На Турција одеднаш ѝ се брза!

epa08595715 (FILE) - National seismic exploration vessel Oruc Reis sails on the Bosphorus in Istanbul, Turkey, 21 November 2018 (re-issued 10 August 2020). Greek Prime Minister Mitsotakis on 10 August 2020 called a meeting with Greek military chiefs following a Turkish announcement that the Oruc Reis has set sails to a disputed area near Greek island of Kastellorizo. EPA-EFE/TOLGA BOZOGLU

Скоро три месеци по состанокот Дендијас-Чавушоглу на Форумот во Братислава на 8 октомври, Анкара се чини подготвена да повика на дијалог со Атина, кога турскиот министер за надворешни работи објави дека наскоро ќе предложи датуми за продолжување на разговорите.

Поканата е прашање на денови, најдоцна до почетокот на јануари и не е исклучено тој состанок на министрите за надворешни работи да биде формулиран како почеток на политички дијалог.

Промената на тактиката од страна на Анкара, која сега се проектира како заинтересирана за брзи разговори, по долг период на предизвици во Источниот Медитеран и Егејот, што е кочница за можноста за разговори, започна со повлекувањето на бродот „Оруч Реис“ од спорните води околу Кипар на крајот од ноември, единаесет дена пред самитот на ЕУ, со најавата дека шест месеци бродот и придружните пловила ќе го пребаруваат Анталискиот залив, во рамките на турскиот континентален гребен, подрачје што може да се истражи за само неколку дена. Не е исклучено да се издадат и поинакви наредби, со други географски граници за истражување, доколку Турција смета дека разговорите со Грција не ги исполнуваат посакуваните рамки.

Обид за нормализација со САД

Во моментов, главната цел на Анкара е да постигне нормализација на односите со Соединетите Држави. Првиот пакет санкции на САД за набавката на рускиот ракетен систем С-400 се објави еден ден по самитот на ЕУ. Тие ѝ даваат предност на новата американска администрација на Бајден да се движи комотно против администрацијата на Ердоган, бидејќи мнозинството републиканци исто така гласаа за мерките. На Самитот на министрите за надворешни работи на НАТО, по инаугурацијата на новата американска администрација на 20 јануари, Турција ќе ја дознае почетната американска позиција на наследникот на Мајк Помпео.

Прашањето за односите НАТО-Русија и НАТО-Турција ја носи политиката на Ердоган на врвот на агендата на Алијансата, низ целата мрежа на надворешни односи на Анкара. Загриженоста на турската дипломатија се рефлектира во новата рунда посети на министерот Чавушоглу, насочена кон зајакнување на профилот на Турција како критична сила за НАТО, особено на точките од американскиот геостратегиски интерес. Тој ја посети Индонезија во понеделникот и треба да ја посети Малезија следната недела, земја која исто така има добри односи со Турција и е репер за надворешната политика на САД во Југоисточна Азија.

Со цел да се намалат точките на триење со Вашингтон и да се спречи можноста од компликации во НАТО, Турција се обидува да ги подобри односите со ЕУ, но фронтовите што ги има отворено низ Европа и дома, ја чини многу тешка поддршката за неа дури и од европските земји кои се во стратегиски односи со Ердоган.

Предавање на ЕУ „штафетата“

Меркел му го предава претседателството на ЕУ на португалскиот премиер Коста, со големиот товар од нејзиниот неуспех во сите евро-турски прашања, дури и по прашањето на бегалците. Покрај тоа, неуспехот на Берлин во решавањето на човековите права и владеењето на правото во Турција сега се појавува во пресудите на Европскиот суд за човекови права за ослободување на активистот Осман Кавала и на еден поранешен опозициски лидер. Одлуките, што се обврзувачки за Анкара, Ердоган сепак ги опиша како лицемерни, додека во исто време турските судови издаваат нови пресуди за луѓето кои го критикуваа претседателот на Турција, како што се поранешниот пратеник Ѓувен и новинарот Дудар, кој е засолнет во Германија.

Атина, пак, по одлуката на Самитот на ЕУ од 11 декември и по упатувањето на дебатата за санкциите од мартовскиот Самит е принудена директно со Анкара да се договори за организацијата и рамката на меѓусебните разговори. Најпрво, дали турскиот повик за истражување во водите на Медитеранот јасно ќе наведе дека тоа ќе биде продолжение на претходниот циклус истражувања што беше прекинат во 2016 година или – напротив – Турција ќе биде прва што ќе ја отвори агендата во целиот спектар на своите тврдења за Источниот Медитеран и Егејското Море. Доколку се случи второто, тоа ќе отвори нова игра на негирање на одговорностите и ескалирање на воената напнатост од страна на Турција.

Со овие сценарија на маса, дипломатските извори проценуваат дека разговорите би можеле да започнат околу крајот на јануари и почетокот на февруари, кога тие ќе се движат паралелно со дискусиите за кипарското прашање во неформалната „пентагонала“ под покровителството на ООН. Сепак, Ердоган продолжува со истата офанзивна линија, бидејќи во својот говор пред некој ден повторно зборуваше против САД и ЕУ, за нивната дволичност со Турција по прашањето на Источниот Медитеран и за системот С-400. Тој дури го повика Вашингтон „да им даде соодветно значење на американско-турските односи и да ја ослободи Европа од стратегиското слепило“ за да отвори нова страница во меѓусебните односи.

Преземено од „Ефемерида тон синтактон“ од Атина

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот