По ерупцијата кај Тонга: Претпазлива помош за островите со еден единствен случај на ковид

SP - Ерупцијата на вулканот Хунга Тонга-Хунга Хаапаи снимена од сателит - Фотографија ЕПА, Метеоролошка служба на Тонга

Доставувањето хуманитарна помош за загрозените е делумно попречена поради острите мерки на Тонга за да се изолира од пандемијата

Пристапот до чиста вода за пиење, покривката од пепел и отсечените комуникации се најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите на пацифичката земја Тонга по ерупцијата на подокеанскиот вулкан и цунамите што го заплиснаа брегот.

Океанот навлегол длабоко во населените крајбрежни места и предизвикал големи штети, но, освен тревогата поради една исчезната Британка, до вчера немаше информации за жртви и повредени на пацифичкиот остров. Тонга е под покривка од пепел, кој ги контаминира изворите на чиста вода, а поради оштетување на инфраструктурната мрежа целосно била прекината комуникацијата со некои островчиња од пацифичкиот архипелаг.

Аеродромот останал функционален, па Нов Зеланд и Австралија испратија на помош извидувачки авиони, за да се утврди штетата. Доставувањето хуманитарна помош за загрозените е делумно попречена поради острите мерки на Тонга за да се изолира целосно од пандемијата. На Тонга досега имало само еден единствен случај на ковид-19, регистриран лани на 30 октомври.

Цунамито предизвикано од ерупцијата предизвика жртви на далечина од илјадници километри – во Перу, каде што поради високите бранови се удавиле две лица. Како мерка на претпазливост привремено биле затворени повеќе од 20 перуански пристаништа.

Големи бранови го заплиснаа и брегот на Јапонија, имаше тревога на западниот брег на САД, како и на островската сојузна држава Хаваи, каде што океанот навлегол на копно, но не предизвикал голема штета. Цунамито го разбранувал и Јадранот, но незначително. Последиците биле регистрирани од метеоролошките станици на Истра, до која плимниот бран патувал 17.000 километри за 15 часа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот