ОН: Војната во Украина и другите кризи го намалуваат бројот на работни места

Обединети нации / Фото: Архива

Меѓународната организација на трудот (МОT) денеска предупреди дека во четвртиот квартал од годинава се очекува бројот на слободни работни места и бројот на вработени ширум светот да се намалат бидејќи војната во Украина и „повеќе кризи кои се случуваат во исто време” веќе доведоа до пониски плати, поголема задолженост и поголема социјална нееднаквост.

Новиот генерален директор на оваа агенцијата на Обединетите нации, Гилберт Хонгбо, ги повика владите да интервенираат за да помогнат во одредувањето на цените на стоките, пренасочувањето на профитот и зајакнувањето на социјалната заштита.

– Решавањето на оваа длабоко загрижувачка глобална ситуација со вработувањето и спречувањето на голем пад на пазарот на трудот ќе бара сеопфатни, интегрирани и избалансирани политики и на национално и на глобално ниво, рече тој.

Хоунгбо додаде дека евентуалниот крај на војната во Украина во блиска иднина „понатамошно ќе придонесе за подобрување на глобалната ситуација со вработувањето”.

На почетокот на годината, МОT регистрира подобра состојба на бројот на работни часови во светот, особено кај жените и работниците на висококвалификувани работни места, бидејќи светската економија закрепна од кризата за време на пандемијата на коронавирусот.

Во денешното десетто издание на набљудувачкиот извештај за работата во светот пишува дека бројот на работни часови е намален за 1,5 отсто, што е еквивалентно на работата на 40 милиони вработени со полно работно време.

„Изгледите за пазарот на трудот се многу неизвесни бидејќи растат негативните ризици, меѓу кои се ефектите од високата инфлација, сè построгите монетарни политики, поголемото оптоварување на долгот и падот на довербата на потрошувачите”, се наведува во извештајот.

МОT наведува дека податоците укажуваат на нагло забавување на пазарот на трудот, иако обично е потребно време за забавување на економијата или рецесијата да доведат до намалување на работните места и зголемување на невработеноста.

Се проценува дека повеќе од 10 отсто од предвоената работна сила во Украина, главно жени, сега е во егзил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот