Откриен идентитетот на напаѓачот што уби полицаец во Капитол

Во нападот што вчера се случи во американски Капитол убиен е полицаец, а друг е ранет, но полицијата за сега смета дека не се работи за тероризам.

Се чини дека нападот не е поврзан со тероризам, но ние ќе продолжиме да истражуваме“, рече началникот на полицискиот оддел во Вашингтон Роберт Контри. Тој исто така рече дека напаѓачот се чини дека дејствувал сам.

Во инцидентот напаѓачот е убиен. Вашингтон пост објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека осомничениот бил Ноа Грин и дека бил пријавен во Вирџинија.

Грин е роден во Индијана, но живеел во Ковингтон, Вирџинија. Тој бил невработен.

Неодамна на својот сега избришан профил на Фејсбук напишал дека последните неколку години биле тешки за него, а последните неколку месеци биле уште потешки.

Грин во средината на март напишал дека неодамна ја напуштил работата „делумно поради неволји, но на крајот во потрага по духовно патување“ и дека „страдал од несакани ефекти на лекови кои несвесно ги земал“.

Тој исто така пишувал за својот интерес за „Нацијата на исламот“, црнечко националистичко движење кое се залага за афро-американска самодоволност.

На Инстаграм, неколку часа пред нападот тој ја обвинил американската влада за своите проблеми и напишал дека верува оти федералната влада се обидува на него да спроведе експерименти со контрола на умот.

Во декември минатата година, тој побарал промена на името во Ноа Заим Мухамед, но не се појавил на рочиштето во Индијанаполис минатиот вторник.

Тој слушал предавања на Универзитетот во Флорида и неодамна патувал во неколку африкански земји. Засега нема индикации дека ова може да биде поврзано со нападот.

Полицијата, сепак, сè уште официјално не го идентификувала напаѓачот и соопшти дека мотивот за нападот сè уште треба да се утврди. Според неименувани полициски извори, напаѓачот не бил регистриран во полициските досиеја.

Зборувајќи за нападот шефицата за безбедноста во Капитол Јогананда Питман рече дека осомничениот со својот автомобил се залетал во двајца агенти и притоа налетал на поставената бариера. Потоа излегол од автомобилот со нож во раката и се упатил кон полициските службеници. Во нападот, еден полицаец се здобил со повреди од кои починал, додека другиот бил ранет, а напаѓачот убиен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот