Планот за спас на Венеција „потона“ во корупција

Фото: EPA-EFE/ANDREA MEROLA

„Градот на мостовите“, „Невеста на морето“ или со еден збор Венеција, е град кој ги мами воздишките на многу луѓе ширум светот. Градот стои на дури 118 мали острови, одвоени со канали, а потоа поврзани со дури 400 мостови кои датираат од далечното минато. Патувањето во Италија стана непотполно доколку не се посети и Венеција, но овој град се почесто ги полни насловните страници на светските медиуми, и тоа не поради добри причини, пишува српски „Телеграф“.

Градот тоне, минатата недела беше под вода, а кога не е под брановите на морето, тогаш го преплавуваат милиони туристи. Поради тоа, бројни организации апелираат на реакција на властите, а официјалните лица воведуваат различни мерки за да ја ограничат бројката на туристи кои доаѓаат во градот на само неколку часа.

Една од тие организации е „We are here Venice“ (Тука сме Венеција) која има пет основни цели: забрана за доаѓање на големи бродови-крузери, заштита на лагуните, спречување на понатамошниот пад на локалното население и враќање на жителите, воспоставување на контрола врз туризмот и подигнување на свеста кај луѓето.

Една од нејзините основачи е Џејн Да Мосто вели дека Венеција е огледало на светот – „извор на инспирација и микрокосмос на многу најважни глобални предизвици“.

Бранот кој го поплави градот

Венеција изминатиот период го погодија поплави какви што не се видени во последните 50 години. Само неколку сантиметри надојдена вода го делеа градот од нов рекорд.

Иако поплавите не се изненадување, секако тие предизвикуваат се поголема загриженост поради предупредувањата на научниците дека климатските промени ќе ги зголемат нивоата на морињата.

Фотографиите и снимките од Венеција брзо се раширија во светот, а многумина беа вчудоневидени од лошата состојба на градот. Жителите мораа да најдат начин како да ги завршуваат секојдневните активност во вода до нивните колена, а на сите кои во тој момент првпат го посетија градот сигурно не си поминаа најдобро.

– Поплавите многу го нарушија секојдневниот живот. Градот целосно беше парализиран на точките кои беа најсилно погодени. Продавниците и рестораните беа затворени, а сопствениците се обидуваа да ја испумпаат водата од објектите и да го расчистат хаосот. Маркетите не работеа неколку дена, што значи дека беше тешко да се купи храна. Пореметен беше и јавниот превоз, а некои згради останаа без струја. Некои луѓе беа евакуирани од своите домови – изјави за српски „Телеграф“ Касиа Русковски од оваа организација.

Вакво нешто во Венеција не е забележано од 1966 година. И тогаш овој град го погодија катастрофални поплави, а нивото на водата тогаш порасна до еден метар и 94 сантиметри. Овојпат, нивото беше малку пониско – 1,87 метри.

Кој е виновен?

Венеција во моментите на катастрофата го посетија бројни официјални лица. Градоначалникот Луиџи Бруњаро веднаш објави дека штетата изнесува милиони евра, а во објава на Твитер за необично високата плима ја препиша на климатските промени.

Научниците сепак не можат да ги обвинат само климатските промени, но факт е дека тие влијаат за растот на нивото на морето, а последиците од ова во иднина уште посилно ќе се почувствуваат во прекрасниот град.

– Не можеме овој конкретен настан да го поврземе исклучиво со климатските промени, но секако растот на нивото на морето го влошува проблемот. Високата плима главно е резултат на преголемите количини на бродски промет кој минува низ лагуната на Венеција. Поради тоа еродираат чувствителните седименти и солените мочуришта врз кои е изграден градот, оставајќи го подрачјето чувствително на поплави како овие – наведуваат организациите.

По рекордните поплави од 1966 година, градот одлучил дека решение за поплавите може да биде изградба на високи бариери. Сепак, вакви бариери никогаш не се изградени.

– Проектот МОСЕ е основан во 1995 година, а изградбата започна во 2003 година, со цел до 2011 година потполно да се заврши. Меѓутоа, тој беше спречен од корупцијата, а поранешниот градоначалник е уапсен во 2011 година поради сомненија дека проневерил средства од проектот, кој до денес чини 6 милијарди евра. Новиот датум на завршување на проектот е 2022 година – додава Русковски.

Научниците предвидуваат дека нивото на вода може да порасне дури до 2,1 метри поради климатските помени, а последиците во Венеција би биле ужасни.

– Накратко, Венеција би можела да биде речиси целосно под вода. Разорната плима на 12 ноември достигна 1,87 метри, така што порастот на нивотот на морето од 2,1 метри значи крај за градот. Сепак, се уште можеме да се надеваме дека можеме да го спречиме ова со преземање на превентивни мерки и промена во бродскиот сообраќај во лагуната – наведува таа.

Згора на се, Венеција е град кој тоне. Одредени истражувања покажаа дека некои делови на градот тогат меѓу 1 и 4 милиметри секоја година, а целиот град започнува да се навалува кон исток.

Кога нема поплави, тука е „морето“ од туристи

Венеција секога година ја посетуваат милиони турсти. Тоа за локалното население кое се почесто се одлучува да се иселува е неиздржливо, па градот мораше да реагира.

Во италијанскиот град на 1 декември ќе се одржи референдум.

– Посебното управување е клучно. Малку луѓе знаат дека со Венеција ефикасно е управува како предградие на Местра и Маргера, две индустриски градови на копното. Како резултат на тоа, премалку внимание е посветено на проблемите кои се поврзани со Венеција и нејзиното уникатно опкружување. Во декември ќе биде одржан референдум за создавање на наменска локална управа за градот Венеција и се надеваме дека тоа ќе резултира со нова, специјална локална управа која ќе носи политики за борбата против масовниот туризам и последичната депопулација – наведува Русковски.

А како изледа животот во Венеција кога има повеќе туристи од жители во градот. Тешко, вели таа.

– Големите групи на туристи блокираат цели улици и мостови. Исто така, постои пренатрупаност на јавниот превоз. Изнаоѓањето на практични секојдневни услуги како продавници за компјутери и електрична енергија, спортски реквизити и предмети за домакинство станува голем предизвик, бидејќи компаниите кои ги снабдуваат си заминуваат од градот и се заменуваат со попрофитабилни фирми кои се посветени на туризам, како што се продавници за сувенири – нагласува таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот