Полицајци се повеќе „шуруваат“ со шверцери на мигранти

Фото: Илустрација

Зачести вмешаноста на припадници на Министерството за внатрешни работи во соработката со криминални групи кои шверцуваат мигранти низ државава. Припадници на полицијата се вмешани и во најновата, откриена криминална банда која шест месеци транспортирала мигранти, најчесто во групи од грчко-македонската до македонско-српската граница. Организираната соработка на шверцерите на мигранти со одредени полициски службеници трае со години, и во оваа област не е започната со затварањето на познатата Балканска рута за бегалци и мигранти. Таа датира од раните деведесетти години. Тогаш затворските казни за шверц на мигранти не беа големи, споредбено со денес кога за тоа кривично дело најмалата казна затвор е пет години.

Бранот на илегални обиди преку добро оградената граница со Грција, посебно во делот кај Гевгелија и Дојран познат како „Зелена долина“, никако да се намали, туку напротив, се зголемува. Официјалните податоци на грчката полиција велат дека кај нив сè уште има над 20.000 мигранти. Се шпекулира дека бројот на нерегистрираните е ист како и официјалниот број. Сите тие одбиваат да се вратат во матичните држави.

За постоечката соработка на криминални групи со лековерни полицајци говори и најновата акција на МВР во која се откриени двајца полицајци кои за паричен надоместок издавале каде има полициски заседи или давале информации за патролите долж границата. Сето тоа добро го наплаќале.

Фактите велат дека во изминатите шест месеци се пренеле низ Македонија околу 400 мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак и Бангладеш. Превозот го организирале 14 сега осомничени лица. Тие точно знаеле како да ги избегнат полициските патроли, бидејќи имале двајца полицајци кои им јавувале како е безбедно да ги пренесат мигрантите од кои заработиле помеѓу 150.000 до 200.000 евра за услугите.

За македонската полиција, барем официјално, не е познат само шефот на групата. Но, се знае дека тој имал добри врски со грчкото „подземје“, во земјава составил банда која имала одлична хиерархиска поставеност, налик на полициски систем. Сите имале своја задача. Од пренесувачи, логистичари, возачи, чувари и ред други задачи сè со цел никој да не ги открие мигрантите.

– Мигрантите од соседна Грција постојано се обидуваат да ја минат територијата на Македонија на пат кон земјите од Европската Унија. Бидејќи легално не можат да ја напуштат Грција, спасот го бараат во шверцерските рути. Од јануари 2017 до септември годинава имаме откриено 126 обиди на мигранти да влезат во Македонија. За тоа кривично се гонат 148 лица, а дури 17 од нив не се од земјава. Во посочениот период македонската полиција има откриено дури 2.069 мигранти чија крајна дестинација била ЕУ – велат за „Слободен печат“ од македонската полиција.

Криминолозите, пак, велат дека директна или индиректна вмешаност на полициски службеници во добро организирани криминални банди кај нас е повеќе од очекувано. Двете страни на криминогениот медал, корумпираните полицајци и бандите, велат нашите соговорници, ги врзува само една работа.

– Тоа е поделбата на девизите кои се брзо заработени за успешниот или неуспешен транспорт низ Македонија кој го наплаќаат „по глава“, односно за секој мигрант поединечно. Што повеќе мигранти во еден обид се пренесат од јужната до северната граница, толку е поголема заработката. Нормално е да се каже дека бандите сакаат да имаат за пари соработници во полицијата. Не е нормално полицајци за пари да им помагаат. Тоа е пред сè незаконски. Сепак има и такви случаи. Нереално е да се рече дека ваква појава не постои некаде, или пак дека може да се искорени. Лековерните и наивните полицајци, без разлика колку години работат во МВР, лесно можат да бидат подложни на корупција, а изговор не може да им биде ништо, најмалку пак малата плата – вели криминологот Никола Стојановски.

Тој додава дека секоја соработка на полицаец со криминалец е осудена на пропаст, бидејќи не постои тајна, посебно кога соработката е незакоска.

Професорот по безбедност, Марјан Петковски посочува дека постојат три видови полицајци, односно првите се тие побројните-поштените и професионалците, втори се тие кои се вмешани во криминални активности и трети се тие полицајци кои директно или индиректно се вмешаните, а засега не се откриени.

– Не може еден пример да ги оцрни сите полицајци, но за жал не е еден случај. Пред три години во акцијата на МВР наречена „Којот“, не еден, не двајца, туку пет полицајци беа откриени дека им помагале на криминалци во шверцот на мигранти. Претходно вест број еден беше кога замислете полицискиот инспектор А.Х. (29) од Скопје беше уапсен откако заедно со скопјанецот Р.С. (33) за пари превезуваа мигранти од Гевгелија кон Скопје. Трагедијата за него беше кога неговите колеги тргнаа да го апсат на работното место. Инспекторот сфатил дека е крај и наместо да се предаде, тргнал да бега низ кругот на МВР. Бркотницата со полицајците и инспекторот низ дворот на МВР траела кратко, оти тој се сопнал и паднал. Во февруари годинава  беше откриена 17-члена криминална група од земјава која шверцуваше мигранти. Меѓу уапсените беше и полициски началник од СВР Штип, кој бил известувачот на групата каде има полициски патроли на патиштата, за шверцерите да го менуваат правецот и да не ги фатат комбињата со мигранти. Вакви примери имало и во минатото. За жал вакви примери и во иднина ќе има  – оценува Петковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот