Нулта толеранција: Новиот закон ќе ги казнува дури и поповите и оџите ако жената ја третираат како во народните приказни

Со новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој наскоро ќе се најде пред пратениците, предвидени се низа високи казни за разни институции и организации кои нема да реагираат навремено кога жена е жртва на семејно насилство.

Предвидени се казни од 1.000 до 5.000 евра и за Министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за здравство, за правда, центрите за социјална работа, обвинителствата, општините, ако не постапуваат по дадените надлежности.

Со парични казни од 100 до 500 евра може да бидат казнети поединци на раководна позиција во центрите за социјална работа, па и министри, обвинители и други раководни лица во државните органи, ако не постапат со жртвата на семејно насилство како што пишува во законот, или ако не обезбедат услови и политика како што е прецизно напишано како нивна одговорност.

-Нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство за Министерството за труд и социјална политика е главен приоритет и оттука ова законско решение е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството. Овој Закон е важен дел од Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција,  која нашата држава ја ратификуваше во декември 2017 година- истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска пред десетина дена кога го најави овој закон.

Таа потенцираше дека Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е навистина сеопфатен и  овозможува конкретна заштита и поддршка за жртвите.

-Жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институции, а товарот за докажување е на страната на институцијата и лицето во институцијата што пропуштило да постапи согласно закон, а жртвите се ослободени од судски трошоци во текот на судската постапка- посочи министерката.

Со законот ќе бидат казнети и верските заедници доколку поддржуваат насилство врз жената.

Член 45 од законот вели: „Црквите, верските заедници и религиозните групи имаат обврска да се воздржат од изјави, соопштенија или објави со кои се оправдува насилството како резултат на религија, култура, традиција или обичај“.

Досега во медиумите дел од владиците на МПЦ излегуваа со неретко навредливи ставови кон жената, како што беше оваа, што предизвика низа реакции во јавноста: „Голем дел од браковите, за жал, се разведуваат заради горделивоста , заради тоа што секој сака да командува, заборавајќи на тоа дека глава на куќата е мажот, а жената е подвластена на мажот“.

За да се стави крај на родовата нееднаквост и дискриминација како и стереотипите кои владеат во општеството, неодамна Министерството за образование и наука го повлече учебникот по македонски јазик за петто одделение во кое беше поместена македонска народна приказна со наслов „Мрзливата сопруга“ која меѓудругото поттикнува и насилство врз жената и шири антицивилизациски пораки. 

Министерката Шахпаска изрази убеденост дека Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во собраниската процедура ќе добие поддршка и од опозицијата, бидејќи насилството не познава партиска определеност, насилството не познава верска или етничка припадност, општествен или имотен статус.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот