Пламнаа цените, ќе изгорат паричниците

Раст на цените/ Фото Слободен печат

Маслото што се продаваше по цена од 135 денари, вчера можеше да се најде за цена од 156 до 163 денари, а новата цена на брашното тип 400 сега се движи од 54 до 60 денари, иако завчера чинеше 35 денари. Шеќерот се продава за 55 до 60 денари, а пакување од 10 јајца – 90 до 110 денари. Поскапеа лебот и оризот: во зависност од тоа каков леб купувате, цените се зголемени меѓу 6 и 9 денари.

Основните прехранбени производи и нафтените деривати од вчера се значително поскапи откако престанаа да важат антикризните мерки на Владата што беа воведени во март. Во продавниците уште рано изутрина осамнаа повисоки цени на маслото за јадење, брашното, шеќерот, лебот, јајцата…, а завчеравечер се формираа колони возила пред бензинските пумпи, со цел возачите да наполнат гориво по стара цена.

Маслото што се продаваше по цена од 135 денари, вчера можеше да се најде за цена од 156 до 163 денари, а новата цена на брашното тип 400 сега се движи од 54 до 60 денари, иако завчера чинеше 35 денари. Шеќерот се продава за 55 до 60 денари, а пакување од 10 јајца – 90 до 110 денари. Поскапеа лебот и оризот – во зависност од тоа каков леб купувате, цените се зголемени меѓу 6 и 9 денари.

Раст на цените/ Фото Слободен печат

Завчеравечер се формираа колони возила пред бензинските пумпи. Сите брзаа да наполнат гориво по стара цена, зашто од вчера на полноќ евросупер БС-95 се продава за 104, а дизелот е 95 денари, што е зголемување од околу 10 денари за литар. За 8,5 денари за литар е поскапо и екстра лесното масло за домаќинство.

Антикризните мерки предвидуваа ДДВ-то на основните прехранбени производи да се намали од 5 на 0 проценти, а на енергенсите од 18 на 10 проценти. Се укина и ограничувањето на маржите на трговците. Целта беше, како што објасни тогаш министерот за економија Крешник Бектеши, да се ограничи растот на цените во следните три месеци.

Резервите нема да го спасат стандардот

Организацијата на потрошувачи предупредува на катастрофалните последици од новите поскапувања на стратегиските производи врз стандардот на ранливите категории граѓани.

– Правењето резерви нема многу да придонесе во подобрување на стандардот на потрошувачите, бидејќи цените нема да се намалат. Граѓаните можат да штедат со намалување на потрошувачката на електрична енергија, намалување на купување производи што не се неопходно потребни, но не и на купување прехранбени производи – изјави за „Локално“ Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе предлог-закон, со кој ќе бараат ДДВ-то за течните горива да биде пет отсто до крајот на оваа година. Според најавите, тие ќе предложат и прехранбените производи да бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината.

– Покачувањето на цената на горивата не е последица на растот на цената на нафтата на светските берзи, туку на високата акциза на СДСМ со која го полнат буџетот. И додека Ковачевски во Македонија удира по народот, во Германија ќе има намалување на даноците за горивата и до 30 евроценти по литар. Еден литар гориво, практично, ќе има иста цена и во Македонија и во Германија – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Узунов решението го гледа во штедењето

Од Министерството за економија, пак, посочија дека нема простор за продолжување на оваа мерка, со оглед на фактот дека на тој начин би можело негативно да се влијае врз работата на компаниите од преработувачката индустрија и од трговската дејност. Од Народната банка смируваат и велат дека овој ценовен шок нема да биде драстичен.

Професор д-р Ванчо Узунов од Економскиот факултет при УКИМ решението го гледа во штедењето.

– Не можеме да кажеме дали ќе се смират цените или ќе продолжат да растат, тоа не зависи од Македонија туку од надворешни фактори. Многу мал дел од инфлацијата доаѓа од Македонија. Јас решението го гледам во штедењето, треба да се штеди индивидуално и колективно. Исто така, треба да се скратат и привилегиите, меѓу кои и непотребните патни трошоци што одамна требаше да се укинат, но еве, нека биде оваа криза повод да се направи тоа. Иако кратењето на патните трошоци нема многу да смени – вели економскиот експерт Узунов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот