Нова шанса за старата најава за промена на изборниот модел и една изборна единица

Избори. / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Министерството за правда најави формирање работна група, а од ДИК се надеваат дека измените нема да се повторно во „5 до 12“

Се возобновуваат надежите за конечна промена на изборниот модел. Дали секој глас на избирачите ќе биде еднакво вреднуван и на кој начин ќе се распределуваат мандатите на народните избраници се очекува одговорите да ги даде работна група, чие формирање го иницира Министерството за правда.

Овојпат целиот товар нема да падне на плеќите на меѓупартиски комисии кои безуспешно со години го „туркаат“ процесот зад затворени врати, туку во групата од дванаесет членови место ќе има и за шест експерти за изборни модели, како и шест претставници на политичките партии. Според најавите, со дискусии работната група ќе започне да дејствува до крајов на месецов, но нејзина цел не би била изготвување на нов Изборен законик, туку креирање на измени и дополнувања на постоечкото законско решение кои би се нашле пред пратениците. Од друга страна, претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, апелираше да се запре практиката на чести измени на Изборниот законик во „5 до 12“, за изборните органи да немаат пречки при организирање на процесот.

-Процесот на формирање Работна група за измени на Изборниот законик е во завршна фаза и се очекува наскоро да биде заокружен. Измените и дополнувањата на овој текст треба да бидат усвоени до пролет, за да може да бидат имплементирани веќе од претстојните локални избори во октомври 2021 година, информираат од Министерството за правда.

Иако активностите би биле во насока на имплементирање на препораките на Мисијата на ОБСЕ, како и многубројните забелешки што ги имаат домашните невладини организации кои го следат изборниот процес во земјава, на маса ќе се најде и клучното прашање за промена на изборниот модел.

Отворените листи на претстојните локални избори се дел од владината програма и ќе бидат ставени на маса како предлог точка која треба да биде усвоена со консензус од сите политички партии. Потсетуваме дека е потребен консензус за измени на Изборниот законик, што всушност е препорака на Венецијанската комисија. Прашањето и предлогот за промена на изборниот модел за парламентарните избори беше отфрлен во минатото, дополнуваат од Министерството за правда.

Уште при стапувањето на функцијата, министерот за правда, Бојан Маричиќ најави можност претстојните локални избори да се одвиваат со отворени листи, што би претставувало „пробен балон“ за идните парламентарни избори. Ваквата идеја, пак, од таборот на опозиционерите, ја надградија, предложувајќи локалните избори да се одржат во еден круг, за да се заштедат буџетски средства.

Во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ темата за промена на Изборниот законик во моментов не е високо во партиските агенди и се уште се чека да делегираат претставници во работната група, а не откриваат ниту со какви предлози ќе настапат за гласањето за собраниски состав. Претходно, високи функционери од Бихаќка навестија дека се залагаат за една изборна единица со отворени листи, за што поддршка добија и од помалите политички партии. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски откри дека постоел договор со социјалдемократите за промена на изборниот модел на парламентарните избори уште пред 15 јуни, но во последен момент неговите политички опоненти се откажале.

Лидерот на опозицијата предложи една изборна единица, којашто ќе даде 120 мнозински пратеници, а не ја исклучи можноста за една изборна единица што ќе даде 60 пратеници и 60 мнозински изборни единици. На фрлената ракавица на Мицкоски не пристигна одговор од владејачката партија.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот