Од музичката сцена до масовните гробници

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Уметниците, па така и музичарите, а уште повеќе естрадата, во секое општество и во секое време, имаат длабоки линкови со политиката, колку и да не го сакаат (или негираат) тоа. Воедно, музиката е универзално и моќно возило за идеите.

Музиката на Балашевиќ не ја сакам, бидејќи никогаш не сум слушал таква музика, а ни неговата поезија не ми е блиска.

Во младоста, ги читав филозофите на левохегелијанската школа, но најсилно влијание врз мојот начин на мислење, во тоа време, изврши Фридрих Ниче; подоцна и француските егзистенцијалисти и руските нихилисти. Сите заедно, ни оддалеку не оставаат простор за креирање и следење идоли во мојот „систем“, па така и не се одушевувам многу ниту од живите, ниту од починатите „величини“ кон кои се негуваат култови. Особено ми е туѓа возбудата од тукушто починати познати личности, па нека е тоа Мајкл Џексон или Ѓорѓе Балашевиќ, кој овде ми е повод, но не и тема.

Се разбира, го познавам (не во детали) творечкиот опус на „балканскиот славеј“, од општа култура, но и затоа што во 70-те години беше неофицијална југословенска музичка лектира „Рачунајте на нас“. Но, подеднакво, ако не и подобро, го познавам опусот и на шансониерите како Оливер Драгојевиќ, Ѓорѓе Марјановиќ, Драган Стојниќ, Јадранка Стојаковиќ, Тереза Кесовија, Арсен Дедиќ… И не сум им фан. ОК, можеби малку на Арсен Дедиќ, особено во настапот заедно со Раде Шербеџија и Дарко Рундек во песната Na nešto me sjeća taj grad.

***

Но толку за музичките вкусови. Оваа утринска прошетка низ мислите и спомените сакам да ја продолжам со општествената одговорност на музичарите и нивното влијание во политичкиот живот. Се разбира, само накратко и без посебни амбиции, особено затоа што е лична белешка напишана во едно мрзеливо неделно утро. И ни оддалеку не сакам да биде доведено во некоја длабока врска (само) со Балашевиќ и сите кои го сакаат, секоја почит за тоа.

Едноставно, и луѓето во моето најблиско опкружување, со кои живеам или работам, само ја сакаат музиката и не ги допира политичкиот контекст на нивното творештво. И длабоко го почитувам тоа. Како што и јас го почитувам сликарскиот опус на Салвадор Дали, и го презирам неговото пријателство со шпанскиот фашистички генерал Франко, кој изникна од Шпанската граѓанска војна во која, меѓу другите, се борел и творецот на Југославија, Тито.

***

Уметниците, па така и музичарите, а уште повеќе естрадата, во секое општество и во секое време, имаат длабоки линкови со политиката, колку и да не го сакаат (или негираат) тоа. Воедно, музиката е универзално и моќно возило за идеите. Само еден од безбројните примери: Светските музичари го ослободија Нелсон Мандела од тридеценискиот затвор во Јужноафриканската Република (Free Nelson Mandela – The Specials). Легендарниот Боб Гелдоф со Лајв Еид собра 127 милиони долари за помош на гладните во Африка во 1985 година.

Од југо-патриотски творец, Балашевиќ се трансформира во 80-те, секако, во поблага форма од некои свои колеги. Ѝ кажа, иако срамежливо, не и на војната. Примери за извонредни музички имиња кои се трансформираа многу пожестоко, среде погромот врз Југославија, има многу. Овде е кратка селекција од тие имиња. Бора Чорба го поддржа Милошевиќ и сите останати српски националисти, меѓу другото, ја испеа и „Баба Јула“. Тука е и Оливер Мандиќ кој беше дел и од паравојската на Аркан, а неодамна му бакна рака и на Александар Вучиќ. Од другата страна на фронтот, Марко Петровиќ – Томпсон учествуваше во војната на хрватска страна и со својата музика со децении ги подгрева националистичките чувства на радикалните Хрвати. Јура Стублиќ ја напиша и испеа „Е мој друже београдски“ која стана омилена за милиони фанови низ цела екс-Југославија, но истовремено се најде на плеј листите на хрватските домољуби.

Секогаш и секаде каде што има влијание, има и одговорност.

Беа тоа времиња на изострени контрасти, кога оние што не размислуваа како балканските касапи, беа прогонувани, па и ликвидирани (како познатиот новинар Славко Ќурувија). Тогаш, многу уметници и естрадни ѕвезди ја видоа својата шанса да наполнат сали со помош на режимите. Со своето влијание, тие му даваа сила и оправдување на воениот ураган кој ја збриша Југославија во крвавите војни, кога загинаа стотици илјади мажи, жени и деца, а милиони луѓе беа раселени низ Балканот и светот. Само во БиХ, од 4,5 милиони луѓе пред војната, само 1,5 милиони луѓе беа затекнати во своите оригинални живеалишта.

Таа трансформација на дел од југословенските уметници беше во остар контраст со легендарните Екатерина Велика, Електрични оргазам и Партибрејкерс кои своевремено го формираа супер бендот Римтутитуки (Турим ти киту) и ја создадоа песната „Мир брате мир“ која потоа често ја пееја мировните активисти ширум ранетата Југославија во 90-те.

Ова размислување ме враќа уште порано, на самиот почеток на распадот…

Мега концертот „Јутел за мир“ се одржа во големата спортска сала Зетра во Сараево, 28 јули 1991 година, со . Најпознатите југо-бендови свиреа за мир пред 30.000 луѓе на кои им успеа да влезат во салата и уште некои 50.000 луѓе кои од надвор го следеа настапот на своите омилени бендови и протестираа за мир. Многу повеќе од половина од нив не ми се ни оддалеку омилени музички имиња, но сметав дека заслужуваат да бидат споменати. ЕКВ, Бајага и Инструктори, Индекси, Регина, Неле Карајлиќ, Плави Оркестар, Горан Бреговиќ, Црвена Јабука, Раде Шербеџија и други, беа на сцената таа јулска ноќ на прагот на крвавата деценија.

Подоцна, во текот на опсадата на Сараево, Зетра служеше како масовна гробница.

Да. Кратка е, иако не секогаш видлива, патеката од музичката сцена до масовните гробници…

Преземено од Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот