Неповторливо вкусен рецепт на Стефанија Несторовска: Чоколадна торта без брашно

Фото: Приватна архива

Ако сте љубител на чоколадни деликатеси, а барате рецепт за колач што во себе не содржи брашно, тогаш сте на вистинското место.

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, денеска ни приготви чоколадна торта без брашно.

Идеална е за секојдневието, но и за роденденски прослави или други посебни пригоди. Едноставни состојки, декорација по желба – сето ова се причините поради кои оваа торта и со вкусот и со изгледот ќе ве одушеви.

Стефанија и со овој рецепт покажа дека секогаш е во нова кулинарска авантура за осмислување одлични деликатеси!

Состојки:

– 1+1/3 шолја (220 грама) чоколадни капки или сечкано црно чоколадо
– 6 лажици кокосово масло, растопено
– 6 јајца, поделени на белки и жолчки во различни садови
– 1/2 шолја (95 грама) кокосов шеќер
– 1/2 лажичка еспресо во прав*
– какао, за прелив (по желба)
– малини, за прелив (по желба)
– крем од индиски ореви (по желба)
**еспресото е по желба, не мора да го додадете, но му дава многу убав шмек на целиот колач. Се користи само малку, за вкус, но тортата нема да има вкус на кафе.

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во мало тенџере додајте ги чоколадните парчиња и кокосовото масло на многу ниска температура. Промешувајте повремено сѐ додека не се растопи. Внимавајте да не изгори! Тргнете го настрана и оставете го да се излади.

Во голем, длабок сад додајте ги белките и со рачен миксер матете околу 5-6 минути односно додека не се добие воздушеста, бела смеса. Јас немав миксер, па матев рачно со метална маталка што значи можно е и така. Исто ми одзема околу 5-6 минути време.

Во смесата со белки постепено додавајте од кокосовиот шеќер. Смесата сега ќе стане кафеавкаста.

Во тенџерето со (изладено) растопено чоколадо додајте ги жолчките и еспресото и убаво промешајте.
Оваа чоколадна смеса додајте ја на смесата со белки. Со силиконска шпатула убаво промешајте.

Внимавајте премногу да не ја измешате смесата, затоа што текстурата на тортата треба да остане воздушеста.

Додајте ја смесата во калап за торта, претходно обложен со хартија за печење.

Печете 45 минути на претходно загреана рерна на 150 степени.

Оставете да се излади малку, па извадете од калап и сервирајте со какао, малини и крем од индиски ореви.

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ Кокосовиот шеќер може да го замените со кафеав шеќер или со некој течен засладувач по желба. Вкусот и текстурата ќе бидат малку изменети, меѓутоа би требало да биде еднакво вкусно.
→ Доколку користите црно чоколадо, моја препорака е да биде со што повеќе процент на какао (минимум 80 отсто). Да не внесуваме шеќер беспотребно, тортата и онака е вкусна и сочна.
→ Слободно може наместо торта да направите барови, односно тортата да ја претворите во барови. Печењето останува исто, само сечете на барови.
→ Искрено не знам колку долго би имала рок на траење. Но, моја претпоставка е 2 дена на собна температура и 4-5 дена во ладилник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот