
Наградите на фестивалот „Ѕирни“ ја потврдија авторската храброст на младите филмаџии
Фестивалот на филм и музика „Ѕирни“, што се одржа од 29 септември до 6 октомври во „Котур“ и на платото пред Дом на АРМ, имаше успешно седмо издание, кое беше финализирано со награди за најдобрите филмски остварувања.
Препорачано
Годинава на „Ѕирни“ наградата „Данчо Чеврески“ за најдобар филм во официјалната селекција ја доби „On the way“ во режија на Самир Карахода, најдобар студентски филм е „Ментор“ на Тинкара Клиптетер, најмногу гласови од публиката доби анимираниот „Неми филмови“ во режија на Крсте Господиновски, додека Специјално признание за филм од официјалната селекција доби „Остров“ на Бранко Костески.
Жирито во состав Кристина Леловац (актерка), Трифун Ситниковски (режисер) и Дина Дума (режисерка), за доделувањето на наградата „Данчo Чеврески“ образложи дека „прашањата за миграцијата се меѓу најгорливите теми на нашето време, а Самир Карахода им пристапува со извонредна суптилност и нежност. Инспириран од разговор со неговиот син, филмот ја оцртува безизлезноста на професијата на таткото како филмски режисер, спротивставена на соништата на синот, кој сака да стане фудбалер – соништа за кои знае дека не можат да се остварат во Косово. Преку оваа лична, но и универзална приказна, Карахода ја осветлува дилемата на една генерација заробена меѓу љубовта кон татковината и итноста на нејзино напуштање во потрага по подобар живот“.

Жирито одлучи да додели Специјално признание од официјалната селекција за филмот „Остров“ на Бранко Костески, бидејќи „филмот вешто си игра со карактеристиките на добро познатите романтични комедии, излегувајќи надвор од вообичаените норми за еден македонски филм. Во исто време обработува силна и актуелна порака за современиот свет на романтичните врски, општествениот притисок за создавање семејство и потребата од зачувување на индивидуализмот – секојдневни проблеми кои постојано се во меѓусебен судир“.
Со наградата за најдобар студентски филм жирито одлучи да ја истакне авторската храброст на Тинкара Клиптетер, која во својот филм „Ментор“, работен во рамки на студиите на АГРФТ – Љубљана, одважно бира да ги деконструира сложените динамики и културата на нормализирано насилство на театарските академии.

Жирито во состав Слаѓана Вујошевиќ (актерка), Игор Христов (режисер) и Горјан Атанасов (монтажер), одлучуваше за трите најдобри филмови направени за еден викенд во рамки на „48-часовен филмски предизвик“.
Првата награда ја доби филмот „Несоница“ направен од тимот во состав: Мартина Гогова, Стефани Миленковска, Никола Станишлевиќ и Антигона Џорлева, заради „…метафората за колективното чувство на летаргија на една цела генерација“.
Второто место го освои филмот „Клошари“ на тимот Едис Усеин, Борјан Поповски, Дамјан Шоќев, Андреј Самарџиев, Веран Павлов, Ана Ангелич, Надја Лукановска, Огнен Ромевски и Антонио Једиковски. Третото место му припадна на „Fever dream“ на тимот Ева Божиновска, Ведра Симонова и Теодор Дамјаноски.
Специјално признание добија „Остатоци“ на Леона Јариќ, Ѓорѓе Нешковиќ, Михаела Димитровска, Ева Тодоровска, Андреј Димески, Ксенија Манулеска и Теона Христовска, како и „Во чие име“ на Наќе Батев и Ивана Батев.