Ништо не се работи за недела да биде неработна

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Најтешко ќе биде да се најде баланс – да се испочитуваат дел од бизнисите што оперираат за викенди и, истовремено, сите вработени да имаат еден ден за одмор во текот на неделата. И тоа да се почитува.

Индустрискиот титан и основач на компанијата „Форд моторс“ е запаметен не само како пионер во автомобилската индустрија, туку и како прв човек што ја вовел петдневната работна недела. Тоа се случило во 1926 година и, што е уште поинтересно, не им скратил ни цент од платата на работниците. Другите бизнисмени го прогласиле за луд, а потоа почнале да ги следат неговите постапки.

Очигледно, тешко е да се замисли ваквата радикална промена на работното време, но историјата ни покажа дека и тоа е можно. Актуелно, во Нов Зеланд премиерката Јасинда Ардерн ги повика работодавачите да бидат флексибилни и да размислат за воведување покуса работна недела, со надеж дека тоа ќе го поттикне локалниот туризам. Премиерката на Финска, Сана Марин, пак, се заложи за подобар баланс помеѓу работата и личниот живот, со искрена надеж дека би сакала да види четиридневна работна недела за цела плата.

И премиерот Зоран Заев доби аплаузи на отворена сцена кога онака сигурно и безрезервно го најави моментот дека недела ќе биде ден за одмор и за посветување на семејството. И еве по речиси три месеци, конечното решение за неработната недела не е ни на повидок . Ветувањето, кое беше дадено уште пред изборите, а кое доби потврда и од Владата, се чинеше дека експресно ќе добие законска завршница. Дури се „истрча“ и со најава дека Министерството за труд и социјална политика има задача за две недели да подготви соодветен закон?!

Во меѓувреме, првичната здушна поддршка од сите се претвори во список на желби. Како што сега стојат работите, изгледа сите сметаат дека нивната дејност е суштинска, па се подготвени да плаќаат двојни дневници само за да работат и во недела?!

Дека нешто не штима се виде и по неколкуте средби на Економско-социјалниот совет, каде се вкрстуваа различните мислења помеѓу власта, работодавачите и синдикатите. Министерката за труд Јагода Шахпаска тогаш најави дека нема да има нов закон, туку ќе се донесат измени на Законот за работни односи во кој ќе влезе неработната недела, а ќе се утврдат измени на неколку други закони под кои спаѓаат дејностите за кои ќе се регулира работењето во недела.

Синдикалците реагираа – зошто е оставено ова прашање да го уредуваат министерствата што се надлежни за одредени области, а не тоа да биде стриктно определено во самите законски одредби. Ваквите недоречености секогаш оставаат простор за манипулации, а тоа во македонските работи е постојано евидентно. Така преседаните станаа правила од кои никако не може да ослободиме.

Во Министерството за труд и социјала засега владее молк за тоа до каде се работите со предлог-законот. Вработените во трговијата, кои беа најмногу погодени од досегашниот начин на работа, прерано се израдуваа дека неделата ќе им биде неработна. Ваквата иницијатива беше и едно од главните барања на синдикалниот марш во 2018 и 2019 година. Да не излезе на крајот дека сѐ ќе се сведе на тоа да се исплаќа повисока дневница за работењето во недела. Тоа постои и сега, ама не се почитува. А, најтешко ќе биде да се најде баланс – да се испочитуваат дел од бизнисите што оперираат за викенди и, истовремено, сите вработени да имаат еден ден за одмор во текот на неделата.

И тоа да се почитува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот