тетово. Долгорочната соработка со ДУИ, според Тачи, значи смена на Беса од Владата и нејзина замена со Алтернатива.

Коалицијата АА-А „фрлила око“ на јавни претпријатија

Од друга страна, партијата Алтернатива на Африм Гаши тврди дека по завршувањето на изборниот процес, сите јавни претпријатија во рамките на Град Скопје, предводени од ДУИ, ќе преминат кај кадри од коалицијата АА-Алтернатива. Во оваа партија се убедени во ова, бидејќи коалицијата АА-Алтернатива е дел од мнозинството советници во Град Скопје.

– Именувањата на директорите на скопските фирми и јавни претпријатија се прават во Градскиот совет, а во Советот сме дел од мнозинството. Сите претпријатија со кои раководи ДУИ од понеделник натаму ќе ѝ припаѓаат на нашата коалиција – изјави Зекирија Ибрахими, висок функционер на Алтернатива. Тој истакнал дека коалицијата АА-Алтернатива е заинтересирана да ги добие „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“ и висока позиција во „Водовод и канализација“.

Министерот за економија и висок партиски функционер на ДУИ, Крешник Бектеши, вели дека за нивната партија не се важни директорските места, туку програмата што се нуди.

– Сериозна политичка партија како ДУИ не зборува однапред за директорски места, туку зборува за рамките на програмите. За нас не се важни директорските места, туку е важно точно да ја реализираме програмата со која излеговме на избори и ја добивме довербата од граѓаните и тоа се случи на 17 октомври – нагласи Бектеши. Тој ја повика Алтернатива да ги повлече директорите на централно ниво што ги оставија додека беа дел од Владата.

Во новиот Совет на Град Скопје, најмногу советници има ВМРО-ДПМНЕ – 18, потоа следуваат СДСМ – 12, ДУИ – 5, Левица – 4, АА/А – 2, ЛДП/ДОМ – 2 и Зелен хуман град – 2 советнички места. Советот брои 45 места, а за мнозинство се потребни 23 советнички места. Во Советот на Општина Тетово, ДУИ ќе има 10 советници, Беса 8, ВМРО-ДПМНЕ 4, Алијанса за Албанците – Алтернатива 4, граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ и СДСМ по 2 и ДПА 2 советници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот