Од Србија, преку Ирак, Либија, Тунис, Тибет и Кина, својот рај Јасмин Ма го создаде на Горна Матка

Фото: Приватна архива

Постојат некои места на планетава кои кога еднаш ќе ги посетиш, ќе сакаш да се враќаш повторно и повторно, до бесконечност. А, постојат и животни приказни кои кога ќе ги чуеш, ќе останеш со многу прашања, од кое главното е: Како овие луѓе со толку измешани култури, религии и обичаи живеат во хармонија која не можат да ја постигнат ни двајца луѓе под ист кров од иста мајка родени?

Фото: Приватна архива / Таткото и мајката на Јамин (Самир и Вера), братот Сенан и Јасмин

На едно такво место, во посета на едно такво семејство беше нашата екипа. А, јас не можам да го сокријам воодушевувањето од домот и фармата, заедно со нивните домаќини, кои пленат „на прва“. Но, да започнеме од почеток: Како жената и мајка од ова семејство стигнува на планината над селото Горна Матка?

Фото: Приватна архива / Јасмин и Вера во Кербела, Светиот град во Ирак

Животот со родителите во Ирак

Потрагата на Јасмин Ма по овој нејзин рај не била ниту кратка, ниту едноставна, воопшто не била здодевна, ама сигурно е единствена. Нејзиниот татко Самир Ал – Аббаси потекнува од Багдад, од позната арапска фамилија – Абасидите кои се споменуваат во книгата „1001 ноќ“. Од вкупно шест деца, едното загинува на фронт во војната помеѓу Иран и Ирак, вујкото со кого Јасмин била многу блиска и кој и до ден денес ѝ недостасува. Сакајќи и да прошета и да студира, Самир прво заминува во Турција, па во Србија, за на крај студирањето да го продолжи во Скопје, сместен во Студентскиот дом Стив Наумов. Судбината одлучила во истото време и на истото место, да студира и мајката на Јасмин, Вера, православна Србинка. Ирачанецот и Србинката се вљубиле во Студентскиот дом во Скопје, а од таа љубов се родиле, прво братот на Јасмин, Сенан, а по шест ипол години, во 1975 година, и Јасмин. После долги години, овој пар успеал да купи стан токму во близина на местото на заљубување – во Автокоманда. Во нивното семејство од секогаш се славеле и православните и муслиманските празници, Јасмин и нејзиниот брат никогаш не биле ниту ограничувани, ниту насочувани кон некоја од двете религии.

Фото: Приватна архива / Таткото на Јасмин со сестрата и двајца од браќата, Мајката Захра и таткото Хасан

Работата на нејзиниот татко како стручен соработник во Ексимпорт и Македонија Инвест, ги одвела во Багдад, токму во периодот кога започнувала војната помеѓу Ирак и Иран 1980/81 год, каде остануваат година ипол. Сегментите кои Јасмин ги памети од овој период се сирените на узбуна додека шетале со дедото Благоја (татко на нејзината мајка) низ паркот во Багдад. Постојаните звуци од овие сирени и авионите и ракетите кои прелетувале, ја „терале“ Јасмин да се крие под скалите од куќата.

Фото: Приватна архива / Рада и Благоја и родителите на Самир – Захра и Хасан, во Багдад)

На почетокот ние децата не сфаќавме што точно се случува, сите бевме само вознемирени. Но, откако загина вујко ми Саад на фронт, разбрав што точно се случува, дека луѓето умираат, се убивани и сè е негативно. Ова искуство, заедно со хармонијата и љубовта во која сум растена, ме направија да бидам тоа што сум денес, да не ми биде важно ништо материјално, туку љубовта да ми е на пиедесталот. По година ипол минати во страв, повторно, поради работни ангажмани на татко ми, заминуваме во Либија, каде јас го завршувам првото одделение во српско – хрватско училиште, раскажува нашата соговорничка и додава:

Фото: Приватна архива / Јасмин, поранешниот сопруг Ма Џу и ќерката Бини во Кина и Тунис

Татко ми, откако доби македонско државјанство, работеше како судски преведувач и преведуваше документи на македонски, српски, англиски и арапски. Во една таква прилика, кога дојде студент кај него за превод на документација, ни кажа дека студира во Тунис, а мајка ми беше воодушевена дека има можност и јас да студирам таму, бидејќи претходно имавме отидено на одмор во Тунис и го паметевме тоа место како нешто прекрасно. Така, јас се запишав на факултетот за уметност „Bon’art“ (во превод – убава уметност) во групата за керамика, вели Јасмин.

Фото: Приватна архива / Јасмин, поранешниот сопруг Ма Џу и ќерката Бини во Кина и Тунис

Со првата љубов во Тунис

Овој студент, кога заминуваат заедно со Јасмин во Тунис, таму ја запознава со нејзиниот прв сопруг, кинез муслиман Mа Џу. На 19 години започнува нејзината прва возбудлива љубовна приказна. Кинезите муслимани, како што вели Јасмин, немаат право на повеќе жени, како во арапските земји, но кај нив, како и кај останатите Кинези, „ин“ е да се имаат љубовници. Се разбира, колку повеќе пари во џеб, толку повеќе љубовници. Сето ова, не е јавно, но не е и нешто за кое се крева голема „фама“, претставува еден вид јавна тајна. Од љубовта со овој човек, се раѓа ќерката Бини, која денес има 23 години. Кога таа имала 2 години, Јасмин заедно со неа, дошле во Македонија на одмор, раскажува таа и продолжува:

Фото: Приватна архива / Бини денес

Тука се комплицираат работите, па наместо еден месец, остануваме три и пол години. Во тој период немавме редовен контакт со сопругот, кој поради одредени причини од Тунис морал да се врати во Кина. Знаеше да се јави еднаш на 3, 4 месеци, да дава ветувања дека ќе нè земе, но дека не може во моментов. Конечно, после три и пол години успеав да соберам пари за карта за да отидам во Кина, да видам на што сум, заради Бини и заради себе. Се јавив кај мајка му, бидејќи имав број само од неа, најдов Кинескиња во Македонија за да се разбереме, бидејќи јас тогаш не го зборував јазикот, и ѝ кажавме кога да ме чека на аеродромот во Пекинг.

Фото: Приватна архива / Изложбите во Шичанг

Заминувањето со ќерката во Кина

Јасмин вели дека на почетокот нештата со сопругот биле прилично недефинирани, самата таа имала потреба од време и простор да се прилагоди на новото место, каде не познавала никого, не го знаела ниту јазикот, па како што вели, морала „во Рим да биде Римјанин“ и успеала во тоа. Нејзината мајка Вера, дошла таму за да биде помош и поддршка на својата ќерка во домот и уметничките експонирања. Во Кина останале 8 години.  Јасмин и сопругот, по извесно време, веќе не живееле заедно. За својата ќерка, таткото обезбедувал сè што ќе посакала, освен највредното нешто – времето. Одлуката да остане подолго време Јасмин ја донела поради тоа што Кина ја доживеала како прекрасно, хармонично место, полно со љубов и разбирање. Од биографијата на Јасмин во Кина го издвојуваме нејзиниот ангажман како судија за избор на „Мис на Шичанг“, одржување на три групни авторски изложби на Јасмин, Бини и Вера, по кој повод излегла монографија за Јасмин во Шичанскиот годишен алманах (монографија на настани и личности кои се најзначајни за двомилионскиот град за конкретната година). Меѓу другото, ако некогаш имате прилика да ја посетите Македонската амбасада во Пекинг, ќе ја забележите иконата на Св. Климент Охридски чије дело е токму на нашата соговорничка, а и народниот музеј на Мосу во Лугу  Ху е украсен од слики на Јасмин и Вера. Во близина на Шичанг се наоѓа област на самото езеро Лугу ху, каде живее народот Мосу кај кои сè уште владее матријахатот, а тука Јасмин водела училиште по англиски јазик. За разлика од Балканските простори, како што споредува Јасмин, луѓето во Кина не се занимаваат со животите на другите, нема „рекла – казала“ муабети, нема ниту озборување или завист, луѓето се многу љубезни, искрени и работливи. Едноставно, ги имаат сите карактеристики кои се потребни за човекот да биде среќен. Дури и тука, на Матка во својот дом, таа се обидела да пренесе дел од кинеската енергија преку сувенирите и украсите донесени од таму.

Фото: Приватна архива/ Шичански весник
Фото: Приватна архива / Јасмин, Вера и Бини во Лугу Ху
Фото: Приватна архива /Јасмин и Вера со народот Мосу во Лугу Ху
Фото: Приватна архива / Изложба
Монографијата – Монографијата – годишен алманах

Идилична семејна оаза со Уран во Горна Матка

Речиси секое лето доаѓав во посета на Македонија. На една од тие посети, го запознав Уран, преку заедничка пријателка. Отидовме на кампување на Горна Матка, дел кој што не знаев ни дека постои и тогаш бев маѓепсана, и од местото и од човекот. Сепак, моравме да се вратиме во Шичанг, Кина, за Бини да ја заврши учебната година. Првите три месеци од враќањето во Кина, со Уран комунициравме преку интернет, за потоа и тој самиот да дојде тука на престој кој траеше 3 месеци. За тоа време ги „вагавме“ опциите дали е паметно да останеме во Кина или да се вратиме во Македонија. Одлуката, еве очигледно „падна“ на Македонија, а за истото беше согласна и Бини. Таа секако не растеше покрај својот татко, а со Уран воспоставија прекрасен однос. Денес Бини живее во станот на својот очув, ние сите сме едно семејство, независно од крвното сродство. Уште во Кина увидовме дека и двајцата ги имаме истите размислувања и желби – да имаме своја куќа на планина. Во тоа време фармата ја немаше ни како идеја во нашите глави, но денеска еве ја изреализирана, низ насмевка ни раскажува Јасмин.

Фото: Приватна архива / Уран, Таткото на Јасмин, Јасмин и Ласа ќерката

Јамин го задржува презимето Ма од поранешниот сопруг бидејќи е специфично и неа ѝ се допаѓа. Уран, исто така, е дете од мешан брак помеѓу Македонка и Албанец. И тој, како и Јасмин, растел со обичаите од двете релегии, без никакви ограничувања. Јасмин, Уран и Бини го започнуваат заедничкиот живот во станот на Уран во Дебар Маало, а во меѓувреме го наоѓаат плацот на кој денеска се наоѓа нивната куќа. По кратко време, пред 8 години, се раѓа нивната заедничка ќерка Ласа, име добиено по омилената пејачка на Уран – Ласа де Села и омиленото место на Јасмин – Ласа- главниот град на Тибет. Ласа е девојче кое е многу тешко да го опишете. Истовремено е дете и на денешницата, но и на минатото. Од својата втора година живее со животни, на фарма, но истовремено знае и 4 јазици, свири на клавијатура и гејмува. Питома, мила, искрена, среќна, полна со љубов – тоа е Ласа. Една самовила со коса до грб, која одлучува да ја ишиша за да ја донира, а плетенката сè уште е тука и го бара својот сопственик. А како Јасмин го изразува уметничкиот порив кој, како што вели, не е возможно да запре? Каде што има волја, има и начин. Имено, од козјото млеко во комбинација со етерични масла и тревки од плодната Матка, произведува сапуни, убави, здрави и квалитетни. Исто така, изработува и свеќи, слика икони, прави фигури од глина, портрети и слично.

Фото: Приватна архива / Ласа со родителите
Фото: Приватна архива / сапуни  – Матка Фарм
Фото: Приватна архива / Горна Матка
Фото: Приватна архива / сапуни – Матка Фарм
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива / Плетенката на Ласа за донација

Во куќата на фармата каде живеат заедно и сложно, и мачиња и кучиња, папагали, кокошки, препелици, мисирки и кози, измешани културии, религии и обичаи снимивме видео разговор со Јасмин, за да ви ја пренесеме хармоничната атмосфера. Ова е линк од нивната фарма и сè што тие нудат https://www.facebook.com/gornamatka,  а во продолжение, откријте за процесот на добивање млеко и останати млечни производи, од шталата до нашите трпези.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот