Оштетени штедачи: Кој ги украде 2,5 милиони евра преку доделен ненаплатлив кредит од Еуростандард банка?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Грабежот во Еуростандард банка направил пустош. Практично, не постои ништо што е законито. Криминалот е толку голем да е запрепастувачки како раководството на Еуростандард банка можело оваа масовна кражба да ја изведува со години додека гувернерката Анита Ангеловска Бежоска молчела и го дозволила тоа. Овој грабеж остави илјадници семејства на граѓани и фирми без нивниот личен имот, а институциите и оние високи владини претставници кои велат дека работат во интерес на граѓаните, упорно молчат и понатаму ги толерираат овој организиран криминал и висока корупција.

Случајот со кражбата на нашите депозити преку фирмата Феро Центар ДООЕЛ е еден од типичните примери со доделени кредити од ограбената банка којшто го покажува и докажува тоа. Имено, Феро Центар ДООЕЛ има невратен кредит во износ од 2,5 милиони евра. Според извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски, кредитот е доделен пред година и пол дена пред затворањето на банката односно во 2019 година. Обезбедувањето на кредитот е единствено со обична меница. Фирмата нема платено ниту една рата откако е земен кредитот.

Оваа фирма е основана во јануари 2006 година, со непаричен влог од 5 илјади евра и депонентна сметка во Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Оливера Спировска Мандевска. Седиштето на фирмата е во општина Кисела Вода во Скопје.

Увидот во билансите на фирмата е повеќе од катастрофален. Во времето кога е доделен кредитот, фирмата била во екстремно лоша финансиска состојба, несолвентна ниту кредитоспособна за да добие кредит. Од 2017 до 2019 година фирмата имала загуби од 500 илјади па до 4 милиони евра. Во истиот тој период, обврските на фирмата се движеле од 5,5 до 7,7 милиони евра додека капиталот на фирмата бил негативен од 500 илјади па до 6 милиони евра. Задолженоста на фирмата се зголемила од 110 на 450 отсто! Згора на се, фирмата има и тековен долг од 90 илјади евра за неплатени даноци и придонеси кон Управата за јавни приходи. За фирмата е отворен стечај во февруари оваа година.

Во 2019 година, Управата за финансиска полиција има поднесено и кривична пријава против сопственичката и управител на фирмата Оливера Спировска Мандевска. Кривичната пријава е за даночно затајување и фалсификување или уништување на деловни книги. Имено, како што е објавено од финансиската полиција, Оливера Спировска Мандевска подигала парични средства во готово од фирмата во вкупен износ од над 1,2 милиони евра на име „материјални и патни трошоци” во период од неколку години. Притоа, не приложила евиденција за нивна економска оправданост. Со тоа, таа го оштетила и буџетот на државата од неплатен данок на доход од околу 140 илјади евра. Со цел да ги прикрие трагите за кривичното дело, таа поднесувала и фалсификувани завршни сметки на фирмата со невистинити податоци.

Како е можно да раководството на банката подари 2,5 милиони евра пари од нашите депозити на ваква фирма? Сите индикатори биле против било каква соработка со фирмата како високоризична со никаква можност ниту потенцијал да ги отплаќа ратите од земениот кредит. Како може да се додели кредит на фирма која пливала во загуби и до 4 милиони евра? На која основа е даден овој милионски кредит? Дали некоја од надлежните институции ја испрашал Оливера Спировска Мандевска каде завршиле нашите пари? Финансиската полиција веќе поднела кривична пријава против неа за даночно затајување и фалсификување на деловни книги во 2019 година, а еве се покажува и дека слична приказна постои и за доделениот милионски кредит.

Трифун Костовски и неговата дружина, Коста Костовски и Николче Петкоски, се оние кои го доделиле овој милионски кредит. Сите до еден се добро запознаени и учествувале во одобрувањето на кредитот. Прашуваме кога оваа тројка измамници ќе одговара кривично за нивните противзаконски дејствија во Еуростандард банка.

Што правела гувернерката Бежоска? Како тоа не видела дека трансакцијата од 2,5 милиони евра била всушност за високоризичен кредит, даден само на основа на обична меница, за којшто кредит фирмата Феро Центар дооел ниту имала бонитет ниту капацитет да го враќа? Според кој закон, правилник или постапка гувернерката Бежоска го дозволила кредитирањето на фирма од ваков калибар!?

Кога ќе одговара гувернерката Бежоска за соучеството во овој организиран криминал?

Ова е јасен пример за организирано извлекување пари од банката. Чист криминал преку измама и низа злоупотреби на службена должност и овластувања. Кривичниот законик вели дека оваа организирана криминална група ќе одговара за сторените кривични дела. Раководството на Еуростандард банка, гувернерката Бежоска и сопственичката на Феро Центар ДООЕЛ. Сега или малку подоцна, ќе мора да се соочат со затворски казни. Се разбира, да ги вратат и нашите пари и да не ги остават во аманет за враќање на нивните семејства. Парите мора да се вратат во целост бидејќи не сме ги довериле во коцкарница туку во лиценцирана и контролирана банка, додека повеќегодишниот криминал бил толериран од државата.

Овој криминал не смее да остане заборавен и сокриен. Продолжуваме со откривање на вистината преку факти за грабежот во Еуростандард банка. Од тоа што ќе биде презентирано во понатамошните објави ќе станат појасни и други работи, се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот