Не, господа антиваксери, ние не сме Данска

Биљана Секуловска / Фото: Архива на Слободен печат

Колку повеќе мртви од ковид во оваа земја, толку многу повеќе дрвени глави, тврдоглави глави, зачаурени глави на ноеви, оние кои одбиваат да мислат, да размислат, да сфатат, нивните прсти одбиваат да бидат ставени на чело, за да разберат докрај. Неверојатно е како не можат да процесуираат едноставни, прости
факти дека ни се случуваат секојдневно национални трагедии со толку многу мртви во оваа ковид пандемија, илјадници закопани, уништени животи, од кои враќање нема. Не разбираат дека ние не сме Данска, ниту Шведска, не сме земја која може да издржи, која може да преживее и најмал товар врз здравствениот систем, а дури и тие пукаа на почетоците.

Не можат да разберат, не се знае од кои проклети причини, дека нашето здравство е распаднато, одамна гнило, распарчено на милион делчиња распрскани, но така безмилосно, за да не можат да се состават. Не постои, мртво е, закопано, не може сега одеднаш да оживее, за да не прими сите нас, за да не згрижи, како да сме му најмили, како навистина да сме му важни.

Не допира до нив фактот дека ние навистина сме трета земја, којзнае и дали може да се наречеме во развој, нас груевизмот не докрајчи сосема и опоравок господа, нема. Немаме доволно доктори, ниту соодветен медицински персонал, ниту лекови, ниту апарати, ниту доволно боци за дишење, ниту шрафчиња барем за машини, од нешто да се присостават, разбудете се, немаме ниту чаршафи за сите да не заклопат, кога ќе издишеме за последен пат.

Немаме ништо, навистина ништо доволно за да се надеваме дека ќе преживееме. Барем еден, за да помни, да се сети, да раскажува како тиранијата на неразбраните, на антиваксерите, била погубна за сите нас. Тогаш кога доаѓаме предоцна во болница, тогаш кога се надеваме дека ќе не примат, тогаш кога одбиваме да нѐ примат, тогаш кога не сакаме да признаеме дека сме заразени, тогаш кога не нѐ интересира дали воопшто сме се заразиле, тогаш кога одбиваме да носиме маски, тогаш кога со лудите глави во торба ја сееме насекаде заразата, на племенските прослави, свадби, крштевки, на работа, дома, на сопственото семејство, тогаш, најважно од сѐ – кога одбиваме да се вакцинираме.

Не, ние не сме ниту Данска, ниту Шведска, не можеме да се надеваме дека сепак ќе преживееме, и дека нас будалите Господ не штити, не можеме да си дозволиме да филозофираме и да сееме глупоштини за (не)ефикасноста на вакцините, да замислуваме дека сме научни гиганти и да ги анализираме антителата пред и после болеста, во комбинација или без вакцината, да дебатираме длабоколумно за разните производители на вакцини, за составот и векторите, кои едвај можеме да ги изговориме, но сепак- светот мора да признае дека сме неуништливи во величината на глупоста која единствено ние можеме да ја произведеме.

Ние не престануваме да објаснуваме, поточно крекаме и кокодакаме, за мафијашките фармацевски индустрии, за теориите на заговор во кој масоните, Бил Гејтс и Сорос, заедно со авионите кои запрашуваат, нѐ ништат, еден по еден, како глинени гулаби, совршено податни за отстрел. Немаме простор да си дозволиме да уживаме во лажните вести, дури не смееме да ги нарекуваме смешни и патетични, ние мораме да разбереме конечно, дека лажните вести за короната убиваат. Дека тие не се тивки убијци, туку се најгласните, најужасните, тие испуштаат претсмртни крици и се закануваат сите да нѐ истребат. Разбудете се конечно, затоа што одамна стана предоцна

Преземено од 25минути

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот