Опозицијата е за формирање ново мнозинство, но не по секоја цена

Седница на Собрание на РСМ / Фото: МИА

Алијансата за Албанците очекува предвремени парламентарни избори, Алтернатива уште нема дефинитивен став околу формирањето нова влада или одржување предвремени, а ВМРО-ДПМНЕ вели дека тие ќе се обидат да формираат ново парламентарно мнозинство, но не по секоја цена. Ова се мислењата на опозициските парламентарни партии по усната оставка на премиерот Зоран Заев, што ја поднесе веднаш по убедливиот пораз на владејачката коалиција на локалните избори.

Нашата цел е граѓаните да видат дека има голема разлика, изјави Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ за Телевизијата 24.

– По победата на локалните избори и големиот број градоначалнички мандати, граѓаните ќе ја увидат разликата. Во овој момент сите можни сценарија се во игра, а ние нема да се истрчуваме во однос на донесувањето на конечната одлука во однос на дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ во следниот период – изјави Јанушев.

Алијанса за Албанците (АA) очекува предвремените парламентарни избори да се одржат најдоцна до крајот на 2022 година. Oд партијата на Зијадин Села велат дека се работи на создавање ново парламентарно мнозинство бидејќи, како што нагласуваат, „бродот на СДСМ е брод што тоне“.

– Следните парламентарни избори ќе се одржат најдоцна до крајот на 2022 година. Можеби ќе се одржат и во мај, јуни, но реков најдоцна до крајот на 2022 година. ДУИ и СДСМ веќе немаат кредибилитет. Бродот на СДСМ е брод што тоне. Поголемите градови ги загубија, победија само во рурални општини. Оставката на Заев беше очекувана, бидејќи се посрамоти во Скопје, заедно со ДУИ која го поддржа – изјави генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.

Тој ја отфрли можноста за коалицирање со СДСМ, но не беше дециден дека воопшто нема да има разговори со СДСМ и најави дека формално почнале преговорите за формирање ново парламентарно мнозинство.

– Почнавме преговори за ново мнозинството. Имавме разговори, но сега почнуваме и формално. Кога ќе имаме, а можеби нема да имаме резултат, ќе објавиме – изјави Таравари.

Од друга страна, пратеникот и висок функционер на Алтернатива, Скендер Реџепи, за „Слободен печат“ вели дека уште немаат дефинитивен став околу формирањето на нова влада.

– По локалните избори прво треба да се одржат состаноци во рамките на партиските органи на кои прво ќе се анализираат и ќе се утврдат причините и одговорноста за неповолните изборни резултати, а потоа ќе се донесат заклучоци за натамошното политичко дејствување, вклучително и можностите за формирање нова влада, па дури и за потребата од предвремени парламентарни избори – изјави Реџепи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот