Натура МК: Со информирање до заштита на природата

Маврово природа есен
Маврово во есен / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

По повод Светскиот ден на заштита на природата, граѓанското здружение Натура МК во соработка со Државниот инспекторат за животна средина и Националниот парк Маврово информираат како да се заштити природата и на што да внимаваат граѓаните при прошетка во заштитени подрачја.

Постојат шест закони што опишуваат што е забрането во природата, меѓу кои и Кривичниот законик. Законот за заштита на природата, пак, се однесува конкретно на заштитени подрачја. Идентификувани се над 35 активности кои се забранети, од дивоградби, нелегално депонирање на отпад, па до криволов и нелегална сеча.

Државниот инспекторат за животна средина е задолжен за надзорот над спроведувањето на Законот за заштита на природата. Директорката Ана Петровска појаснува дека во заштитените подрачја се издвоени зони со различен степен на заштита: зона на строга заштита, активно управување и одржливо користење. Во секоја од овие зони, посочува таа, се утврдени забранети и дозволени активности.

– Инспекторите и ренџерите од заштитените подрачја се грижат да се спречи палење оган, што е забрането на целата територија на заштитените подрачја. Се контролира собирањето на растителни видови што не се заштитени и што е дозволено само во зоните за одржливо користење, а забрането е во зоните за строга заштита и активно управување. Ловот и риболовот е забранет на целата територија на заштитените подрачја, вели Петровска.

Таа додава дека и покрај дозволата за движење со моторни возила во зоните за одржливо користење и активно управување, пожелно е граѓаните да пешачат или да возат велосипед за да се намали загадувањето и да се спречи вознемирување на дивиот свет.

Определбата на забранети и дозволени активности постои за да се зачува природата и да се насочат граѓаните кон паметно користење на природата.

Националниот парк Маврово е едно од заштитените подрачја кое преку своите веб-страници им нуди информации на посетителите за можностите и правилата во паркот.

Од Националниот парк информираат дека се поставени информативни табли за спортски риболов долж реката Радика и Мавровското Езеро кои означуваат каде и како тоа е дозволено.

– Има и табли со појаснување за собирањето диви видови растенија и печурки во населените места од каде жителите се занимаваат со собирање, а има и информации за правилно одлагање на отпадот. Патеките во паркот, пак, се маркирани и достапни на официјалната веб-страница, информираат од Националниот парк Маврово.

Тие велат дека досега не се соочиле со тоа некој да се загуби или да не ја следи патеката, бидејќи ги одбегнуваат строго-заштитените зони на паркот каде движењето е забрането.

– Ние имаме и инфо-центар во Маврови Анови каде секој посетител е добредојден во работното време да се информира за можностите и за правилата во паркот. Меѓутоа, иако странските граѓани се редовни посетители на инфо-центарот, бројот на домашни посетители кои влегуваат во инфо-центарот е премногу мал. Се надеваме дека интересот за информирање на домашните ќе се зголеми, вели Самир Ајдини, директор на ЈУНП „Маврово”.

Националниот парк Маврово располага со 16 ренџери кои работат во две смени и чија задача е да го чуваат од бесправни активности.

– Тие при средба со посетителите и жителите на паркот, пред сè информираат и едуцираат за тоа што е дозволено. Меѓутоа, Паркот се протега на навистина голема површина и потребно е и посетителите да бидат свесни за важноста да се чува паркот, додава Ајдини.

Многу земји низ светот сè повеќе ја сфаќаат важноста на нејзиното зачувување, а во тоа улога имаат и граѓаните преку нивното учество и интеракција со природата.

– Светскиот ден за заштита на природата е уште еден потсетник дека ресурсите со кои располагаме се наше богатство. Природата ни дава бројни користи: вода, почва, дрва, храна, па и задоволство, одмор и рекреација. За жал со некои од овие ресурси располагаме во ограничени количини, вели Анела Ставревска – Панајотова од Натура МК.

Таа додава дека сите граѓани имаат корист од природата, но има и граѓани кои се зависни од неа, бидејќи за да опстанат финансиски се занимаваат со собирање на диви видови растенија и печурки.

Од Натура МК информираат дека работат на проект за вклучување на јавноста во борба против нелегалните активности во високопланинските предели на заштитените подрачја, како процес кој е потребен за да се воспостави паметно користење на природата и да се зачува природата.

При тоа, додаваат дека во голема мера ниту локалното население, ниту посетителите не се запознаени со тоа што е дозволено, а што забрането да се прави во заштитените подрачја.

– При вашата следна посета на заштитено подрачје информирајте се нешто повеќе за заштиеното подрачје, интернет страниците на заштитените подрачја имаат доволно информации за почеток, на пример: www.galicica.org.mk, www.npmavrovo.org.mk, www.nppelister.mk или www.vevcani.mk. Национален парк Галичица дури има изработено и апликација за телефон со информативни содржини, велат од здружението.

Советуваат да се посети локалниот инфо центар и да се добие информација директно од лицата надлежни за заштита на природата.

– Однесувајте се паметно и со почит кон природата, односно не ја оштетувајте и не оставајте отпад. Доколку посведочите неправилност, обратете се до установата која управува со заштитеното подрачје и до Државниот инспекторат за животна средина, апелираат од Натура МК.

Од здружението велат дека како значаен пример за историјата на Република Северна Македонија во однос на заштитата на природата е станувањето членка на УНЕСКО на 28 јуни 1993 год. При што, под заштита на организацијата кај нас е регионот на Охрид со неговите културни, историски и природни реткости.

Првото заштитено подрачје во Република Северна Македонија е прогласено во 1948 година, а тоа е Национален парк „Пелистер”.

Во земјата има 81 заштитено подрачје, од кои како позначајни заштитени подрачја се издвојуваат четирите национални паркови: „Галичица“, „Маврово“, „Пелистер“ и „Шар Планина“ како најнов, a најбројни се спомениците на природа, дури 61, меѓу кои е и „Вевчански извори“.

Најголемо заштитено подрачје е Национален парк „Маврово“ кој се протега на површина од 72 204,1 ha или тоа е еквивалентно на 101 000 фудбалски игралишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот