Под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“ во Кинотеката почна проектот „Филмска училница“

На првите часови на почетокот на проектот „Филмска училница“ на 10 октомври во Кинотеката беа присутни десетина средношколци и бруцоши, на возраст од 15 до 19 години, кои конкурираа за учество на оваа уникатна работилница. Тие ќе имаат можност да се запознаат со основите на филмската историја и теорија, режија, сценарио, монтажа, продукција, филмска камера, актерство, сценографија, костимографија на филм.

„Филмска училница“ е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Часовите се одржуваат во сабота, а проектот ќе трае 10 недели.

По запознавањето со дел од предавачите на оваа училница, под водство на филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева, филмологот советник м-р Игор Старделов ги запозна учесниците со историјата и дејноста на Кинотеката. Тие имаа можност и да го посетат депото на Кинотеката, каде што се чува аудио-визуелното наследство на македонската кинематографија.

Филмскиот критичар Стојан Синадинов ги запозна со почетоците и развојот на филмската уметност, а потоа учесниците продолжија со предавањето на Џиџева и дискусиите за основите на филмот. Во реализацијата на проектот учествуваат и филмолозите Александар Трајковски, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христова.

Проектот е замислен како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-визуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија.

Целта на проектот е, преку интерактивното-креативно учење, учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм, како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање на филмски приказни како начин на лично изразување на својот поглед и став кон животот, како и за изработка на сопствени аудио-визуелни етиди кои би им помогнале во текот на нивното школување.

Во реализација на наставата на филмската училница ќе се ангажираат професори од високообразовни филмски школи и професионалци од различни филмски професии (филмолози, историчари на филм, сценаристи, режисери, кинематографери, монтажери, сниматели и дизајнер на звук, аниматори, костимографи, сценографи…), кои ќе ги запознаат учениците со филмската уметност и култура, ќе ги научат за основите на историјата и развојот на филмот, со базичните сегменти на филмскиот јазик, со начинот на создавање на едно филмско дело и ќе ги насочат и помогнат при реализацијата на нивните филмски етиди.

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот