Подарокот од Трамп за Вилма Русковска

epa05931524 Protestors storm the Parliament after Social Democratic Union of Macedonia with Albanian parties elected new President of the Parliament Talat Dzaferi (not pictured) as they have parliamentary majority, in Skopje, The Former Yugoslav Republic of Macedonia on 27 April 2017. President Ivanov didn't give the mandate for a new government, Although Zoran Zaev (the leader of SDSM) provided a list of signatures, guaranteeing parliamentary majority he rejected giving him the mandate with explanation that the coalition between Zaev and the Albanian parties (with their platform for two official languages in the country) would destroy the constitutional order in the country. EPA/MAJA ZLATECSKA

Квалификацијата на Џо Бајден дека оние што насилно влегоа во Конгресот се „домашни терористи“ на директен начин го потврди обвинението за 27 април кај нас и за терористичка загроза на Републиката.

Навистина биле долги прстите на Доналд Трамп. Не само до американскиот Капитол, туку и до македонското Собрание. Иако тие стигнаа речиси четири години подоцна. Една жена може многу да биде „задоволна“ од последиците од бестијалниот упад на хордите на Трамп во Конгресот – обвинителката Вилма Русковска. Не дека би го поздравила освојувањето на Капитолот од оние кои не беа задоволни од изборните резултати, туку што нејзината квалификација за истиот и дури подраматичен настан на 27 април 2017 година во Македонија – дека се работеше за терористички упад – доби целосна потврда. А и судијката Добрила Кацарска (која сега седи во Уставниот суд) може да биде задоволна – нејзиното образложение на долгогодишните затворски казни за учесниците сега се во целосна согласност со она што го зборува едногласно Америка: дека се работеше за обид за пуч оркестриран од Доналд Трамп.

Рускоска само треба да ја прочита оваа реченица од обраќањето на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден од четвртокот:

„Тие не беа демонстранти – не осмелувајте се да ги нарекувате демонстранти. Тие беа разулавена толпа. Бунтовници. Домашни терористи. Тоа е толку базично. Тоа е толку едноставно“И да биде задоволна дека го имала непогрешливиот обвинителски инстинкт и добро расудување за државниот удар што сакаше да го направи слична разулавена толпа на 27 април поттикната и оркестрирана од државни и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Неверојатните настани од американскиот Конгрес, масовните барања за смена на Трамп (иако му остануваат само две недели до крајот на функцијата), најавите на обвинителите дека ќе почнат истрага за улогата на американскиот претседател во обидот за државен удар – инстантно ги ставија под притисок апелациските судии во Македонија кои треба да одлучуваат по жалбите на осудените за 27 април и исто така инстантно внесоа нова димензија во продолжението на судскиот процес за организаторите на македонскиот пуч. Тоа е огромната помош на најсилната светска демократија (и во нејзиниот намрачен момент во современата историја) за демократиите низ светот. Па и на Македонија. Продолжувањето на седницата на американскиот Конгрес по само шест часа од насилниот упад и хаосот за да ги потврди електорските гласови и победата на Бајден беше неверојатен час за силината на американската демократија. Заедно со пораката – демократијата е посилна од сите обиди таа да се поткопа или да се подјарми.

Да се сочува републиката

Доволно е познат оној славен одговор на Бенџамин Франклин (еден од основачките татковци на САД) по Уставотворната конвенција во 1787 година во Филаделфија на излегувањето од зградата каде што заседаваа. Една госпоѓа го запрашала Франклин:

„Па, докторе, што добивме – република или монархија?“

На тоа Франклин ѝ одговорил:

„Република. Ако можете да ја сочувате“.

САД ја зачуваа демократската република. Речиси четири години по 27 април кај нас без прекин траат обидите да се поткопа демократската република. Сега, по американските настани овде се ѕида една планина на лицемерство, во чии пештери сакаат да се скријат сите оние кои од 2017 година се обидуваа работите да ги релативизираат, да ги објаснат со некаков патриотизам на загрижени луѓе на кои им се сервираше изманипулираната приказна за Тиранската платформа и речиси неминовен крај на македонската република. Зарем има нешто поразлично од повикот на Никола Груевски до граѓаните (оние што веруваа во неговите пораки) да излезат на улиците затоа што Македонија не можела да се одбрани со папучи, со повикот на Трамп до неговите илјадници поддржувачи три часа пред упадот во Капитол да „маршираат кон Конгресот“. Ништо. Како што нема ништо поразлично од тоа што по овој потпалувачки говор Трамп си замина во Белата куќа, а Груевски заедно со Александар Николоски отиде во Виена за оддалеку да го следи насилното освојување на власта со логистичката помош на човекот кој тогаш седеше на Водно. Ден по 6 јануари еден од најогнените поддржувачи на Трамп, сенаторот од Мисури, Џош Хоули, кој го водеше обиот да се поништат резултатите од изборите, веќе можеше да ги прочита уредничките коментари во двата најголеми весници во неговата држава во кои се бара негова оставка затоа што „има крв на рацете“. Издавачот на неговата книга, што требаше да излезе наскоро, во која пишува за „тиранијата на големите технолошки компани“ го одложи издавањето, велејќи дека „нашата мисија е да поттикнеме различност на гласови и мислења… но не можеме да го поддржиме сенаторот Хоули по неговата улога со која стана опасна закана за нашата демократија и слобода“. Хоули кога доаѓаше во Конгресот ја поздрави толпата на Трамп со стисната тупаница во воздух.

Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

Шефот на обезбедувањето на Капитол ден по упадот поднесе оставка затоа што лошо ги испланирал одговорите на сите безбедносни ризици и дозволил насилничката толпа да почне да влегува од каде ќе стигне во зградата на Конгресот како во филмот „Напад на полициска станица“. Истрагата за потrфлањето на обезбедувањето на зградата на Конгресот и означување на периметарот околу неа се одвива речиси со фанатичност. Како и идентификувањето на насилниците.

Овде кај нас (во една кревка и слаба демократија) се бараа сите можни оправдувања за собраниското обезбедување, за непостапувањето на полицијата и еден дел од јавноста се обидуваше обвинувањата за безбедносните функционери да ги претстави како политичка одмазда. Немаше никаква истрага зошто Трајко Вељаноски неколку дена си седеше во кабинетот на претседателот на Собранието, како да е уште спикер; примаше и се сликаше со вмровски функционери и пратеници. Само тој акт беше доволен за кривично гонење.

ВМРО-ДПМНЕ три години без прекин зборува дека оние што насилно влегоа во Собранието биле загрижени патриоти. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски, постојано бара нивна амнестија затоа што тие не биле терористи, туку граѓани што си ја сакаат татковината. Во Америка никој не вели дека тие што влегоа во Конгресот не си ја сакаат татковината, но кога тоа сакање ќе премине во деструкција и во обид за пуч, тие добиваат поинаков квалификатив – домашни терористи.

Планината на лицемерството

Пред три недели, на сведочењето во процесот за организаторите на 27 април, Мицкоски изјави дека „народот се самоорганизираше за да протестира против погрешните политики во најава кои тогаш беа актуелни во државата“. Дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувало во организацијата на протестите (па ни Трамп не рече дека го организирал упадот и после го осуди). „Дел од тој народ кој се самоорганизираше бев и јас тогаш кога времето ми дозволуваше и кога можев да им дадам поддршка поради државните функции кои ги извршував во тој период“, рече Мицкоски. Тој самиот беше пред вратите на Собранието на 27 април.

По настаните во Вашингтон и сведочењето на Зоран Заев дека тој не мисли оти „главни осмислувачи и организатори се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите тука. Според мои сознанија, овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски“. И ова изненадувачко сведочење сега изгледа како неважно, а посуштинска е изјавата на Вилма Русковска „Заев нема докази дека обвинетите се невини и неговата улога во процесот е само како сведок“.

Во оваа голема планина Антонио Милошоски веднаш се обиде целата драма на 27 април да ја сведе на само еден човек – Крсто Мукоски и неговото отворање на вратите да го претстави како единствена вина за крвта што протече. „За ваквиот чин во најмала рака одговорност мора да сносат нарачателот и извршителот на насилството, односно оној кој овозможил толпата да влезе во Конгресот“, напиша Милошоски. Па уште ќе одреди дека „немилите настани од Вашингтон мора да имаат правна разрешница“ и дека тоа ќе бил првиот предизвик за Џо Бајден. Ете, тоа е – да се најде „вратарот“ меѓу полицајците кој отворил некоја врата. Или, ако одговорност треба да сноси „нарачателот“ на насилството, дали тоа е треба да се примени и во Македонија. Или можеби Крсто Мукоски бил сѐ во едно – и нарачател, и организатор, и извршител, и сите оние разулавени луѓе што кршеа по ходниците, крвнички го тепаа Заев и другите пратеници, сите, всушност биле Крсто Мукоски, само имале различни преправени лица.

Неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, преку објава на Твитер соопшти дека настаните во Вашингтон биле загрижувачки и дека тие им оделе „во прилог на оние кои создаваат поделби, не посакуваат единство кај народот и кои зад завесата на немилите инциденти извлекуваат лична корист. Насилството не е патот кон поцврста демократија“.

Ако насилствата не се пат кон поцврста демократија тогаш што беа настаните од 27 април – патриотски гест преку кој народот ја заврстува демократијата?

Десничарските екстремисти, кон чиј пат несомнено оди ВМРО-ДПМНЕ, во основа се разочарани од несупехот на пучот во Вашингтон. Во овдешните вмровски структури имаше јавно или прикриено одобрување на политиките на Трамп (не само поради традиционалната врска со Републиканците), туку поради начинот на кој тој, како некаков американски супер-херој, се обидуваше да ги уништи механизмите на демократијата и неговиот отворен десничарски популизам според чија матрица на еден владетел може сѐ да му биде дозволено. Затоа реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ не е ништо поразлична од реакциите на крајно десничарските партии во Европа, кои сломот на Трамп пред да си замине од власта го перцепираат и како слом на нивната политика.

„Постојат стотици луѓе екстремисти кои се обидоа да нарушат демократски процес“, рече Марин Лепен од Франција во телевизиско интервју. „Не би ги мешала со 70 милиони кои гласаа за Трамп“, додаде таа. Џорџа Мелони, лидер на партијата Браќа на Италија, а и претседател на десничарската партиска групација на Европските конзервативци и реформисти, се обиде да го оправда Трамп од одговорноста за нападот врз Капитол.

Во Унгарија, каде премиерот Виктор Орбан имаше отворен позитивен став кон Трамп, провладиниот портал за вести Ориго во четвртокот ги спомена изборите во САД како „сомнителни“ и инсистираше на тоа дека „Доналд Трамп од првиот момент го осуди секое насилно движење“.

Како што по 27 април тврдокорните националисти наеднаш се свртеа кон Груевски, кој немаше друг простор освен да го осуди упадот во Собранието, сега најзакоравените трамписти во САД го нападнаа Трамп дури и за задоцнетото признавање на изборниот пораз и ветувањето за мирна и уредена транзиција на власта. Бидејќи во власта го напуштија речиси сите Трамп немаше каде и во четвртокот изјави дека е „револтиран од насилството, беззаконието и хаосот“ којшто тој го поттикна со неговиот потпалувачки говор и десетдневните повикувања сите да се соберат во Вашингтон на 6 јануари. Главната реакција на неговите најжестоки приврзаници по социјалните мрежи може да се сведе во една реченица: „Убод во грб“. Па затоа, веќе утредента Трамп објави дека нема да оди на инаугурацијата на Бајден. Досега само три пати во историјата на Америка се случило претседателите што си заминуваат да не дојдат на инаугурацијата, и тоа во 19. век.

Ваквата политичка артикулација на крајната десница (што всушност беа и настаните кај нас на 27 април) не почна во Македонија, како што некои сакаат тоа да го претстват. На еден или на друг начин оваа политика се тркала во Европа последниве 30 години (Холандија, Унгарија и Франција се главните предводници). Трамп беше само главен катализатор, а не и нејзин иницијатор. Радикализацијата на крајната десница во САД почна неколку децении пред појавувањето на Трамп. Вмровската радикализацација кај нас доби на сила со доаѓањето на Трамп на власт во јануари 2017. Овие структури се чувствуваа како благословени од новиот жител во Белата куќа кога ги почнаа прво протестите пред Државната изборна комисија со паролата дека „изборите ќе бидат украдени“, а потоа продолжија со секојдневните демонстрации по улиците на Скопје додека Собранието со месеци не можеше да излезе од блокадата под палката на Трајко Вељаноски. И сега вмровските структури со Христијан Мицкоски во главна улога ја повторуваат трамповата мантра – дека изборите биле украдени: и претседателскатите и парламентарните; па дури и локалните во Штип на кои не учествуваа.

Во политиката крајот никогаш не стигнува само може да се преобликува. Но хаосот во Вашингтон и одговорот на американските институции дојде како неочекувана помош за Македонија конечно да се справи со нејзината анархија од 2017. Вилма Русковска и македонските судии веројатно ќе знаат да го искористат овој неочекуван подарок од Доналд Трамп и помошта од Џо Бајден во квалификацијата како „домашни терористи“ на оние што влегуваат насилно во законодавните домови мислејќи дека се посилни од демократијата.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот