
Научниците веруваат дека ја решиле мистеријата на скулптурите од Велигденскиот Остров
Научниците веруваат дека конечно ја решиле една од најголемите археолошки загатки: како древните жители на Велигденскиот Остров ги придвижувале огромните камени сткулптури Моаи до нивните крајни одредишта. Сместен на 3512 километри западно од брегот на Чиле, овој зафрлен пацифички остров е „дом“ на повеќе од 1000 монументални статуи расфрлани долж брегот.
Препорачано
Статуите, кои претставуваат човечки фигури, биле изработени од автохтониот народ Рапа Нуи во периодот меѓу 1250 и 1500 година. Тие се со просечна висина од околу четири метри и тежат помеѓу 10 и 14 тони.
Фигурите, кои се состојат од глава и тело, биле подигнати во чест на починатите предци. Многу статуи со текот на вековите биле делумно закопани поради промените во пејзажот, поради што го добиле популарниот прекар „глави од Велигденскиот Остров“.
Денес, Велигденскиот Остров е под заштита на УНЕСКО како светско наследство, а историчарите и археолозите со години неуморно работат за да дознаат повеќе за статуите и да ги заштитат од пропаѓање. Сепак, едно прашање останало без одговор со децении: како статуите Моаи стигнале до нивните конечни почивалишта?
Научниците сега веруваат дека конечно имаат одговор. Претходно се претпоставуваше дека статуите биле транспортирани хоризонтално, но таа теорија била отфрлена како премногу напорна. Со оглед на тоа дека најтешката статуа тежи околу 80 тони, за таков потфат би бил потребен огромен број луѓе.
Меѓутоа, истражувачите од Универзитетот Бингамтон и Универзитетот во Аризона претставија докази кои поддржуваат алтернативен метод. Нивната теорија сугерира дека статуите Моаи „пешачеле“ до своите локации. Ова било постигнато со користење на јажиња, при што повеќе луѓе би ја влечеле статуата со нишачко движење по специјално изградени патишта.
„Кога ќе ја придвижите, воопшто не е тешко – луѓето влечат со една рака. Се штеди енергија и се движи многу брзо“, објасни Карл Липо, професор по антропологија на Универзитетот Бингамтон.
„Тешкиот дел е воопшто да ја натерате да почне да се ниша. Прашањето е, ако е навистина голема, што би било потребно? Дали работите што експериментално ги видовме се во согласност со она што би го очекувале од перспектива на физиката?“.
За да ја тестираат теоријата, тимот создал детален тридимензионален модел на статуа Моаи и анализирал како би се движела. Резултатите потврдиле дека широките основи на статуите во форма на буквата Д овозможуваат движење нанапред кога се нишаат од една на друга страна. Тимот потоа изработил реплика на статуа тешка 4,35 тони и, со помош на 40 луѓе, успеал да ја придвижи 100 метри за само 40 минути.
„Она што експериментално го видовме навистина функционира. И како станува поголема, таа и понатаму функционира. Сите атрибути што ги гледаме за поместување на гигантските статуи стануваат сѐ посоодветни колку што се поголеми и поголеми, бидејќи тоа станува единствениот начин на кој можете да ги поместите“, вели Липо.