НСЕИ: Улогата на Собранието е клучна во процесот на европските интеграции

Фото: МИА

Улогата на Собранието како законодавен дом е клучна во носењето на законски решенија кои се неопходни за реализација на европските рефроми, но и во политичка одговорност за насоката на движење на земјата за постигнување на стратешката цел – членство во ЕУ, е заклучокот од денешната заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и на собраниската Комисија за европски прашања на која амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава Хозе Луис Лозано Гарсија ги претстави програмата и приоритетите на шпанското претседателство со Советот на ЕУ за втората половина од годинава.

Во своето излагање евроамбасадорот Дејвид Гир се осврнал на забелешките во делот на реформите во правосудството и владеењето на правото.

-Во многу клучни области реформите кои што се поддржани од страна на ЕУ и други донатори, не напредуваат како што требаше и во некои случаи има и негативен развој на настани кои не очекувавме да ги видиме од земја која започна преговори за пристапување во ЕУ. Овој законодавен дом има голема улога која може да ја одигра со тоа што ќе го одблокира носењето на клучни закони и ќе го обезбеди соодветното функционирање на други важни институции, порача Гир во обраќањето.

Како што објави МИА, тој посочил дека Владата се уште треба да разработи и усвои нова стратегија за судска реформа за периодот 2023-2027 година која ќе се осврне на недостатоците во имплеменатцијата на соодветните закони од кои, вели, некои испливаа на површината со неодамнешните настани во Судскиот совет. ЕК како што е најавено, потсети тој, за таа цел ќе испрати висока оценка мисија за да го подобри функционирањето и оформувањето на Судскиот совет и да ја подобри неговата ефикасност и професионалнот.

Евроамбасадорот Гир се навратил и на нацрт уставните измени кои што треба наскоро да дојдат во Парламентот, а како што рече, е суверена одлука за оваа земја, чие усвојување, ќе биде важен чекор кој автоматски и без натамошно одложување и вето, ќе води до одржување на втората меѓувладина конференција – клучен момент на патот на земјата кон членство во ЕУ.

-Важно е да се има отворена дебата за ова прашање, да се фокусирате што е во залог и да не се разговара за стравовите од минатото и анксиозноста за иднината. Ги поттикнувам пратениците и овој дом да дејствуваат со политичка одговорност и да ги стават националните интереси на прво место, како што тие ги гледаат, за да ја обезбедат насоката на оваа земја во ова клучно време и проценувајќи ги можностите кои се пред нив и ризиците од задоцнувањето. Живееме во време на огромна несигурност и огромни предизвици, понекогаш и егзистенцијални, рече евроамбасадорот Гир.

Пратениците од мнозинството и опозицијата се едногласни дека земјата треба да ги исполни Копенхашките приоритети и дека не треба да се поставуваат дополнителни непринципиелни барања од соседна Бугарија, но со различно гледање за одговорноста за состојбите во судството, и за уставните измени.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи Арбр Адеми во своето излагање во контекст на промената на Уставот, рече дека е јасно дека тоа е условот за одржување на втората меѓувладина конференција и продолжување на европскиот пат, но и дека тоа не е најтешкиот компромис со кој се соочила земјата, набројувајќи ги потпишувањето на Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, како и прифаќањето на преговарачката рамка.

Амбасадорот Гарсија во своето обраќање нагласи дека ова е петто шпанско претседавање со Унијата од нејзиното членство. Ги наведе четирите приотитети на Мадрид – реиндустријализација на ЕУ, унапредување на зелената транзиција и адаптација на животната средина, промовирање на поголема социјална и економска правда и зајакнување на европското единство во чии рамки, рече ќе биде адресирано и проширувањето на ЕУ.

-Шпанија дава големо значење на проширувањето и ќе продолжиме да работиме во овој поглед во текот на претседателството според принципот на заслуга. За Северна Македонија отворањето на пристапните преговори во јули, минатата година беше најважен чекор. Има други важни очекувања во текот на овој сместар. Во тој контекст ја потврдуваме поддршката на Шпанија за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, рече амбасадорот Гарсија и го најави одржувањето на министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој ќе се одржи во Скопје на 26 и 27 октомври.

Кралството Шпанија на 1 јули ја презеде палката со претседателство на ЕУ од Шведска, во рамки на триото заедно со Белгија и Унгарија. Тоа ќе биде последното целосно претседателство на оваа Европска комисија пред изборите за Европки парламент во јуни, наредната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот