Недостоинствен живот

Марин Гавриловски

Ние сме со фабричка грешка; една од ретките нации на светот што не знае што да прави или да се справи со слободата и со придобивките на демократијата. Сè додека некој или нешто не нè ресетира, ќе си ја бркаме опашката вртејќи се во круг и очекувајќи подобро утре – од државата.

Напатените граѓани на нашата уште понапатена државичка, ги живеат своите животи во последните триесетина години на работ на еден потпросечен живот или живуркаат од раѓањето до смртта, прашувајќи се: „Дали навистина треба толку многу да направат политичките елити за обичниот човек да може да живее достоинствено, скромно и нормално?“ Неколку примери од секојдневниот живот се доволни да ја илустрираат таа наша грда реалност.

Пред дваесетина години се случи еден настан во државната гинеколошка клиника. Во претпородилната сала, во која чекаат родилките за да се породат, влегува хигиеничарката и прашува кој бил последен во тоалетот? Откако една од жените, која чекала да се породи во секој момент, се јавила, добила од хигиеничарката заканувачка наредба да оди во тоалетот и да го исчисти, бидејќи многу го извалкала. Хигиеничарката, која е платена да се грижи за хигиената во установата, без ни малку срам, ѝ се обратила со императивен тон на жената што е пред породување и од неа барала да ја заврши нејзината работа, во спротивно… Апсурд.

Уште на првиот чекор од животот граѓаните се судираат со ваков и со слични проблеми, особено кога се има предвид државното здравство, кое е на такво ниво што секој разумен ќе си го постави прашањето: Дали раководните луѓе во здравството, во изминатиот триесетгодишен период, намерно го имаат симнато нивото на здравствените услуги кои државата ги нуди на осигурениците до ниво на неиздржливост, сè со цел да ги насочи кон приватните болници, за кои сме свесни дека, особено во изминативе три години, направија огромни профити на сметка на и онака плиткиот џеб на граѓаните?

Кога веќе зборуваме за јавното здравство, секој од нас се нашол во ситуација кога за свој близок, во болницата носел храна, облека, лекови, ситни подароци за сестрите и покрупни за докторите, сè со цел да добие што е можно подобар третман. Па, така, општо е позната шегата во која при прием во болница го прашуваат пациентот кој доаѓа на болничко лекување, дали донел пижами, лекови, шприцови и сл. Попатно, следува прашање: А, добро, кој е човекот во бел мантил што е дојден со вас? А пациентот им одговара: Тоа е доктор, го зедов за секој случај, ако и тоа немате.

Клиничкиот центар во Скопје е приказна за себе (грда приказна). Таму треба да се води статистика колку пациенти починале на пат да влезат или да излезат од кругот на „Клинички“. Колоните возила и за влез и за излез се толку долги што чекањето само да се влезе или излезе од паркингот е понекогаш и повеќе од десетина минути. А кога ќе се влезе и ќе се паркира возилото, почнува вистинската голгота на пациентите. Тие се препраќаат од една до друга клиника, а доколку се среќни да добијат количка или носилка, таа сепак треба да ја носи некој член на семејството на пациентот кој, не знаејќи каде да оди, лута од шалтер до шалтер, сè додека не дојде до некој службеник што ќе се смилува и ќе му излезе во пресрет и ќе го згрижи болниот.

Понижувањето, во буквална смисла, продолжува пред шалтерите на државните институции, разните агенции, дирекции, општини, бироа, чии службеници како да не се свесни дека своите лични примања ги добиваат благодарение на даноците што ги плаќаат токму оние граѓани што се „поклонуваат“ пред нивните шалтери барајќи некој документ кој таа институција е должна да го издаде. Тие, институциите, наместо да се сервис на граѓаните кој ќе им го олесни животот, стануваат еден од главните фактори кои секојдневното битисување го прават неподносливо до таа мера, што граѓаните се прашуваат каква ли „среќа“ имале да се родат во Македонија, а самото останување тука го сметаат за казна.

И кога ќе дојде крајот, повторно се наоѓаме пред прашањето: Толку ли сме неспособни, па дури ни вечното почивалиште на граѓаните не може да изгледа достоинствено за чинот на последното испраќање? Пред извесно време присуствував на погреб што се одржа во ден кога врнеше дожд. Сите пристапни патишта кон гробното место беа неасфалтирани, а сите присутни до глуждови беа потонати во кал. Дали е навистина толку тешко да се поплочат или асфалтираат улиците во кругот на гробиштата? Дали и таму, каде се збогуваме со нашите блиски, треба да го чувствуваме недостоинственото ниво на нашите животи? Целокупниот впечаток само го влошуваат и кучињата скитници што на градските гробишта во Скопје ги има во голем број, како и крадците на цвеќе за кои надлежните не можат да најдат решение.

Недостоинствениот живот во Македонија е еден од клучните фактори поради кои луѓето се иселуваат од тука, а оние што сè уште не се иселени, чекаат само уште некоја формалност (да го завршат образованието или да добијат миграциски документи) за да можат што побргу да се оддалечат од ова грдо место. Застрашува сознанието дека никоја од владејачките гарнитури од осамостојувањето до денес нема речиси ништо направено Македонија да ја направи пристојно место за живеење, на кое ќе се живее достоинствено и ќе се почитуваат основните критериуми за пристоен човечки живот.

Истовремено граѓаните, како активни чинители на државата, треба да поминат интензивен курс или вечерно школо по елементарна писменост, лична хигиена, однесување на јавен простор и слично, за да имаат право да очекуваат повеќе од државата во која живеат. Државата нема магично стапче да ви го фрли ѓубрето таму каде што му е место, таа не плука на улица наместо вас и не го паркира автомобилот каде што не му е место. Во оваа држава не живеат марсовци, некои други, живееме ние, нејзиното граѓанство кое гласно молчи или бара спас во безидејните партиски дувла. Секој од нас бистри светска политика и се знае за неа, а два километри пат од дома до работа ги поминува 30 минути и тоа во идеални временски услови. Ние сме со фабричка грешка; една од ретките нации на светот што не знае што да прави или да се справи со слободата и со придобивките на демократијата. Се додека некој или нешто не нè ресетира, ќе си ја бркаме опашката вртејќи се во круг и очекувајќи подобро утре – од државата.

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот