Неготичанката Верица порачува: Немојте да го жалите моето дете со посебни потреби, за жалење се оние кои не ги прифаќаат овие деца, а со тоа ја пропуштаат и најчистата љубов!

„Моите залагања, сегашни и идни, се однесуваат на тоа, ниту една жена, најблагодарната работа на светот – благословот да стане мајка, да не ја доживува како болка, страдање или неинформираност што значи тоа ‘посебна мајка’“

Кога пренесувам животни приказни од мајки на деца со посебни потреби, имам толку многу измешани емоции, што стравувам дека некој дел од таа сторија нема да го пренесам објективно. Од една страна, не е возможно да не сочувствуваш со нивните сизифови маки, а од друга страна, не можеш да не си благодарен што твоите деца се здрави. Третата емоција која се јавува е срамот што си дозволувам да тагувам и да „се тресам“ кога некое од моите деца ќе качи температура над 38 степени. Но најверојатно најважните емоции која ми се јавуваат се: гордоста што преку овие жени го сфаќаме вистинското значење на зборот МАЈКА и надежта дека нивната храброст и борбеност ќе направи промена неопходна за сите нас.

Фото: Приватна архива

Верица Огњатовска од Неготино е родена на 7 февруари во 1989 година, а завршила средно медицинско училиште. Факултетот што го запишала – Здравствен менаџмент, морала да го напушти за да се грижи за своето детенце, бидејќи станала мајка на само 21 година. И таа не решила да очајува дека можеби не е подготвена за одговорностите што ги носи мајчинството. Наместо тоа, Верица одбрала постојано да прави сè што е возможно и невозможно за нејзината ќерка да добие нега, социјализација и љубов.

– Позади зборовите „посебен родител“ стојат огромна храброст, сила, воља и желба да бидеме прифатени од општеството според „нормални“ критериуми. Во зависност од своите лични убедувања и лимитирани сфаќања, различни луѓе, различно гледаат на нас. Некои од нив се емпатични, за некои сме жртви, некои пак сметаат дека само бараме внимание и сожалување. Моите залагања, сегашни и идни, се однесуваат на тоа, ниту една жена, најблагодарната работа на светот – благословот да стане мајка, да не ја доживува како болка, страдање или неинформираност што значи тоа „посебна мајка“, вели Верица.

Според неа, многу родители, водејќи се од толпата или од наметнатите критериуми, долго време, понекогаш и цел живот, заглавуваат во лавиринтот на самосожалување, тага, болка, односно борба со неприфаќањето на своето дете. А овие дечиња, како што вели Верче, се ангели на земјата кои нè учат на нешто подзаборавено, за денешницава дури и имагинарно, а тоа е чистата и безусловна љубов, и продолжува:

– Уште еден парадокс е тоа што мајчинството, не смее да биде причина за себежртвување и закопување на своите соништа, желби и капацитети, како што се случи со мене. Оваа блокада, подоцна, се манифестира во многу сегменти од животот и општата благосостојба и здравје. Начин секогаш постои, јас сум најголем доказ за тоа.

Фото: Приватна архива

Верица инаку, не сакаше многу да зборува за патешествијата низ кои таа и нејзината ќерка поминале, бидејќи за тоа ќе треба да напишеме неколку книги, а и не сака да биде ова „кукавичка приказна“, туку инспирација за оние кои наведнуваат глава пред предизвиците кои ги носи животот. 

Накратко, Јоана е родена на 7 јуни во 2010 година, со дијагноза Даунов синдром. На само 7 месечна возраст, направена ѝ е операција на срцето, за среќа успешна. Јоана денес има полни 11 години. Кога била на тригодишна возраст ги оставиле пелените, тогаш и проодела, но фондот на зборови кои ги користи до ден-денс, се малку. На Јоана, исто така, ѝ смета бучава, не сака да ја допираат луѓето и слични манифестации карактеристични за аутизмот. На 6 годишна возраст, Верица ја запишува Јоана во најблиското училиште за деца со посебни потреби, во Велес, но бидејќи патувале со такси и повеќе дечиња се возеле во истото, Јоана не го прифатила ниту патот, ниту училиштето, поради горе споменатите причини (непријатност од туѓи допири). Во меѓувреме, со идеја нејзината ќерка да се социјализира, Верица отворила игротека во Неготино. „Трчала“ во Велес да ја носи ќерката и да ја зема назад од училиште, а потоа, заедно со неа, работела во игротеката, бидејќи не постојат згрижувачки центри за деца со посебни потреби кои работат втора смена. Сето тоа, се покажало како лоша идеја, бидејќи Јоана не можела да ја поднесе бучавата, а Верица до ден денес ги отплаќа долговите за овој бизнис обид.

Секојдневите патувања до Велес траеле две години. Сепак, мајката останала упорна во желбата нејзиното дете да биде социјализирано. За таа цел, изнајмила стан во Скопје и ја запишала ќерката во специјалното училиште „Златен Сремец“. Тука, Јоана се адаптирала многу убаво, ги прифатила наставничките, не плачела по мајка си, едноставно била среќна. Верица се вработила како медицинска сестра во проект на Црвен крст, за грижа на стари лици, за што им е преблагодарна. Дури ја пуштале и половина час порано од работа, за да стигне на време да ја земе Јоана од училиште. Но, поради пандемијата, морала да ја напушти работата, бидејќи, за ќерката најбезбедно било да остане дома. Така, по двете „скопски“ години, се вратиле во родното Неготино, каде живеат до ден денес:

– Целата своја енергија ќе ја насочувам во освестување, осамојостојување, решителност, слобода и среќа на секоја жена и мајка. Си докажав на себе си и на другите дека една посебна мајка може да живее и да успее сама, макар тоа било и во Македонија, каде добро ни е јасен системот и комуникацијата со и помеѓу институциите. Многумина, со пандемијата, се најдоа во во слични или исти ситуации кои се секојдневие на посебните родители: безработица, изолација, седење дома и така натаму. За жал, каде и да се наоѓаш, на што и да сведочиш во моментот, твоја е одлуката дали на тоа ќе се фокусираш, а со тоа и ќе му дадеш моќ да стане уште поголемо, или ќе превземеш иницијатива и акција. Нам како да ни е всадено во генот да кукаме, да чекаме и да мислиме дека не можеме ништо да направиме!

Фото: Приватна архива

Верица вели дека токму во овој кризен период во светот, таа сведочи за најголемите позитивни, индивидуални промени. Уверена е дека секое лошо – за добро е, па така и пандемијата со Ковид-19. Фактот дека светот се сврте кон технологијата и нејзините можности, за Верица значело отворање на вратите и достапноста, од својот дом, да се следат и да се учи од најеминентните имиња, и продолжува:

– Тоа за еден посебен родител беше неверојатна можност. Додека на поголем број од луѓето, дневна пракса им беше следењето на бројот на починати и заболени, јас се фокусирав на нешто кое ќе ми користи. Па така, кога ќе отвориш една нова врата, по неа се отвораат нови врати и прозорци. Почнав да учам за моќтта на мислите и емоциите кои се нашиот Џи – Пи – Ес (GPS). Се едуцирав за сите стекнати и лимитирачки верувања кои ме ограничувале и биле невидливи ѕидови до патот кон среќата и радоста. Сето ова треба да го бараме внатре во нас, да го разбудиме и негуваме. Научив да го најдам својот рај на земјата, без притоа да морам да одам на крајот на светот, затоа што тој рај е во мене.  Можеш физички да бидеш и на Малдиви, а во себе да носиш пекол.

Верче кажува дека за овие животни лекции, најверојатно нејзин најголем учител ѝ била Јоана, која секое утро се буди со насмевка и радост за животот, без да бара посебна причина. Она што е пат без патокази на посебното родителство, поради љубовта, грижата и сите обврски околу детето, многу мајки, како што вели оваа мајка, се губат и забораваат на своите мисли, чувства, потреби, и почнуваат да живеат механички, сè додека еден ден не се освестат дека полека „прегоруваат“.

– Мене оваа посветеност, без ни една секунда за себе, два пати ќе ме чинеше живот. Но, и во тие моменти, фактот дека на едни очиња полни со љубов, си им сè, станав, ја „истресов прашината“ и продолжив. Долго време правев отпор кон една порака која случајно ми падна во раце, а гласеше: „Ти си најважната личност во твојот живот“. Со години не правев ништо за оваа порака да стане моја реалност. Денес, оваа картичка ми стои во паричникот, за да не го заборавам овој факт. Почнав по полека, како камелеон, да се прилагодувам и да прифаќам, почнав јас од мојата ќерка да учам како вистински се живее, наместо таа од мене, раскажува Верица.

Фото: Приватна архива

Според оваа мајка, Јоана живее многу поквалитетно од нас „типичните“, бидејќи живее овде и сега, а не како нас кои сме заглавени во минатото и анксиозни за иднината. Кога ќе направи ретроспектива низ што сè Јоана поминала до свои 11 години, Верица вели дека сите ние можеме само капа да ѝ симнеме, и додава:

– И покрај сè, Јоана е среќна и доволно и е само моето присуство. Таа е мојот трофеј на љубовта. Се топам во таа љубов што безусловно ја дава во изобилие тоа совршено битие, заразна насмевка и енергија.

Единствено, Верица не може да сфати, како и зошто родителите или некои членови од семејството не можат да ги прифатат овие деца. Поради овие причини, не ретко се случуваат и разводи, бабите и дедовците не сакаат да си ги гледаат внуците со посебни потреби. Сака да им долови на овие луѓе дека нема да најдат почиста љубов, поискрена насмевка, повозбудени очиња, бидејќи овие деца ќе останат засекогаш чисти души. Не разбира зошто луѓето ги сожалуваат ваквите деца, кога тие се многу посреќни од сите нас, така се родени, не знаат и нема да дознаат каков е овој изместен свет. За жалење се оние кои не можат да ги прифатат дечињата со посебни потреби, бидејќи ја пропуштаат најголемата и најчистата емоција.

 За крај, Верче ѝ се обраќа директно на својата ќерка Јоана:

– Ти се поклонувам до земја за сите освоени битки од твоето раѓање и сите наредни години. Ти си неверојатна сила и честичка љубов која секојдневно сите нè потсетува колку го сакаш и колку е вреден животот за живеење. Мене ми чест што сум сеогаш твој скромен придружник. Те сакам и ти благодарам за ова патување наречено „Безусловна љубов“

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот