Намалени долговите на Велес, Коцевски ќе го враќа сјајот на градот

Велешкиот градоначалник, Аце Коцевски, се пофали дека за две години успеал да го намалил општинскиот долг. Од наследените 3.357.096 евра, општината сега должи 632.447 евра. За две години од надворешни фондови со учество на општината, се обезбедени 13 инфраструктурни проекти во вредни повеќе од 2,5 милиони евра. Во Општината во тек се повеќе проекти вредни 2.501.031 евра, рече градоначалникот Аце Коцевски.

Намалени трошоците за репрезентација од 21.144 еврa во 2016, на 1.702 евра за годинава. Ги намалиле и парите за патни трошоци од 22.350 евра во 2016 година на 6.402 евра годинава. Околу 17.000 евра во 2016 година чинеле трошоците за гориво, а годинава се 9.635 евра.

-Состојбата во селата во Велес беше и сè уште е многу лоша. Од 29 села, патна инфраструктура има само во 41,3 отсто или во 12 села, водовод има во 37,9 проценти или 11 села, канализација во седум 7 села (24,1 проценти), а пречистителни станици во само 10 проценти или три села – изјави Коцевски.

Незамисливо е жителите од руралните населби во општината во 21 век да газат по кал и да се подложни на заразни болести, заради недостиг на чиста и здрава вода за пиење, потенцираше Коцевски. Па, затоа, се решил во првиот дел од мандатот да се посвети на надминување на катастрофалните состојби, а проектите биле најзастапени бидејќи биле приоритет и за донаторите

За инфраструктурата за две години во Велес имало 680 градежни зафати и активности. Коцевски се пофали и дека се градело повеќе од претходните години. За годинава општината издала 300 налози за градежни зафати.

За образованието од општинската каса Велес инвестирало со околу 4,5 милиони денари за реконструкција и санирање на училишните објекти, за набавка на опрема и изготвување на техничка и проектна документација и изградба и реконструкција на спортски објекти и терени, како и за уредување на дворни места. За истата намена годинава се инвестирани околу 3,5 милиони денари.

Коцевски изјави и дека ги подобриле капацитетите за управување со отпад, а за две години подигнале 3.000 метри квадратни зелени површини.

За социјалната заштита Коцевски информираше дека лани реализирале активности и инвестирале 1.655.997 денари, а годинава досега се вложени 463.639 денари.

Во Општината траат повеќе проекти што локалната каса ја празнат за над 2,5 милиони евра, а тука се: проектот Смарт езеро „Младост”, асфалтирање на постоечки земјен пат помеѓу селата Сливник и Бузалково, изградба на патен правец село Сливник – село Бузалково и изградба на улици во село Сливник, асфалтирање на постоечкиот земјен пат до локалитетот Пешти финансиран од АФПЗРР преку мерка 323 за рурален развој.

Велешкото комунално претпријатие „Дервен” доби нови возила и нова механизација вредна 925.955 евра, а дел од механизацијата е обезбедена од парите што како долгови Општината му ги врати на Јавното претпријатие, вели градоначалникот.

Воедно, информира дека во соработка со проектот „Македонија од горе” Велес е првата Општина во земјава што доби виртуелна туристичка прошетка по најзначајните 18 знаменитости во градот.

– На сите скептици им порачувам дека Велес наскоро ќе го врати стариот сјај помеѓу водечките општини во државата – вели Коцевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот