Нема работници, ама нема ни пристојна работа

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Епилогот од ситуацијата во која на инженери им се нуди плата од 20.000 денари и лошиот образовен систем е „нема доволно работна сила“. Бројките, пак, кажуваат дека за 8.150 слободни работни места, има повеќе од 193.000 луѓе што се евидентирале како невработени во Агенцијата за вработување!

Не недостигаат работници, туку недостигаат пристојни работни места. Ова го изјави британски економист, анализирајќи го недостигот на возачи во Велика Британија, што предизвика недостиг на бензин, полупразни рафтови низ продавниците, па дури и недостиг на лекови. Неговата изјава беше пренесена и преку нашите телевизиски екрани.

Ако недостига пристојна работа во Велика Британија, сон на 60 отсто од анкетираните млади луѓе што се изјасниле дека би си заминале од државава доколку им се создадат услови за тоа, тогаш што останува од пристојноста во Македонија? На официјалната страница на Агенцијата за вработување се нудат 8.150 слободни работни места. Се бара возач на комбе за плата од 15.000 денари, исто се нуди и за продавач (патем, ова е помал износ од минимално гарантираните 15.200), во ресторан може да се добие работа за 15.200 денари, на возач на автобус му се нудат 20.000 денари, на машинобравар 17.000 денари, на градежен инженер и на архитект по 20.000 денари, професори по англиски и по германски јазик, исто така, може да предаваат за 20.000 денари месечно…

Поупорните да дојдат до работник објавуваат огласи и на специјализирани сајтови. Таму има многу помалку огласи од оние „официјалните“ на страницата на Агенцијата за вработување, а плата ретко кој пишува. Она што, пак, на овие сајтови може да се забележи ако малку подолго се следи пазарот на труд, е дека многу често, едни исти огласи се повторуваат. Очекувано е тие работодавачи да велат дека не може да дојдат до работници. Но, вистината има и друга страна – дел од нив не може да ги задржат работниците.

Незадоволни работници, доверливо, за „Слободен печат“ раскажуваат како со часови работат прекувремено, без никој ниту да ги праша ниту да им даде дополнително пари за тоа како што им следува по закон. Многумина се жалат и на услови на работата –дистрибуираат производи со „крш“ возила, работат во неклиматизирани простории, немаат паузи, а некои немаат ниту еден стол во фирмата, па дури и некому да му се слоши нема кај да седне. Реакции стигнуваат и од Сојузот на синдикати од каде што алармираат дека не се почитува работното време, дека системите за негова контрола се во рацете на работодавачите, па тие го бришат вишокот одработени часови, или цели денови, и дека во државава, речиси официјално, сабота стана седмиот работен ден.

За волја на вистината, има проблеми и на другата страна – кај работниците. Најголемиот проблем тука се квалификациите, а за тоа не може да се амнестира образовниот систем. Денешното образование речиси и да не продуцира стручни квалификувани кадри, па место тие да се создаваат во средните училишта, многу занимања се создаваат на курсеви или со самообразование. За жал, голем проблем има и со кадрите што излегуваат од високото образование. На пример, јас не се сеќавам да сум слушнала некој автопат да бил толку згрешуван додека се градел, како што слушаме за автопатот Кичево – Охрид.

Епилогот од ситуацијата во која на инженери им се нуди плата од 20.000 денари и лошиот образовен систем е „нема доволно работна сила“. Бројките, пак, кажуваат дека за овие 8.150 слободни работни места има повеќе од 193.000 луѓе што се евидентирале како невработени во Агенцијата за вработување!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот