Не ме плашат заканите со убиство, ако треба правдата ќе ја барам и во Италија!

Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Ми се закануваат дека ќе ме убијат, но јас сум решен да ја кажам вистината за пожарот во тетовскиот ковид-центар, изјави за „Дојче веле“ Ибин Емшиу, чии татко и брат изгореа во болницата. Според неговата изјава, тој морал да им плаќа по 1.000 денари дневно на болничарите за да го негуваат неговиот неподвижен 28-годишен брат што боледувал од церебрална парализа.

Емшиу вели дека пожарот почнал во собата број три, под креветот.

– Кога влегов во собата број три, видов дека има пожар, а потоа нешто експлодираше и предизвика уште поголем чад – вели Емшиу.

Тој тврди дека два дена пред несреќата, еден од лекарите му кажал дека модуларната болница ќе се затвора, но не ја знае причината зошто. Овие информации не ги потврдува ниту Министерството за здравство ниту управата на тетовската болница од каде што не чуле за план модуларната болница да се затвори.

Закани по живот

– Три лица ми се заканија да не давам изјави, дека ќе ме убијат. Јас би им кажал дека сум тука и не бегам никаде. Ако има такви луѓе без морал што можат да убијат невин човек што го донел татка си во болница да се лекува, а го земал изгорен поради нивна грешка, јас сум тука. Таткото и братот што ги загубив имаат документи и адреса во Италија и, ако треба, и таму ќе бараме правда. Казни за направените грешки во таа болница мора да има – вели Емшиу за „Дојче веле“.

Во пожарот животот го загуби и млада девојка која не сакала да ја остави мајка си, па и таа изгорела жива во пламените јазици.

Истрагата треба да даде одговор како настана пожарот во кој трагично животот го загубија ковид-пациенти и двајца припадници на нивните семејства, кои ги чувале болните поради недостиг на медицински кадар. И лекар кој, неофицијално, заздравел од ковид, но останал во болницата да спасува други пациенти, загинал во пожарот.

Пожарот во модуларната болница е голема трагедија и веќе е дојдена претходница која го обезбедува целиот простор во Тетово, изјави премиерот Зоран Заев.

– Се прават првите согледувања, а го подготвуваат теренот за форензичарите од Германија кои доаѓаат како испорака кон земја членка на НАТО, да ни помогнат во експертизата за завршувањето на форензичката истрага како последица на страшната трагедија – рече Заев.

Заев:  Модуларните болници се проект на Светската банка

За тоа која фирма ги монтирала болниците и вршела надзор, Заев истакна дека не ги знае сите детали и надлежните институции ќе ги дадат сите информации.

– Модуларните болници се проект на Светската банка, спроведен преку Министерството за труд и социјална политика, во кредитна линија што ја повлековме за потребите на социјалните случаи и здравствениот систем. Примопредавањето е јасно опишано во закон за ваквите објекти и не би навлегувал детално. Сигурен сум дека институциите ќе ви дадат сите информации – изјави Заев.

Тој посочи дека форензичари од МВР и експерти од Дирекцијата за заштита за спасување, со експерти од Германија треба да ги дадат деталите од истрагата.

– За мене е важно да има брз резултат затоа што, пред сè граѓаните тоа го бараат – рече Заев.

Се чекаат германските истражители

Истражителите од германската федерална криминалистичка полиција уште не дошле во Македонија за да помогнат во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што животот го изгубија 14 граѓани.

Од Јавното обвинителство за „Слободен печат“ рекоа дека нивното пристигнување се очекува во наредните денови и не можеа да потврдат колку вкупно истражители ќе учествуваат во истрагата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот