Не е точно дека починати лица можат да се попишуваат

Македонците од дијаспората во Австралија, но и во Канада и САД, под влијание на дел од одредени лица и организации, тивко го бојкотираат пописот. Вакви сознанија имаат и во Државниот завод за статистика. Оттаму велат дека, иако бројот на дијаспората не влегува во бројот на резидентното население во Македонија, сепак, лицата и организациите што шират дезинформации во врска со пописот и повикуваат на бојкот пред се им нанесуваат штета на своите сограѓани таму каде што се.

– Очигледно е дека особено во Австралија, Канада и во САД имаме организации што едноставно не ѝ сакаат добро на оваа држава и ги повикуваат луѓето да бојкотираат. Она што го порачувам до сите, учеството во пописот, прво е интерес за себе, а потоа и за сите граѓани на оваа држава. Ако сакаме државата да оди напред, треба сите да учествуваме во пописот. Ако сакаме да стоиме во „жабурина“ тогаш бојкотирајте, ама одговорноста ќе биде ваша, вели Симовски за „Слободен печат“.

На социјалните мрежи меѓу најактивните во повиците за бојкот на пописот од дијаспората е Ицо Најдовски Перин, водител и уредник на македонската програма на радио во Австралија. Според него, „пописот е фалсификат во корист на Албанците“. Тој на Фејсбук покажувајќи ја личната карта од својата мајка, рече дека иако била почината, сепак системот му дозволил да ја попише. За можноста и починати лица да бидат попишувани од свои блиски луѓе, Симовски вели дека институциите имаат податоци за починатите лица и тие нема да бидат дел од пописот.

– Ако некое лице кое има и друго државјанство, освен македонско, и не е пријавено како починато, бидејќи никој не му ги променил документите, МВР ги пасивизира. Ниту едно лице кое починало нема да биде дел од пописот. Колку и да ги попишуваат, тоа ќе биде залудно, вели Симовски.

Од Заводот за статистика велат дека последниве денови попишувањето во дијаспората е со позасилена динамика и дека на дневна основа своите податоци ги испраќаат по 4 илјади лица. Оттаму потврдуваат дека најголем одзив има во неколку европски земји, пред сѐ во Швајцарија и во Германија, а помал во САД и особено во Австралија и во Канада, но состојбите и таму се подобруваат.

Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора порачува дека организацијата од самиот почеток на пописот им укажала на иселениците дека е од голема важност пописот.

– Можам да забележам дека особено последниве денови е позасилена активноста меѓу иселениците со повици на македонски и на англиски јазик. Се работи и преку социјалните мрежи. Сепак, треба да се има предвид дека дијаспората во минатото не се попишуваше и дека е голема неинформираноста, вели Колоски за МКД.мк.

Според него, и во Македонија Македонците не треба да го бојкотираат пописот.

До денеска се попишале околу 80 илјади државјани на Македонија кои над една година престојуваат во странство или таму трајно живеат. Државниот завод за статистика ја објави бројката од 77 122 лица кои валидно ја пополниле апликацијата за електронско попишување која се однесува за дијаспората. Процесот на попишување продолжува до 21 април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот