Не дозволувајте оваа партија да го прави она што го правеше вашата кога беше на власт

Денко Малески / Фото: Архива на Слободен печат

Немоќен пред махинациите на партиите, народот се помири со ситуацијата дека измамата е нашата „природна состојба“ за која нема лек.

Власта и опозицијата треба во текот на трите месеци да ги остават зад себе политичките анимозитети и да произведат изборна процедура и изборни резултати пред кои сите ќе се поклонат како на автентичен израз на волјата на народот.

Една од основните причини за воведувањето на пржинскиот модел на избори беше сознанието дека нашите политичари не знаат да прават разлика помеѓу партијата и државата. За нив тоа е едно исто: кога сум јас на власт, државата е моја. Се сеќавате на она „ВМРО-МВРО“ од снимените комуникации. Иако прогласивме демократијата и плурализам, во традицијата на еднопартискиот систем, партиите на власт, во континуитет, сметаа дека го поседуваат државниот апарат за сите свои потреби, дури и за да ги добијат изборите.

Ми раскажува Герд Аренс, Германец кој одамна ја познава Македонија, кој учествуваше на Конференцијата за Југославија на почетокот од деведесеттите и беше набљудувач на некои од нашите избори, дека ова што се случува кај нас не е ништо во споредба со она што го видел во азиските републики на поранешниот Советски Сојуз. Таму, со држава ставена целосно под контрола на владеачката партија, автократскиот водач изјавува дека негова основна цел на изборите е опозицијата да не добие ниту еден пратеник во парламентот. И ги става институциите на државата во погон, за да ја оствари целта. Толку за поимањето на демократијата.

Морална криза

Ние никогаш не стасавме дотаму, но долг низ години, поведението на нашите политичари во предвечерјето и во текот на изборите беше ужасно. Јавна тајна беше дека сфаќањето на Сталин дека не е важно кој гласа туку кој ги брои гласовите, директно беше применувано во последниот час-два од изборниот ден во повеќе циклуси на македонските избори. Тоа беше и основната причина зошто првата желба на нашите партиски водачи секогаш била контрола врз МВР. Тоа е причината зошто и денес МВР е кокошката што им носи златни јајца на партиите. За жал, ваквото децениско поведение во македонската политика произведе силна деморализација кај народот кому му беше одземен духот, храброста и дисциплината да истрае во посегањето по морални цели какви што се чесни избори, на пример. Немоќен пред махинациите на партиите, народот се помири со ситуацијата дека измамата е нашата „природна состојба“ за која нема лек.

Длабоката политичка, но и морална криза во којашто западнавме со владеењето на Груевски, кој наместо да ги демонтира, ги усоврши постојните инструменти на манипулација и тотална контрола врз општеството од страна на партијата на власт. Кризата, пак, го наметна моделот „Пржино“, кој предвиде контролни механизми против злоупотребата на власта во време на избори. МНР, толку посакувано од сите политичари ѝ беше дадено на опозицијата, а се воспостави опозициска контрола и врз министерства кои можат, со финансиите со кои располагаат, да поткупат гласачи во корист на владејачката партија.

Принципот што го промовира овој модел е контрола и соработка меѓу партиите во деведесетте денови пред датумот на избори за да се намали недовербата во намерите на другиот, која произведува конфликт. Имено, власта и опозицијата треба во текот на трите месеци да ги остават зад себе политичките анимозитети и да произведат изборна процедура и изборни резултати пред кои сите ќе се поклонат како на автентичен израз на волјата на народот. Тоа е нивната основна задача. Успеат ли, заслугата е нивна. Не успеат ли, вината е нивна.

Но, нема да успеат ако која било страна смета дека сега е време да се израмнат сметките со воспоставување партиска контрола врз министерскиот ресор: власта да ја опструира работата на новата политичка гарнитура, а опозицијата да ја злоупотреби државата за промовирање на својата партија. Во трите пржински  месеци опозициските министри не можат да сторат многу во промена на состојбите во македонското општество. Според моделот од Пржино, тоа и не се очекува од нив. Но, доколку тераат партиска агенда и своите сили ги насочат кон докажување колку лошо работеле претходниците, ќе ја занемарат својата основна мисија. Таа мисија наложува прекин на политичкиот оган и заемна контрола и соработка во спроведување чесни парламентарни избори.

Формула за успех

Ако претставниците на опозицијата кои, согласно со Договорот од Пржино, се вградени во структурите на власта, не го разберат тоа и ја продолжат партиската борба, се плашам дека и другата страна нема да седи со скрстени раце. Тогаш може да крахира и моделот кој, во крајна линија, зависи од умереното и „натпартиско“ поведение на политичарите задолжени за организирање на наредните избори. Нивната задача е многу сериозна, како за моралот на народот што пека по чесни избори, така и за нашите европски перспективи.

За новите министри и заменици во владата задолжена за спроведување на изборите на 12 април, би го цитирал француски политичар Таљеран од времињата на Наполеон, кој, доверувајќи му важна задача, му порачал на еден млад дипломат: Sourtout pas trop de zele. И пред сè, без премногу жар. Со тоа, сакал да го потсети дека важните работи за државата мораат да се базираат врз разум што излегува од студена глава, а не врз емоции или манипулации со ентузијазмот на јавноста.

Наравоучение: концентрирајте се на најважното, претстојните избори да бидат како што треба. Формулата за успех и не е толку комплицирана: погледнете што правеше вашата партија за време на изборите кога беше на власт и немојте да дозволите тоа да го повтори сегашната партија на власт. Само така ќе го заслужите своето место во историјата на македонската демократија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот