„Никогаш нема да ја признаеме руската илегална анексија“, порачаа НАТО-сојузниците

нато самит мадрид групна слободен печат
„Фамилијарна“ фотографија на НАТО самитот во Мадрид / 2022 / EPA-EFE/JuanJo Martin

Во заедничката изјава од дводневниот состанок во Букурешт, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО предупредија дека „руската агресија, вклучително и нејзините упорни напади врз украинската цивилна и енергетска инфраструктура, лишува милиони Украинци од основните услуги”.

„Тоа влијае на снабдувањето со храна во светот и им се заканува на најранливите земји и народи во светот. Неприфатливите дејствија на Русија, вклучително и хибридни активности, енергетска уцена и безоѕирна нуклеарна реторика, го поткопуваат меѓународниот поредок заснован на правила”, се вели во заедничката изјава.

Министрите ја осудуваат „суровоста на Русија кон цивилното население во Украина и кршењето и злоупотребата на човековите права, како што се присилните депортации, тортурата и варварскиот третман на жени, деца и лица во тешки ситуации”.

„Сите одговорни за воени злосторства, вклучително и сексуално насилство поврзано со конфликти, мора да одговараат. Исто така, ги осудуваме сите, вклучително и Белорусија, кои активно ја помагаат руската агресивна војна против Украина”, се вели во Изјавата.

Шефовите на дипломатиите наведуваат дека ќе продолжат и дополнително ќе ја зајакнат политичката и практична поддршка за Украина „додека таа продолжува да го брани својот суверенитет и територијален интегритет и заедничките вредности од руската агресија”. Тие додаваат дека ќе продолжат да даваат поддршка „се додека е потребно”.

Во Изјавата се наведува и дека Финска и Шведска учествуваат на состанокот како држави поканети да се приклучат на Алијансата и се додава дека нивниот пристап ќе ги направи посигурни, НАТО посилен, а евроатлантската област побезбедна.

„Со оглед на тоа што регионите на Западен Балкан и Црното Море се од стратешко значење за Алијансата, ја поздравуваме нашата средба со министрите за надворешни работи на партнерите во НАТО, Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, бидејќи НАТО ја зајакнува поддршката за градење на нивниот интегритет и издржливост и зачувување нивната политичка независност”, посочуваат министрите на членките на НАТО, меѓу кои и македонскиот министер Бујар Османи.

Тие наведуваат и дека НАТО е одбранбен сојуз и дека „ќе продолжи да го штити населението на своите членки и во секое време да ја брани секоја педа од територијата на сојузниците”.

„Остануваме посветени на подготовка, одвраќање и одбрана од непријателски напади врз критичната сојузничка инфраструктура. Сојузниците ќе одговорат на секој напад уникатно и решително”, се вели во заедничката изјава на министрите за надворешни работи од земјите-членки на НАТО по средбата во Букурешт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот