По третиот круг на жирирање одбрани се пет финалисти за наградата за најдобар превод „Драги“

Корици на финалистите за наградата „Драги“

Книжевниот центар „Антолог“ извести дека на претпоследниот состанок на комисијата за доделување на наградата „Драги“ е одлучено во третиот и последен круг на селекција да влезат пет преведувачи со изданија објавени од три издавачки куќи и преводи направени од пет различни јазици.

Меѓу петте финалисти се Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на „Артконект“, Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“, Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на „Бегемот“, Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на „Артконект“ и Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.

Анастасија Ѓурчинова (1963) е есеистка, преведувачка и универзитетска професорка. Работи како професорка по италијанска книжевност на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзини полиња на интерес се: италијанистката, компаратистиката, македонистиката, преведувачките студии и транскултурните студии. Објавила неколку монографии, приредила повеќе зборници и составила две антологии. Преведува од италијански на македонски јазик. За својата преведувачка работа двапати ја добила наградата „Златно перо“. Добитничка е на два ордена од претседателот на Република Италија.

Златко Панзов (1979) дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал на Институтот за македонска литература, Скопје. Докторанд е на Докторската школа за книжевност при Универзитетот „ЕЛТЕ“ во Будимпешта, Унгарија. Работи како Лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија, Универзитет „ЕЛТЕ“. Од 2005 година активно се занимава со книжевен превод. Досега, самостојно или заедно со Анамарија Цинеге-Панзова, објавил над триесет преводи од унгарски јазик. Од 2019 ја организира манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“. Живее во Унгарија.

Иван Шопов (1987) е македонски писател и преведувач. Дипломирал на Катедрата на општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги раскази, песни во проза, сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и на бугарски јазик. Заедно со Владимир Лукаш, во 2019 го основа мобилниот културен центар „КЦ 750“. Работел како уредник во издавачка куќа. Преведува од хрватски, српски, бугарски и од англиски јазик.

Љубица Арсовска (1950) е книжевен преведувач. Главен уредник е на списанието „Културен живот“. Преведува од англиски на македонски јазик и обратно. Досега од англиски ги преведувала Џулијан Барнс, Тони Морисон, Сузан Сонтаг, Арундати Рој, Ијан Мекјуан, Харолд Пинтер, Тенеси Вилијамс и други, а од македонски на англиски Лидија Димковска, Лилјана Дирјан, Ристо Лазаров, Томислав Османли. Таа е еден од основачите на Здружението на преведувачи на Република Македонија (ЗПРМ).

Никола Ѓелинчески (1988) е преведувач од англиски и шпански јазик на македонски и обратно. Бил наградуван на конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“ организиран од Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија (ЗПРМ) и Делегацијата на Европската Унија. Активен член е на ЗПРМ. Уредил бројни изданија и извршил лектура и јазична редакција на голем број дела. Покрај објавените книжевни преводи, негови преводи на домашни и странски автори се застапени и во неколку печатени и дигитални книжевни списанија и платформи.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија. Во првиот круг влегоа 19 преведувачи од 9 издавачки куќи и едно приватно издание. Во вториот круг влегоа 10 преведувачи и 7 издавачки куќи.

Комисијата е во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач).

– Со големо задоволство можеме да кажеме дека иницијативата за оваа награда која досега не беше препознаена ниту од државните ниту од локалните институции, а уште помалку од приватниот сектор, го доби своето прво јавно признание од страна на новата деканска управа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Факултетот станува партнер на „Антолог“ во организирањето на наградата. За организаторот ова претставува исклучително важна соработка. Прво, затоа што Драги Михајловски целиот работен век го помина на овој факултет, а второ затоа што улогата на Факултетот во создавањето на книжевните преведувачи не може да се спореди со улогата на ниедна друга институција во нашата земја – соопштија од „Антолог“.

Двете страни одлучија соопштувањето и доделувањето на наградата „Драги“ да се случи на 2 октомври, во 14 часот, токму на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.

Во истата прилика ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик во издание на „Гутенберг“. За оваа пригода најавено е и личното присуство на преведувачката за време на Фестивалот „Букстар“ (BookStar) во Скопје.

Станува збор за првиот превод од македонски автор на грчки јазик на кој е наведено дека јазикот на оригиналниот текст е македонски. Книгата долго време фигурираше како една од најчитаните во Грција, каде што авторката имаше и бројни интервјуа – за „Катимерини“, „То Вима“, „Ефимерида тон синдактон“, за „Лајфо“, итн.

На Саемот на книгата во Солун во мај годинава читањето на Бужаровска беше едно од најпосетените настани и таму првпат се прозборува на македонски јазик на официјален јавен настан. По успехот на „Мојот маж“, излезе и преводот на „Не одам никаде“, а во подготовка е „Осмица“, сите во превод на Александра Јоаниду. „Мојот маж“ ќе доживее и своја театарска поставка во „Theseum Theater“ во Атина од страна на режисерката Марија Маганари.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.

Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот