Над 4.000 луѓе направија елка на плоштад, ќе видиме дали ќе влезе во Гинис

На плоштадот „Македонија“ скопјани денеска се обидоа да постават нов Гинисов рекорд за најголема новогодишна елка во светот направена од луѓе. Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов најави дека снимките од настанот ќе бидат испратени, по што ќе се чека одговор дали е срушен Гинисовиот рекорд.

– Заедно со скопјани се обидуваме да го срушиме Гинисовиот рекорд за најголема елка направена од живи луѓе. Благодарност до сите скопјани што учествуваа во оваа предновогодишна манифестација бидејќи идејата на сите ни е иста, а тоа е нашиот град да биде градот каде е направена најголемата жива елка во светот – изјави Шилегов.

Тој информира дека се направени дронски снимки од настанот, кои ќе бидат испратени и ќе се чека одговор.

– Направени се снимките тие ќе бидат пратени. Очекуваме деновиве да добиеме одговор дали успеавме да го срушиме Гинисовиот рекорд. Стариот е околу 4.020 лица. Ние таргетиравме 5.500. Не успеавме да ја стигнеме таа бројка, но во секој случај по она што го видов од дронските снимки, мислам дека успеавме да го надминеме рекордот. Да почекаме тоа да биде и официјално – рече Шилегов.

Формирањето новогодишна елка од луѓе, како што соопштува Град Скопје, е дел од програмата на „Винтерленд“.

Настанот е збогатен со музичко-забавна програма, а за доброто расположение на учесниците ќе се погрижат Бени Шаќири и „Нонстоп“.

Најголемата елка од луѓе според Гинис е направена во Индија, во 2015 годинa.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот