Политичка и економска криза во Либан: Земјата остана без лекови, гориво и пари во банките

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER

Жестокиот политички спор околу истрагата за експлозијата на пристаништето во Бејрут во август 2020 година, го предизвика најлошото насилство што Либан го доживеа во последните 10 години во четвртокот, откако протестите се претворија во смртоносни улични битки во кои животот го загубија најмалку шест лица. Тоа е кулминација на растечката политичка и економска криза што ја погоди земјата.

Стотици приврзаници на Хезболах, поддржани од Иран и неговиот главен шиитски сојузник, Амал, маршираа кон Палатата на правдата во либанската престолнина, кога снајперисти на покривите пукаа врз нив.

Демонстрантите побараа смена на судијата кој ја водеше истрагата за големата експлозија во пристаништето во Бејрут минатиот август, во која загинаа повеќе од 200 луѓе, а илјадници беа повредени.

Бидејќи вооружените судири се засилија во четвртокот, снимките на социјалните мрежи покажуваат како маскирани вооружени лица пукаат додека се криеле зад аглите на зградите, контејнерите и уличните бариери, пишува Си -Ен -Ен.

Либанскиот Црвен крст објави дека шест лица загинале, а повеќе од 30 се повредени во насилствата. Министерот за внатрешни работи Басам Мавлави им рече на новинарите дека снајперисти и вооружени напаѓачи „пукале во глава на луѓето“, додека четири ракети Б7 биле испукани во воздух.

Девет лица беа уапсени по насилствата, се вели во соопштението на либанската армија доцна во четвртокот.

Во заедничка изјава, Хезболах и Амал ги обвинија либанските сили на десничарската христијанска партија дека стојат зад снајперските напади.

Христијанската партија е составен дел на либанската секташка елита со децении, но се обидува повторно да се позиционира како партија против естаблишментот, потег што го отфрлија главните либански опозициски групи.

Конфликтот дојде во време кога Либан се соочува со серија тешки кризи.

Нема струја, лекови и гориво

Неделните сметки за намирници во Либан честопати се еднакви на приходот на просечното семејство. Банките одбиваат да им дозволат на луѓето да повлекуваат пари. Основните лекови често не се достапни во аптеките, а луѓето чекаат во редови за гориво со часови. Секој ден многу домови се без електрична енергија. Целата земја неодамна беше во темнина.

Либан страда од хуманитарна катастрофа предизвикана од финансискиот колапс. Светската банка ја нарече една од најлошите финансиски кризи на вековите.

– Навистина се чувствува како земјата да се топи. Луѓето гледаа како исчезнува целиот начин на живот, вели Бен Хабард, новинар на Њујорк тајмс, кој поголемиот дел од изминатата деценија го поминал во Либан.

Тоа е шокантен пресврт за земја која се сметаше за пример за успехот на Блискиот Исток во 1990 -тите.

Подемот и падот на либанската економија

Како што често се случува со финансиската криза, економијата на Либан порасна, а потоа одеднаш пропадна.

По завршувањето на 15-годишната граѓанска војна во Либан во 1990-тите, земјата одлучи да ја поврзе својата валута со американскиот долар, наместо да дозволи глобалните финансиски пазари да ја одредат неговата вредност. Либанската централна банка вети дека 1.507 либански лири ќе вредат точно 1 долар и дека либанските банки секогаш ќе се менуваат по тој курс.

Политиката донесе стабилност, но исто така бараше либанските банки да поседуваат голема залиха на американски долари, како што објасни Назих Осеиран од Волстрит Џурнал – за банките да можат да го исполнат ветувањето за размена на 1.507 лири за 1 американски долари во секое време. На либанските компании им беа потребни и долари за да платат увозна стока, бидејќи увозот е голем дел од економијата на земјата, која произведува многу малку работи самостојно.

Со години Либан нема проблем да привлече долари, но по 2011 година тоа се промени. Граѓанската војна во Сирија и другите политички тензии на Блискиот Исток и нанесоа штета на либанската економија. Зголемената моќ на групата Хезболах, за која многумина сметаат дека е терористичка организација, ги одврати и странските инвеститори во Либан.

За да го продолжи приливот на долари, шефот на либанската Централна банка изработи план: банките би понудиле многу дарежливи услови – вклучувајќи годишна каматна стапка од 15 проценти или дури 20 проценти – за секој што депонирал долари на сметката. Но, единствениот начин банките да се справат под овие услови беше да им платат на почетните штедачи со пари од новите штедачи.

Се разбира, постои име за оваа практика: шемата Понтиј.

– Кога луѓето го сфатија тоа, се се распадна. Во 2019 година, луѓето не можеа да повлечат пари од банките – рече Хабард.

Официјално, девизниот курс останува непроменет, но во секојдневните трансакции, вредноста на лирата падна за повеќе од 90 проценти од 2019 година. Годишната стапка на инфлација надмина 100 проценти оваа година. Економското производство опадна.

Три нови проблеми

Дури и пред кризата, Либан беше крајно нееднаква земја, со богата, политичка елита, која одамна беше збогатена со корупција.

Ситуацијата е влошена со три големи проблеми од 2019 година.

Прво, владата се обиде да собере пари со воведување данок за сите повици преку WhatsApp, апликација што ја користат многу либански семејства бидејќи телефонските повици се скапи. Данокот ги налути луѓето – од кои многумина го сметаа за уште еден пример на нееднаквост наметната од владата и предизвика големи, а понекогаш и насилни протести.

Второ, пандемијата ја оштети либанската веќе ранлива економија. Туризмот, кој учествуваше со 18% од препандемската економија во Либан, беше особено тешко погоден.

Трето, голема експлозија во пристаништето Бејрут, во август 2020 година, уби повеќе од 200 луѓе и уништи неколку успешни населби.

„Многу луѓе не можеа да си дозволат да ги поправат своите домови“, рече Бен.

Што сега?

Либан формираше нова влада минатиот месец, за првпат по експлозијата. Премиер е Наџиб Микати, милијардер, кој ја извршуваше оваа функција двапати од 2005 година.

Француската влада и другите странски сили ја принудија либанската влада да спроведе реформи, но има малку докази дека ќе го стори тоа. Администрацијата на Бајден, фокусирана на други делови од светот, одлучи да не се вклучи премногу.

Многу либански семејства се потпираат на парите од членовите на семејството кои живеат во други земји за да преживеат.

„Единственото нешто што одржува многу луѓе во живот е тоа што повеќето либански семејства имаат роднини некаде во странство“, рече Бен Хабард.

 

Извор: Би-Би.-Си

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот