Надлежните молчат: Има ли во Македонија позитивни на ковид-19 кои се вакцинирани со две дози?

Гужва за вакцинација без термин во Букурешт / фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Информацијата дека во земјава постојат такви граѓани, ја добивме неофицијално од лекари во повеќе градови, меѓутоа откако ги применивме сите методи на професионалнa новинарска проверка на информациите, наидовме на ѕид од институциите на системот одговорни да ја информираат јавноста сеопфатно за вакциналниот процес

Во земјава има граѓани, кои и покрај примените две дози вакцина, сепак се позитивни на коронавирусот, дознава „Слободен печат“.

Потврда или демант за ваквата информација не сакаат да дадат ниту од една официјална институција. Молчат во Министерството за здравство, во Институтот за јавно здравје, во Центарот за јавно здравје – Скопје како и во „Мој термин“.

Информацијата дека во земјава постојат такви граѓани, ја добивме неофицијално од лекари во повеќе градови, меѓу кои Скопје, Тетово и Кавадарци, меѓутоа откако ги применивме сите методи на професионалнa новинарска проверка на информациите, наидовме на ѕид од институциите на системот одговорни да ја информираат јавноста сеопфатно за вакциналниот процес.

Нашите прашања упатени до сите институции се однесуваа на тоа дали е точно дека во земјава има граѓани кои се вакцинирани со две дози, а кои се позитивни на ковид-19, ако е точно, каква е нивната клиничка слика, со вакцина од кој производител се вакцинирале, дали поминало доволно време по апликацијата на втората доза за да развијат имунитет (на пример, три недели по примената втора доза од вакцината на „Фајзер“) и за колку вкупно граѓани станува збор.

На ниту едно прашање не добивме одговор ниту од ЦЈЗ Скопје, ниту од „Мој термин“, ниту од МЗ ниту од Институтот за јавно здравје.

Директорот на ИЈЗ Шабан Мемети за „Слободен печат“ изјави дека нема таква информација во ИЈЗ. Истото го изјавија и од „Мој термин“ и од ЦЈЗ Скопје.

Во другите европски земји не се кријат информациите дека има вакцинирани граѓани со две дози што се позитивни на ковид-19.

На пример, „Волстрит џурнал“ објавува дека во Израел има возрасни вакцинирани со две дози на „Фајзер“, а кои се заразиле со делта сојот на коронавирусот, што ја натера израелската влада повторно да воведе задолжително носење маски на затворено.

И во Велика Британија има луѓе што примиле две дози вакцина, а се позитивни на ковид-19, и тоа околу 400 дневно.

– Знаеме дека секој што е вакциниран со две дози е релативно безбеден од вирусот, но да не заборавиме дека еден од 25 нови случаи е на целосно вакцинирани граѓани, што значи дека 400 случаи дневно се од граѓани што ги примиле двете дози – изјави за „Дејли рекорд“ Дејвид Кинг, поранешен научен советник во владата на Обединетото Кралство.

Претходно македонските експерти за имунологија кажаа дека во ретки случаи, можно е граѓаните вакцинирани со две дози да се позитивни на коронавирусот и покрај имунизацијата, но дека вакцините штитат од тешка форма на болеста и од смртен исход во голем процент.

Пандемијата им одзеде родител или старател на 1,5 милиона деца низ светот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот