Наместо туристичка атракција, Аквадуктот стана срам пред туристите: Нема кој да исчисти и да искоси!

Скопски Аквадукт/ Фото: Зоран Таневски

Скопје има со што да се пофали како културно наследство, но не може баш да се пофали со грижата за дел од објектите, кои се атрактивни за посетителите, но кога тие ќе дојдат на локацијата каде што се наоѓаат, остануваат вчудовидени од она што ќе го видат, за жал во негативна смисла.

Туристите што Скопје ќе го изберат за своја дестинација за посета, имаат навистина што да видат во градот и околината – манастири, цркви, културно историски споменици од различни периоди од градското живеење, Старата чаршија, Калето, мостовите, Скупи, Аквадуктот. Само во регистарот на Управата за заштита на културно наследство во надлежност на НУ Конзерваторски центар Скопје се наведени околу 140 недвижности, од кои десетина се во категоријата културно наследство од особено значење.

Градот има со што да се пофали како културно наследство, но не може баш да се пофали со грижата за дел од објектите, кои се атрактивни за посетителите, но кога тие ќе дојдат на локацијата каде што се наоѓаат, остануваат вчудовидени од она што ќе го видат, за жал во негативна смисла.

Зоран Таневски, туристички водич, објаснува дека во програмата за разгледување на градот за групи од странство, избегнува да ја вметне посетата на скопскиот Аквадукт, затоа што, како што вели, се срами од она што таму ќе го видат туристите.

Неодамна на инсистирање на една група го посетивме Аквадуктот. Замислете, Владата го прогласи овој објект за споменик со највисок степен за заштита, но таму со прст не е мрднато за заштита на објектот и околината. Нема приоди, единствен приод е по патчето меѓу куќите и Серава, а таму дел од патот е узурпиран. Откако некако ќе се стигне кај Аквадуктот, што да ви речам, ѓубре на сите страни, кој како сака фрла, израснати треви, ужасно. Наместо да претставува туристичка атракција, Аквадуктот е претворен во туристички срам. Не ми е јасна таа негрижа на надлежните за целиот тој простор – вели Таневски.

Скопски Аквадукт/ Фото: Зоран Таневски

Слична е сликата и кај археолошкиот локалитет Скупи во Злокуќани. Овој локалитет е ограден, па би се очекувало состојбата да е подобра. Ѓубре нема, но затоа, пак, целиот простор е неискосен и запуштен. На оградата освен натписот дека тука се наоѓа археолошкиот локалитет нема никаква друга информација, особено она што е најбитно нема информација кога Скупи е отворен за посетители. Па, така, како што раскажува Таневски, групата што ја водел со намера да го посетат Скупи, останала пред врата.

Стигнавме во 13.45 минути и чуварот од зад затворена врата ни кажа дека локалитетот работи до 14 часот, ама вработените си заминале порано. Кога почнав да објаснувам дека е срамота тоа да се вратат туристите, одговори дека и така не е окосено и дека не можело многу да се види. Љубезно нѐ упати да се жалиме во Министерството за култура. Па, така, си постојавме пред капијата и си заминавме – вели Таневски.

Археолошки локалитет Скупи/ Фото: Зоран Таневски

На прашањето до Министерството за култура, оттаму нѐ упатија да се обратиме до Конзерваторски центар, како надлежен за Аквадуктот и за Скупи. Од Конзерваторски центар одговорија до каде е реализацијата на проектот за заштита на Аквадуктот, но не и конкретно на прашањето чија обврска е да се уреди просторот околу објектот.

Според нив, на изработката на Основниот проект за конзерваторско реставраторски работи на Аквадуктот и на неговата непосредна заштита му претходеле 15-годишни мултидисциплинарни истражувања, кои завршиле во 2019 година, во кои биле вклучени домашни и странски експерти. Врз основа на овие истражувања, резултати и препораки во 2020 година е изработен Основниот проект во кој покрај конзерваторско-реставраторски работи има, како што велат, и Проект за фундирање и Градежно конструктивен проект, со кои се предвидени специфични градежни зафати со повеќе видови санациони мерки за стабилизација и консолидација на конструкцијата на градбата и теренот.

Реализацијата на интегралниот проект се изведува во неколку фази.

Првата фаза се реализираше во текот на 2021/22 година при што првата интервенција се однесуваше на поставување на дренажен канал, на исток до објектот, во должина од 160 м. Со поставувањето на каналот, се создадоа услови за градежните интервенции, кои во најголем обем конкретно се насочени за стабилизација на надземните ѕидани структури кај критичните (инклинирани) столбови, потоа санациони мерки на постојните темелни партии, а во зоните на дестабилизираните сегменти од градбата и непосредни/ директни интервенции за зајакнување на почвениот материјал (земјиштето/почвата под темелите) со изведба на систем од микроколови на проектирана длабочина од околу 6.0 м. Со оваа прва фаза мерките за статичка стабилизација на инклинираните столбови на објектот и консолидација на почвата под темелите се однесуваше на 6 од вкупно 10 инклинирани столбови – објаснува Мирка Илоска, советник конзерватор во НУ Конзерваторски центар во Скопје.

Во втората фаза, која е во тек, се врши статичка стабилизација на преостанатите четири инклинирани столбови на објектот и консолидација на почвата под нивните темели за да се обезбеди идната стабилност и егзистенција на објектот. Со оглед на значењето на Аквадуктот и во зависност од финансиите, непосредната заштита на објектот ќе се одвива во повеќе фази во текот на неколку години.

Илоска објаснува дека со одлуката на Владата со споменикот управува Градот Скопје, кој треба да донесе План за управување со споменикот, согласно Законот за заштита на културното наследство.

Успешното управување со културното наследство мора да биде сеопфатно и да обезбеди одржлив развој на територијата од доброто што подразбира презентирање на доброто како културно наследство, преку усогласување на функцијата, соодветно уредување на просторот и обезбедување достапност на јавноста заради задоволување на културните, научните, едукативните, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството како и користење на просторот како јавна зелена површина со хортикултурно и партерно уредување според конзерваторски проект, според утврдениот режим за заштита на доброто – вели Илоска и додава дека се започнати подготвителни активности, чија цел е донесување на планот, во координација на Градот Скопје и надлежните за културното наследство НУ Конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство

Пред две години пак започнаа активностите поврзани со тековно одржување и систематски археолошки истажувања на две локации од локалитетот Скупи, едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичко време кај нас.

Скупи/ Фото:Зоран Таневски

Но, во меѓувреме, додека се прават планови и фазно се реализираат реставраторските работи, добро би било некои од надлежните да организира чистење и косење на просторите на овие два локалитети, за што не треба ни многу пари, ниту време, ниту проекти и стручни мислења. Треба само договор кој да го направи тоа за да не се срамиме пред светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот