
Пак се предлага задолжителна веронаука во училиштата, сега од прво одделение до крај на средно
Комисијата за односи со верските заедници официјално им предложила на Министерството за образование и Владата верското образование да биде дел од задолжителната наставна програма – од прво одделение, па до крајот на средното образование, објави телевизијата „24“.
Препорачано
Предлогот е поддржан од сите пет уставно признаени верски заедници во Македонија како и од Асоцијацијата на вероучители. Овој предлог го вклучува верското образование во предметите етика, етика на религии и културно и религиозно наследство, посочи Оливера Трајковска, директор на Комисијата за односи со верските заедници.
Почитувањето на моралните норми на кои пред се учи верското образование може само да биде од полза за општеството а во никој случај на штета, додаде Трајковска, која рече и дека вероучителите трпат голема штета изминатава деценија од законските измени во образованието.
Од МОН за ТВ „24“ велат дека предлогот е примен во министерството и дека ќе се разгледува идната недела.
Во исто време со предлогот за воведување задолжителна веронаука во државните училишта, денеска на заедничко утринско кафе седнаа лидерите на поголемите верски заедници во земјава. Од Комисијата за односи со верските заедници во соопштението од средбата наведоа дека тие „меѓу себе имаат блиски односи преку кои можат да разговараат за горливи прашања без да се создаде тензија, а нивниот пример го следат младите верници.“
Веронауката во државните училишта еднаш се обиде да ја воведе владата на Никола Груевски
Веронауката како задолжителен предмет беше воведена во Македонија во 2008 година, во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Беше понуден избор меѓу „Веронаука“ и „Етика на религиите“ за учениците од петто одделение, со план постепено да се воведе и во повисоките одделенија.
Меѓутоа, по реакциите од јавноста и од здруженија кои алармираа дека тоа претставува мешање на државата во верските прашања, Уставниот суд во јануари 2009 година ја укина одлуката за воведување на предметот Веронаука, оценувајќи дека е во спротивност со уставниот принцип на секуларност и на одвоеноста на државата и верските заедници.