Од идеи за нови граници до прогнози за крвави кланици

Македонија најверојатно ниту оваа година нема да ги почне преговорите за членство со ЕУ, овој пат поради политичката криза што се посилно ја зафаќа Бугарија, а предолгата статус кво ситуација, освен нервоза кај државниот врв и растечки евроскептицизам кај граѓаните, создава и безбедносни ризици во земјата и регионот. Премиерот Зоран Заев, министрите и шефот на државата Стево Пендаровски деновиве сѐ погласно ја повикуваат Европа да го испорача ветеното, нагласувајќи дека во игра е кредибилитетот на Унијата, но и стабилноста и иднината на регионот.

Според Пендаровски, нон-пејперите што се појавуваат во последно време за промена на границите се од центри што не му мислат добро на Балканот и тој предупредува дека тие опасни идеи „се рецепт за кланица што може да биде пострашна од оние во 90-тите“.

Трајанов: Самите си создаваме најголеми кризи

Лидерот на ДС, Павле Трајанов, вели дека идеите од актуелните нон-пејпери за нови балкански граници може да ги разгорат национализмот и екстремизмот во Македонија, но не и да ја дестабилизираат земјата, која има договор за стратешко партнерство со САД, кои, пак се гарант за нејзиниот мирот и стабилноста.

– Сите овие идеи што се пласирани за поделба на Босна, за поделба на Косово, за создавање етнички држави како Голема Србија или Голема Албанија, ќе го подгреат екстремизмот во регионот. И во Македонија е можно да се разгори национализмот, особено ако расплетот на некои прашања на Балканот подразбира промена на некои граници и ако земе замав идејата за Голема Албанија. Тоа може да влијае врз внатрешната стабилност на Македонија, но тие идеи или случувања нема да имаат доволно енергија за реално да ја дестабилизираат земјата или во некој поширок контекст да го дестабилизираат регионот. САД биле и ќе останат присутни, а периодов тие се и поактивно вклучени во Македонија, како што покажа акцијата со лажните пасоши или онаа на ДЕА со запленетиот канабис. Тоа покажува дека ние имаме поголема опасност по стабилноста и безбедноста од внатрешните проблеми што сами ги создаваме отколку што може некој однадвор да ни ги наруши. Нашите безбедносни служби треба да внимаваат и да ги чуваат националните и државните интереси и да ги заштитат од партиските интереси – вели Трајанов за „Слободен печат“.

Во врска со Бугарија, Трајанов смета дека оттаму не може да дојде опасност по нашата стабилност во смисла дека изборите покажале дека тамошните граѓани не сакаат екстремистички идеи, а екстремистите биле поразени на гласањето.

Пендаровски: Никој не е безбеден во немирно соседство

Од друга страна, долгото останување во чекалницата на ЕУ може да создаде немирно соседство, а во такво соседство, како што предупредува Пендаровски, никој не е безбеден.

– Добро е што по повод овој нов бран нон-пејпери, постојни и непостојни, повеќемина од највисоките политички нивоа во Европа се јавија. Пред два дена тоа го направи господинот Борел, кој рече дека тие идеи се апсолутно неприфатливи. По 30 години инвестирање во регионот и помош од меѓународна заедница, сега ние ќе размислуваме за сосема друга парадигма, ќе менуваме граници за да живееме подобро? Тоа е рецепт за кланица. Тоа е рецепт за војна, која може да биде пострашна според своите последици од оние во 90-тите – вели Пендаровски во интервју за МИА.

Тој тврди дека безбедноста на Македонија е гарантирана како членка на НАТО и тоа и од класични и од новите видови хибридни закани.

– Сакам да предупредам на една друга опасност, која веројатно понатаму ќе се открива како што ќе се одвиваат настаните. Завчера видов сосема нов, трет, четврти не знам кој по ред нон-пејпер, кој е наводно некаква француско-германска иницијатива. Од она што го разбравме од нашите колеги од двете држави, таков документ тие официјално како државни институции не направиле и не поделиле. Во наредниот период, а тоа веројатно веќе се случува, некои центри што се надвор од нашиот регион и кои не му посакуваат добро на регионот, ќе продуцираат се такви некакви нон-пејпери, нови и нови со цел да ја намалат вредноста на институциите и довербата на граѓаните, за граѓаните да речат ова е хаос… Инаку, просто е неверојатно онолкави дипломатии, држави со традиција, земји кај кои политиката се третира на најсериозен можен начин, какви што се Франција и Германија, да продуцираат тукутака на дневна основа нон-пејпери во кои има дури и детализирани работи. Станува збор во еден дел за лажни нон-пејпери од некои центри на моќ, кои не му посакуваат добро на Балканот – вели Пендаровски.

Министрите разочарани

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров повтори дека треба да се најде начин да продолжат разговорите со Бугарија, зашто во спротивно двете земји, но и целата ЕУ се губитници.

– Ние имаме многу што да изгубиме ако повторно нема почеток на преговорите и нема успех. Ќе биде многу тешко зборовите на ЕУ да бидат третирани со доверба и сериозност, не само кај нас, туку во целиот регион. Нема гаранции дека ќе ги почнеме преговорите во јуни, да бидеме реални. Не сакам ни надежта да ја поткревам. Мое е да го кревам влогот и да бидам што е можно поискрен и дома и надвор – рече вчера Димитров.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека, ако наскоро има техничка влада во Бугарија, тоа значи дека не е можен пресврт.

– Има еден дел од обврските што не зависат од нас. Ние не можеме да ја избереме бугарската влада и не можеме да го создадеме преговарачот од другата страна. Тоа на што не можеме да влијаеме погрешно е да го прогнозираме – рече Шекеринска.

Според неа, Македонија во изминатиот период покажала дека ги завршува своите обврски за може подоцна да се каже дека поради наши пропусти нешто не се случило.

Османи со „писмена“ офанзива во ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве испратил писма до повеќе адреси во ЕУ, со кои бара поддршка Македонија да ги почне преговорите за членство во јуни, за време на португалското претседателство. Писмата се испратени до министрите за надворешни работи на земјите членки, претседателите на политичките групи во Европскиот парламент, членовите на Комисијата за надворешна политика, до пратениците кои се дел од неформалната група на пријатели на Македонија, како и до бугарските институции и европратеници. И тој вели дека кредибилитетот на процесот на приклучување на регионот во Унијата е под сериозен тест. Османи пишува дека годинава се одбележуваат 20 години откако Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и 16 години како стана земја-кандидат.

„Историската одлука од март минатата година ЕУ да ги отвори преговорите за пристапување на С Македонија дојде како резултат на значајните достигнувања во реформите и храбрите одлуки што раководството и граѓаните ги донесоа како потврда на стратешката насока што ја избравме“, наведува Османи.

Попов: Без стабилна Македонија нема стабилен Балкан

Бугарскиот професор Стефан Попов вели дека долгорочната стабилност во Југоисточна Европа е недостижна сѐ додека „прашањето за Северна Македонија не добие одржливо решение“.

– Не Косово, туку С Македонија е најголем ризик за регионот. Косово беше српска „покраина“ и иако проблемот е остар, во него се вклучени само две земји. Случајот со С Македонија, обратно, води до мноштво последици за стабилноста на целиот регион – оценува Попов во своја анализа во бугарските медиуми.

Тој вели дека бугарското вето е израз на националистички анахронизам, кој меша културни прашања со проблеми на меѓународната безбедност. Стабилноста на Балканот, според него, зависи од зајакнувањето на државноста во Македонија, што може да се гарантира единствено со членство во ЕУ. Иако САД, претставници на ЕУ и лидери на земјите членки го изразиле нивното разочарување од бугарското вето, тој на хоризонтот не гледа брзо и лесно решение, туку сигнали за влошување и укажува на ризиците од тоа.

Попов вели дека односот на соседите кон Македонија многу потсетува на старите идеи од пред еден век кога Грција, Србија и Бугарија користеле јазични, верски или културни аргументи за претензии кон нашата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот