Одземена концесијата за песок во Долно Коњари, жителите очекуваат ремедијација на уништениот речен брег

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

„И за нас осамна убав ден, многу сме среќни“. Вака ја коментираат вчерашната одлука на Владата за одземање на концесијата за експлоатација на песок од Пчиња жителите на селата Горно и Средно Коњари со кои разговараше Слободен печат. На предлог на Министерството за економија, Владата на вчерашната седница донесе одлука за еднострано раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал на локалитетот с. Долно Коњаре со концесионерот Друштвото за производство, трговија, туризам и рибарство ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ експорт-импорт с. Долно Коњаре во општина Петровец. Веста за ова најпрвин на Фејсбук ја објави министерот за економија Крешник Бектеши.

„Врз основ на извештајот од Инспекторатот за животна средина, Министерството за економија утврди дека концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина, бидејќи експлоатацијата на песокот и на чакалот во близина на реката е вршена надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода кај нерегулираниот водотек на реката Пчиња“, напиша министерот Бектеши на својот Фејсбук профил.

Локалните жители, задоволни од владината одлука, велат дека без медиумскиот притисок институциите немаше да се разбудат за да реагираат навреме.

– Благодарност до медиумите, посебно до вашиот медиум, бидејќи бевте првиот на македонски јазик кој пишуваше за нашата мака – вели Сенад Цамиќ од Средно Коњари. 

По бројните протести на локалното население изминативе неколку години кое тврдеше дека интензивното црпење на песокот од речното корито го загрозува водоснабдувањето од селските бунари, а ископите опасно се приближија до селските куќи, Владата најпрвин донесе одлука за привремено запирање на експлоатацијата на чакал на реката Пчиња во атарот на село Средно Коњари со цел Државниот инспекторат за животна средина да утврди дали ископот на чакал се врши надвор од пропишаното со концесијата, а потоа и му ја одзеде концесијата на концесионерот Еуро Прогрес.

– Само полицискиот час и мерките не спречуваат да направиме голема прослава, бидејќи после толку години дочекавме спас и исполнување на нашите барања. Ние сега очекуваме од Министерството за економија да му наложи на концесионерот да изврши ремедијација на уништениот простор, нивите и речниот брег, што е негова законска обврска, бидејќи во спротивно тоа и натаму ќе претставува опасност за нашите куќи и нема да дозволиме тоа да се прави со отпаден материјал, туку со чиста земја, бидејќи водата во тие ископи е поврзана со нашите бунари и тие не смеат да се загадат, вели Цамиќ.

– Сега помирно ќе дишеме, знаеме дека ја сочувавме реката и дека ќе имаме вода во бунарите, а се надеваме дека ќе се поправат и штетите што се направени, вели Раде Спасовски од Горно Коњари.

Сепак, жителите од овој крај велат дека ќе го очекуваат и епилогот на постапката која за овој случај ја покренува Државната Комисија за спречување на корупцијата.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот