Недовeрбата во вакцините разболува од сипаници

вакцина деца вакцинирање
Вакцинација на деца против ковид-19 / Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Како вакцината против морбили е заштита од епидемија и дали предизвикува аутизам?

Можноста од епидемија од морбили или опасните мали сипаници кои можат да остават последици врз здравјето на луѓето секогаш се зголемува кога се намалува опфатот на вакцинирани лица од оваа заразна болест, велат здравствените власти.

Потребно ниво на опфат со вакцинација против морбили, рубеола и паротитис (МРП) е 95 отсто од населението. Во овој момент сме далеку под оваа бројка.

Табела 1 – Опфат на вакцинирани од 2015 – 2022

Затоа ризикот од епидемија тлее, но не значи дека со сигурност ќе дојде до ова. Единствено што е сигурно е дека доколку децата што сега се на возраст на една и на шест години се вакцинираат со МРП вакцина, тогаш целото население во земјава ќе биде безбедно. Или во бројки, само вакцинација од 95 отсто е гаранција дека нема да се појави епидемија. Сѐ друго е ризик.

„Процентот на вакцинација за МРП вакцината на крајот на 2018 година беше 74 проценти и се појави епидемија. Сега е 70 проценти а имаше само еден случај во Свети Николе. Начинот на кој ќе се движи епидемијата зависи од многу фактори, меѓу кои како ќе се ограничат случаите и колку ќе се оневозможи ширењето. Во 2018 година тој процес излезе од контрола и беше неопходно ангажирање на целиот здравствен систем за да може да се постигне бројка од 95 проценти вакцинираност. Сe под таа бројка секогаш ќе претставува ризик за епидемија, вели за „Слободен печат“ доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Ако само вака ја пренесеме изјавата противниците на вакцинирањето ќе ја искористат за да тврдат дека и со 70 отсто вакцинирани деца има само еден случај, што би значело дека бројките за 95 отстотен опфат и не се важни. Но, ако се погледне целата слика ќе се види дека е многу важно колку деца се вакцинирани.

Проф. д-р  Александра Грозданова, национален координатор за имунизација вели дека одговорот околу бројките е едноставен: Во 2019 година по избувнувањето на епидемијата со морбили, одеднаш биле вакцинирани 41.600 деца. Ова значително влијаело врз подобрување на колективниот имунитет откако морало да се преземат активности за интензивно вакцинирање на сите деца што во тој период не биле вакцинирани.

„Во првите шест месеци од 2019 година дадовме 41.600 дози од МРП вакцината на популација до 14 години. Бидејќи знаете, оваа вакцина е асоцирана со аутистични синдроми и најголем дел од родителите се загрижени токму поради тоа. Во овие изминати 5 години, кај овие повеќе од 40 илјади деца не видовме појава на ваква асоцирана болест. Ние сме мала држава и доколку нешто се појавеше, ќе се детектираше. Тоа е извонреден пример што на нашите простори потврдил дека вакцината е безбедна. Имавме повеќе од 40 илјади семејства што потоа беа спокојни бидејќи ја донесоа правилната одлука да ги вакцинираат своите деца. Благодарение на тоа, пет години подоцна имаме мирна ситуација и не се појавија нови епидемии со морбили“, вели проф. д-р Грозданова.

 

Во суштина, тогашното интензивно вакцинирање сѐ уште нѐ штити од нова епидемија. Но, веќе се таложи нова популација која е далеку помалку вакцинирана од потребното ниво за колективна заштита. За потсетување, во 2019 година, епидемијата предизвика и жртви. Починаа бебиња на возраст од пет, 11 и 13 месеци.

Иако две бебиња не би можеле да се вакцинираат поради возраста (првата доза се прима на 12 месеци), сепак другите деца можело да бидат вакцинирани со што би се постигнала покриеност на населението од 95 отсто и така сите би биле не само заштитени, туку и би се превенирале компликациите, додава доктор Мехмедовиќ.

 

„Од 2015 година до 2022 година опфатот со вакцинација против морбили во земјава флуктуира. Една година има нагорен тренд, а веќе следната надолен. Но она што е забележливо е дека во ниту една година од 2015 до 2022 година опфатот со вакцина против МРП не бил 95 проценти во земјава, освен во 2017 година и тоа само за втората доза што се добива на шестгодишна возраст. Неа во 2017 година ја примиле 97 проценти од децата.“

Особено во времето на пандемијата со КОВИД-19 се забележува пад на вакциналниот опфат. Ако во 2019 година прва доза МРП вакцина примиле 93.1 проценти од децата, во 2020 година тој процент стрмоглаво паднал на 63 проценти. Во 2021 и 2022 година опфатот е нешто над 70 проценти со прва доза МРП. Бројките за втората доза се понадежни со исклучок на 2020 година кога биле 68,5 проценти. Во 2021 и 2022 година опфатот постепено расте но за првата доза е уште околу 70 проценти, а за втората 80 и 89 проценти.

Табела 2 – вакцинирани по години и број на заболени по години

 

Од Институтот за јавно здравје ни ги дадоа статистиките за заболени деца со морбили од 2015 до 2023 година. По 2019 година, кога имаше епидемија на морбили со 1.819 заразени, следуваат навидум мирни четири години. Минатите три години немало ниеден случај на морбили, а годинава има само еден случај.

Проф. д-р  Александра Грозданова ја разоткри главната причина зошто паѓа опфатот со вакцинирање со МРП. Иако оваа вакцина се дава со децении наназад и нема никакви научни докази за појава на аутизам од неа, сепак во дел од јавноста упорно опстојува стравот .

Од друга страна, УНИЦЕФ наведува дека децата што не примиле МРП вакцина на 12 месеци имаат ист ризик од аутизам како и вакцинираните деца.

Во Македонија се администрира вакцината „вакспро“ од производителот „Мерк“.

 

Но, од каде потекнува овој страв кај дел од родителите дека МРП вакцината ќе предизвика аутизам кај нивните деца?

 

Причината е една несреќна и неточна научна студија објавена во реномираното медицинско списание „Лансет“ што подоцна е повлечена, но штетата што е направена е огромна, вели проф. д-р Грозданова. Во земјава се употребува вакцината „вакспро“ од фармацевтската компанија „Мерк“ за која има солидни докази дека е ефикасна, ефективна и безбедна.

„Постои несреќен научен труд, но треба да кажеме дека најголем дел од родителите всушност ја одложуваат вакцината. Немаме класично непримање, туку најчесто, наместо на една година, детето ја прима на две или на три. Постои некоја шпекулација меѓу здравствените работници кои советуваат детето прво да прозбори и да прооди пред да се вакцинира. Ова нема никаква научна оправданост. Во тој меѓупериод го ставате детето во ризик, кога ќе се најде во средина каде што има сѐ повеќе невакцинирани деца,  да биде изложено на инфекции, вели доктор Грозданова.

Студијата за која говори Грозданова е објавена во 1998 година од доктор Ендру Вејкфилд и 12 негови колеги во престижниот медицински журнал „Лансет“. Таа е целосно повлечена. Во неа се сугерира дека МРП вакцината може да предизвика аутизам. И покрај малиот број деца што учествувале во истражувањето во оваа студија, вкупно 12, поради шпекулативната природа, трудот доби широк публицитет, а стапката на вакцинација со МРП вакцината опадна, зашто родителите загрижени за ризикот од аутизам, одбиваа да ги вакцинираат своите деца. Тезата на Вејкфилд беше прифатена зашто и аутизмот и вакцинацијата се случуваат во раното детство. Но, речиси веднаш по објавувањето на оваа неточна студија, беа направени други епидемиолошки студии во кои јасно беше потврдено дека нема поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот.

Дополнително, 10 од 12-те коавтори на студијата ги повлекоа тврдењата и се изјаснија дека нема каузална врска меѓу оваа вакцина и аутизмот поради тоа што податоците се недоволни. На ова се приклучи и „Лансет“, со тврдење дека докторот Вејкфилд со изготвување на спорната студија имал сомнителни финансиски интереси. Тој бил финансиран од адвокати ангажирани во судски спорови против компании што произведуваат вакцини. „Лансет“ целосно ја повлече студијата на Вејкфилд во февруари 2010, признавајќи дека неколку елементи во неа се неточни. Оваа несреќна студија имаше огромни импликации зашто научници и организации низ светот потрошија многу време и пари побивајќи ја. Доктор Вејкфилд направил етички злоупотреби. Спровел инвазивни истражувања на децата што биле дел од студијата без да има етичка дозвола, погрешно ги презентирал податоците до кои дошол и скрил дека начинот на кој ги одбирал децата бил селективен. Завршна епизода од овој случај беше откритието дека доктор Вејкфилд е виновен за намерна измама, дека селектирал податоци што му одговарале, фалсификувал факти. Бритиш медикал џрнал објави серија написи во кои ја обелоденува измамата мотивирана од парите.

Последиците од оваа студија се тоа што родители низ целиот свет не ги вакцинираа своите деца од страв дека ќе добијат аутизам, притоа изложувајќи ги на ризици од морбили заедно со сите познати ризици од нив. Така епидемијата со морбили во Велика Британија во 2008 и во 2009 година, како и појавата на морбили во САД и во Канада, беа поради големиот број  невакцинирани деца.

За жал, Македонија ја пропушти можноста егзактно да ја потврди неповрзаноста меѓу оваа вакцина и појавата на аутизам. Иако во 2019 година се вакцинирани 41.600 деца, поради немање евиденција на деца со аутизам, сега не може директно да се потврди и преку наш пример неповрзаноста на оваа вакцина со аутизмот. Во државава ниту една институција не води статистика за бројот на деца со аутизам и затоа нема официјален податок за нив. Според Вјоса Речица, раководителка на одделот за здравствена статистика при Институтот за јавно здравје, оваа институција не располага со податоци за аутизам.

„За жал никој не може да ви даде таква статистика, бидејќи не се води таков регистар. Нашата намера како здружение 23 години е да се воспостави национален регистар за аутистичен спектар на нарушување, но властите сите овие години немаат слух за тоа“, вели за „Слободен печат“ претседателот на Македонското научно здружение за аутизам, проф. д-р Владимир Трајковски.

Инаку, морбилите или малите сипаници се една од водечките причини за смрт кај малите деца на глобално ниво и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД наведува дека во светски рамки, секоја година се пријавени 36 случаи на сипаници на 1 милион луѓе, а вкупно умираат 134,200 луѓе. Од секои илјада деца што ќе добијат сипаници, едно или две ќе починат. Барем едно од 20 деца со сипаници добива пневмонија, а едно дете од секои илјада што ќе добијат сипаници, развива енцефалитис (оток на мозокот) што може да доведе до конвулзии и да доведе до глувост или до интелектуална попреченост.

Според УНИЦЕФ, меѓу 2000 година и 2018 година, вакцинацијата против мали сипаници спречила 23,2 милиони смртни случаи од оваа болест на глобално ниво. Малите сипаници се најзаразното респираторно заболување. Толку се заразни, што ако поединецот има сипаници, 9 од 10 негови блиски контакти што не се имуни, исто така ќе се заразат. Секое одложување на вакцинирањето го продолжува времето во кое детето е ранливо да се зарази со морбили, зголемувајќи го ризикот, велат лекарите.

Ставридис: Помал опфат со МРП вакцина – поголем ризик за епидемија на мали сипаници 

„Намалувањето на опфатот со МРП вакцина доведува до кумулирање на осетливо, невакцинирано население. Тоа го зголемува ризикот од појава на епидемија на мали сипаници, особено доколку се појави импортиран случај во средина на невакцинирано население. Тоа беше случај со епидемијата во 2019 година кога по неколкугодишен пад на опфатот што во 2018 година беше само 73,4 проценти, доведе до епидемија што започна во 2018 година и траеше до крајот на 2019 година. Во епидемијата имаше четири смртни случаи асоцирани со мали сипаници, кај деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП вакцина“, изјави за „Слободен печат“ доктор Кристина Ставридис од Одделот за епидемиологија на заразни болести и имунизација и вакцино-превентабилни заболувања при Институтот за јавно здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот