Николовски: Пченицата и пченката од Србија се за стопанските субјекти, а не за државата

Љупчо Николовски / Утрински брифинг - Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски преку својот фејсбук профил соопшти дека пченицата и пченката што Србија вчера најави дека ќе и ги испорача на земјава, се за стопанските субјекти, а не за потребите на државата или за стоковните резерви.

Како што наведува Николовски, државава има сосема доволно пченица и пченка. Домашните млинови располагаат со залиха од 45 000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.

-Министервата за земјоделство на Република Северна Македонија и Република Србија имаат континуирана комуникација за сите земјоделски производи што се извезуваат и узвезуваат од двете страни, вклучително и за пченица и пченка. Спомнатите количини се во годишните планови за увоз на стопанските субјекти до почеток на жетва со цел, како и секоја година, да бидат покриени потребите на домашниот пазар и работата на млиновите, пекарите и други субјекти, не за потребите на државата или стоковите резерви, објаснува Николовски.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во синоќешното вонредно обраќање за полититичката и економската криза, како и околу воениот руско-украински конфликт, изјави дека Србија на барање на Северна Македонија ќе ѝ испорача 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка.

-Ние денеска ги добивме потребите на Северна Македонија, тие од нас побараа да им испорачаме 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка и тоа можеме веднаш да им испорачаме, немаме проблем во врска со тоа. Тие купуваат пченка од нас и секогаш ќе имаме и за регионот, и за нас, и за Северна Македонија, и за Црна Гора, и за Албанија, и за БиХ, изјави Вучиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот