Најмалку 27 загинати во снежната бура во државата Њујорк, Бајден одобри итна помош

Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Во силната снежна бура што го парализираше западниот дел на американската сојузна држава Њујорк за време на божиќниот викенд загинаа најмалку 27 лица, соопштија локалните власти, додека комуналните претпријатија се обидуваат да го откопаат снегот што ги закова возилата и домовите.

Марк Полонкарц, началникот на округот Ири, чие седиште е во градот Бафало, истакна дека бројот на смртни случаи поврзани со невремето во округот се зголемил за 14 во текот на ноќта, вклучително и случаи на луѓе кои биле пронајдени во снежни наноси, во нивните автомобили или кои починале од проблеми со срцето поради силниот ветер и снежните наноси.

Пријавени се повеќе смртни случаи, рече Полончарц, но окружниот медицински истражител се обидува да утврди дали сите може директно да се припишат на временските услови.

Според Ен Би Си Њуз, најмалку 60 луѓе загинале низ целата земја, вклучително и оние кои загинале во сообраќајни несреќи, како резултат на времето и арктичкиот студ што го погоди поголемиот дел од САД во текот на викендот.

Снежното невреме во областа Бафало, вториот по големина град во државата Њујорк, се смета за најлошо во последните 45 години, каде што на пример во вчера изутрина на тамошниот аеродром беа измерени 127 сантиметри снег.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, рече дека бурата ќе остане запишана во историјата како „снежна бура 22″, рангирана како најлоша снежна бура од 1977 година, кога загинале околу 30 луѓе.

Американскиот претседател Џо Бајден на Твитер објави дека разговарал со Хочул и дека неговата администрација ќе помогне да се покријат огромните трошоци поврзани со спасувањето и закрепнувањето од невремето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот