На потрошувачки кредити оди половина плата

Profimedia
Фото: Профимедиа

Присилната наплата може да биде до една петтина доколку должникот има плата до висина на просечната во државата, а до една третина ако е над просечната плата

Соодносот на месечната рата и на редовните месечни примања при земање потрошувачки кредит најчесто е 50 проценти, но достигнува и до 60 проценти, во зависност од банката, покажуваат банкарските податоци.

Потрошувачкиот кредит е најзастапен во структурата на кредитите, по него многу лесно се посегнува. Податоците покажуваат дека околу 1,6 милијарди евра се дадени во вид на потрошувачки кредит, односно во овој вид кредит се пласирани околу половина од парите дадени за кредитирање на домаќинствата.

Во просек, секој вработен должи 2.800 евра замени како потрошувачки кредит. Ако половина плата се даде за отплата на рата, дефинитивно тешко се живее, особено ако се земе предвид дека просечната плата е околу 28.700 денари, но 60 отсто од вработените земаат плата помала од 25.000 денари.

Сепак, доколку дојде до тоа некој да не може да ги враќа ратите, банката нема да може да му одземе 50 или 60 отсто од плата, објаснуваат извршителите.

– Присилната наплата може да биде до една петтина доколку должникот има плата до висина на просечната во државата, а до една третина ако е над просечната плата. Но, износите на ратите и извршувањето, не треба да се мешаат.

Тоа се две различни работи. Извршувањето е присилна наплата, а прифаќањето на ратите е доброволно. Од друга страна, треба да се земе предвид дека банките во своите договори може да обезбедат и други механизми за наплата, а не само платата, какви што се хипотеки, жиранти, и тоа да се искористи при извршувањето – објасни за „Слободен печат“, извршителот Зоран Димов.

Народната банка констатира дека од почетоков на годината има зголемување на нефункционалните кредити, односно кредити чии отплати на рати доцнат повеќе од 90 дена, но како што може да се види, вкупното ниво на нефункционални кредити е на историско најниско ниво од 3,5 проценти.

„Во однос на кредитниот ризик, во првиот квартал на 2021 година стапката на нефункционални кредити има минимално зголемување и изнесува 3,5 проценти. Оваа промена главно е одраз на кредитите на домаќинствата, додека нефункционалните корпоративни кредити останаа речиси непроменети“, соопшти Народната банка.

Банките, пак, во Анкетата за ризиците во банкарскиот систем навеле дека очекуваат да се влоши состојбата со враќање на потрошувачките кредити.

„Претежни очекувања за влошување на квалитетот на кредитното портфолио може да се увидат во однос на необезбедените потрошувачки кредити (за што се изјасниле половината од анкетираните банки), а одреден дел (36 проценти) очекуваат влошување на портфолиото на потрошувачките кредити во денари“, пишува во Анкетата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот