Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“ почнуваат илинденските чествувања во државата

Споменичкиот комплекс „Илинден“ во Крушево
Споменичкиот комплекс „Илинден“ во Крушево / Фото: Pexels/Micko Damnjanovski

Почнуваат илинеднските чествувања по повод најголемиот државен празник „Илинден“. Прес-службата на владата вечерва извести за агендата на Премиерот и минстрите за 2 август- Илинден.

Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на свеченост на тврдината Кале во Скопје, претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Камен во Крушево, а претседателот Стево Пендаровски во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, информира попладнево владината прес-служба.

Во Крушево, утре, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани, а на отворањето ќе се обрати Ковачевски, најави владината прес-служба.

Според најавата, на 2 август во 8:30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски  и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ ќе положат цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.

Свечената манифестација во Скопје, продолжува на тврдината Кале во Скопје, во 9:30 часот, каде по положувањето цвеќе пред споменикот на слободата „Сила, слава и победа”, ќе се обрати Ковачевски, по што ќе следи културно уметничка програма.  Ковачевски таму ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Од Владата информираат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, предводејќи државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.

Во состав на владината делегација на чествувањето на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката – Илинден во Крушево се, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе  на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република, со почеток во 9 часот.

Од 10 часот, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, на владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Kамен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.

Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во 10:15 часот, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.

На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општината Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.

Од 09 часот, владината делегација, во состав на заменик министерот за финансии Филип Николовски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, ќе оддадат почит на могилата Даме Груев, споменикот на смилевските Илинденци и  спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев, по што во спомен паркот „Даме Груев“ започнува традиционалната прослава. с

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот