Османи по посетата на Абу Даби: ОАЕ се и ќе останат еден од нашите клучни партнери на Блискиот исток

Скопје, 17 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески - Слободен Печат.

Присуството на Обединетите Арапски Емирати на Западен Балкан има позитивно влијание, поттикнувајќи го економскиот раст и благосостојбата во целиот регион, оценува шефот на дипломатијата Бујар Османи кој на почетокот од неделата беше во посета на Абу Даби.

– Присуството на ОАЕ во регионот на Западен Балкан, особено нивниот придонес и учество во мисијата на НАТО во регионот и на други места и позитивната улога преку директна хуманитарна и развојна помош се високо ценети, рече Османи, во интервју за Новинската агенција Емирати (ВАМ) каде меѓу другото се заблагодарува и за помошта донирана за нашата земја во ноември лани, во опрема за справување со ковид-кризата.

Дополнително, вели Османи, инвестициските проекти од ОАЕ имаат директно позитивно влијание врз економскиот раст и благосостојба на земјите во нашиот регион, нагласувајќи дека директните инвестиции на ОАЕ на Западен Балкан достигнуваат неколку милијарди евра.

За време на дводневната посета на Османи на Абу Даби, прва на министер за надворешни работи на Северна Македонија на ОАЕ во пресрет на 25-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји, беше воспоставен нов патоказ „за понатамошен развој на нашето пријателство”. Тој во понеделникот се состана со шеикот Абдулах бин Зајед Ал Нахајан, министер за надворешни работи и меѓународна соработка и потпиша меморандум за разбирање за политички консултации и договор за заштита на билатералните инвестиции, зделки кои според Османи, дополнително ќе ги зајакнат билатералните односи, особено во инвестицискиот и трговскиот сектор.

– Затоа, ОАЕ се и ќе останат еден од нашите клучни партнери во регионот на Блискиот исток, вели Османи, според кого, постои голем потенцијал за инвестиции на ОАЕ во енергетскиот сектор во С. Македонија, особено во снабдувањето со природен гас, изградба на системи за гасовод и обновливи извори на енергија.

Тој гледа можности и за соработка во областа на одбраната, со оглед дека „како членка на НАТО, Северна Македонија ја препознава реалноста дека ОАЕ се една од најактивните партнерски земји на НАТО и секој партнер на оваа организација е инстантно и наш партнер”.

– Бидејќи НАТО и ОАЕ одлучија да ја зајакнат соработката во решавање на заедничките безбедносни предизвици, нема пречки „за нашите две земји да имаат поблиска соработка во овој сектор, особено во сферата на практична соработка во операциите и мисиите предводени од НАТО, контратероризам, контра-пиратерија, сајбер безбедност и енергетска безбедност, објасни тој.

Северна Македонија во 2014 година ја отвори својата Амбасада во Абу Даби и еднострано ги укина визите за краток престој на жителите на ОАЕ, вели Османи и при тоа изрази надеж дека и ОАЕ ќе усвои реципрочна одлука за отворање на резидентна амбасада во Скопје.

Според прелиминарните проценки, околу 998 граѓани на Северна Македонија, вклучувајќи 70 студенти, живеат во ОАЕ. Повеќето од нив се деловни лица, универзитетски професори, инженери, доктори, ИТ и експерти за безбедност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот