Одземањето дивоградби можеби би вовело ред во градежниот хаос: Герасимовски поднесе Иницијатива за конфискација

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, како што неодамна најави , денеска во ЗЕЛС ја достави Иницијативата за конфискација на дивоградби, која интензивно ја подготвувале во изминатите недели.

 Наместо да трошиме пари од Буџетот за рушење, предлог законските измени кои ги иницирам овозможуваат општините да иницираат постапка за конфискација на нелегално изградените објекти пред надлежните органи. По конфискација, општината ќе може да ги употреби објектите за потребите на граѓаните. Оваа измена би била огромен чекор напред во однос на превенција од идни дивоградби. Општина Центар има неколку големи дивоградби на нејзината територија чие рушење чини стотици илјади евра. Време е да се направат крупни промени за заштита од урбанистичко насилство – напиша Герасимовски на Фејсбук.

Дел од граѓаните го поздравуваат овој потег на градоначалникот, но дел стравуваат дека во иднина ова може да се искористи против инвеститорите за реваншизам од партиите, стравуваат дека конфискуваната дивоградба доколку се даде на лицитација можно е повторно да се откупи од градителите, но прашуваат и што со оние дивоградби што се подигнати за зеленило. Некои укажуваат на правни недоследности.

Иницијативата е во ред од материјален и суштински аспект. Но, не е во ред од уставен, законски и формален аспект. Ова, од причина што со член 244-а став 6 (за кривично дело – бесправно градење) од Кривичниот законик, веќе е пропишано дека изградените недвижности се одземаат. Такашто, со иницијатива за конфискација (друг назив за одземање) која ќе се пропише со друг закон, а која конфискација веќе е пропишана со Кривичниот законик ќе се создаде дуалитет кој е спротивен на правната сигурност и принципот на владеење на правото пропишан со Уставот. Треба добро да се разгледа односот со член 244-а од КЗ – посочува адвокат од Скопје.

Дивоградбите се еден од најголемите проблеми во Скопје, со кои и покрај заложбите ниедна општина до сега не успеала да се справи, затоа што ги има насекаде и секојдневно никнуваат нови. Дел од старите објекти изградени без градежна дозвола се легализираа, за дел има налози за уривање, но на терен работите бавно се одвиваат.

Општините во своите буџети годишно издвојуваат стотици илјади евра наменети за уривање на дивоградби, кои најчесто се зголемуваат со ребалансите на буџетите. Уривањето е скап зафат, особено кога инвеститорот е непознат, па трошокот паѓа на сметка на локалната власт, односно кога за тоа се трошат пари на граѓаните, како што е случајот со дивоградбата на Пластичарска.

И покрај тоа што Општина Центар е цврсто решена да го урне огромниот објект, оттаму неодамна информираа дека дивоградбата само делумно ќе се онеспособи, затоа што за целосно уривање не стигнуваат средствата предвидени во годинешниот Буџет за таа намена.

Само за да се изврши делумно уривање, односно онеспособување ќе се потрошат околу пет милиони денари. Понатаму, со ребалансите на Буџетот ќе се обезбедуваат дополнително средства за објектот да биде комплетно урнат – објаснија од Општината.

Можеби конфискацијата која ја предлага Герасимовски ќе стави некој ред во градежниот хаос и ќе ги одврати градежниците од инвестирање во објекти без дозвола, кои на крајот би можеле да им бидат одземени. За тоа евентуално да се случи, најпрво треба да се прифати Иницијативата која денеска ја поднесена градоначалникот на Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот